top of page

Јулијана Величковска поднесе оставка од позицијата член на Претседателство на ДПМ



Драги пријатели и почитувани соработници, многумина од вас периодов прашуваа за мојот ангажман и за состојбите во Друштвото на писателите на Македонија, па сакам да ве известам дека денес поднесов неотповиклива оставка од позицијата Член на Претседателството на ДПМ.


За причините прочитајте подолу во образложението, а оставката ви ја пренесувам интегрално:


До

Претседателството на

Друштво на писателите на Македонија


Почитувани,


Со овој допис би сакала да ве известам дека поднесувам неотповиклива оставка од позицијата Член на Претседателството на Друштвото на писателите на Македонија.


Образложение:

Од моето назначување како член на Претседателството на ДПМ по гласањето што се одржа во мај годинава до ден-денес не учествував на ниту еден состанок на Претседателството, од сите (ЕДЕН!) што беа организирани, на којшто отсуствував поради позитивен тест на ковид-19.


Во неколку преписки по мејл изразив незадоволство од тоа како функционираат нештата, а особено бројни се моите забелешки за тоа како НЕ функционираат нештата во Друштвото и се надевав на барем уште еден состанок на кој ќе можам детално да ги изнесам своите ставови, забелешки, но и идеи како да се подобри комуникацијата, работата, но и угледот на ДПМ.


За жал, кога и јас и други членови на Претседателството побараа состанок, Претседателот прогласи некаков „летен одмор“ на ДПМ, за време на кој тој активно работеше појавувајќи се на настани, потпишувајќи договори за соработка и изнесувајќи ставови во јавноста по разни прашања во име на ДПМ, за сега, во последниот мејл од пред три дена од Претседателот тој летен одмор да биде прогласен за „завршен“, но поради бројните активности на ДПМ месецов (!), состанокот на Претседателството се вели дека се планира дури за средината на октомври, значи откако ќе завршат сите активности за кои во мејлот бевме известени дека ќе се случуваат.


Се остава впечаток дека Претседателот активно работи на својата агенда без притоа да се консултира и да се советува со членовите на Претседателството. Со други зборови, сметам дека на Друштвото му фали точно тоа ‒ тимска работа, дружба, размена на идеи и ставови, заедничко носење одлуки во најдобар интерес за сите членови, како и заложби бројот на членови да расте, сѐ со цел да се подобри низ години нарушениот углед на ДПМ, но и активно и вистински да се заштитат правата и улогата на писателите во општеството, а не само декларативно!


Христо Петрески е скорешен претседател на ДПМ

Според моето видување на нештата, заедничките интереси не се на прво место во ДПМ, а јас не сакам да фигурирам со име и презиме како наводен одлучувач зад добар дел од активностите што периодов се случуваат во организација и во име на ДПМ. Примерите се бројни - несреќните обиди за цензура на коментари и критики од јавноста, несоодветната комуникација со јавноста преку социјалните мрежи, разните соопштенија со бројни грешки, чудните, па дури и чудесните договори за соработки со познати и непознати здруженија во кои ние како Претседателство немаме увид што всушност подразбира таа соработка, нетранспарентното работење со финансиите итн.


Па, имајќи ги предвид состојбите во ДПМ, чувствувам одговорност кон сите членови што го дадоа својот глас и ме поддржаа во оваа идеја да бидам член на Претседателството и да помогнам со сето свое знаење, умеење и искуство да се реформира работата на ДПМ. И токму заради таа одговорност пред нив, а и пред себе, би сакала да се изземам како Член на Претседателството на ДПМ, поднесувајќи неотповиклива оставка од оваа позиција (ако воопшто може да се смета дека ја имав), оти не би сакала никако да ги изневерам очекувањата на оние што имаа доверба во мене и оти мојот впечаток е дека се нема волја за зрел и отворен дијалог по кој нештата ќе се сменат на подобро.


Се надевам дека во некои подобри времиња во иднина ќе имам прилика да го дадам својот придонес во Друштвото, а во меѓувреме ќе продолжам да работам во интерес на македонските писатели и книжевни преведувачи како издавач и како организатор на книжевни настани, фестивали и манифестации.


Скопје, 15.09.2022 г.


Со почит,

Јулијана Величковска

Bình luận


bottom of page