Јукио Мишима, роден Кимитакe Хираокa, е контроверзен јапонски поет, драмски писател,
модел, режисер, империјалист, хомосексуалец кој животот го завршил со ритуално
самоубиство. Во целата негова уметност провејува неговата мрачна, субверзивна личност.
Бил 3 пати номиниран за Нобелова награда за литература, но последниот пат наградата ја
добил неговиот сонародник и поддржувач Јасунари Кавабата. Имал претци самураи и бил
фасциниран со самурајските идеали. Своевремено изјавил дека ако го цениме
достоинството во животот, зошто тогаш да не го цениме достоинството во смртта.
Мишима бил ултра-националист и реакционер, загрижен за модернизацијата и
влијанието на западниот материјализам врз Јапонија по Втората светска војна и сметал
дека тие водат кон губење на јапонскиот идентитет и традиционалните вредности. Во
обид да ги врати овие вредности, тој формирал паравоена организација наречена
„Татенокаи“ (Здружение Штит), составена од млади патриоти посветени на заштита на
јапонскиот суверенитет и царот како симбол на јапонскиот идентитет.
На денот на својата смрт, Мишима и неколку членови на Татенокаи влегле во воената база
во Токио и се обиделе направат пуч за враќање на моќта на царот. Не добивајќи
поддршка, Мишима извршува харакири, следејќи го традиционалниот самурајски обичај.
Неговиот чин предизвикал шок во јапонската јавност и останува контроверзен до денес,
со различни толкувања за неговите мотиви и значењето на неговото самоубиство. Некои
луѓе мислеле дека тоа е долго време планиран уметнички чин, некои дека е чисто
политички или патриотски гест, некои дека е чисто лудило, некои дека е одмазда на
неговата долго потиснувана хомосексуалност, некои дека е очајна, морничава фарса на
еден мајстор за скандали, кој не може да се соочи со стареењето и со медиокритетот.
Мишима живеел кај баба му од таткова страна која му забранувала многу работи и го
чувала како под стаклено ѕвоно. Таа имала испади на бес, што можеби ја оправдува
неговата фасцинација со смртта. Загрижен дека баба му премногу го разгалила, неговиот
татко го вратил на 13 годишна возраст дома и применувал строга дисциплина во
воспитувањето. Му забранувал да пишува, затоа што според него тоа било за жени и му ги
кинел текстовите што ќе му ги најдел. Но Мишима продолжил да пишува, а мајка му била
првиот судија на неговите први литературни потфати. Од двете баби ја стекнал љубовта
кон традиционалниот јапонски театар Кабуки и Но.
На крајот на Втора светска војна бил регрутиран во војска но на прегледот бил прогласен
за неспособен со дијагноза за туберкулоза, иако имал само настинка. Вината за тоа што не
бил во војска ја чувствувал до крајот на својот живот, што се одразила во неговиот восхит
за камиказите и можеби допринело за неговото самоубиство.
Неговите хомосексуални и самоубиствени тенденции се очигледни во неговите
литературни дела. Особено неговиот расказ „Патриотизам“, кој подоцна е обработен во
краток филм „Ритуал на љубовта и смртта“, во кој тој е сценарист, режисер и го глуми
главниот лик. Тоа е приказна која глорифицира ултранационалистички офицер на
јапонската армија кој извршува самоубиство по неуспешниот бунт против владата. Во него
на некој начин тој прави главна проба на својата смрт.
Мишима бил модел за неколку Јапонски фотографи, од кои највпечатлива е книгата
фотографии на Еико Хозое. Фотографиите на Еико Хозое од Јукио Мишима претставуваат
фасцинантен спој на хомоеротизам, естетика и концептуална уметност, кои го слават
човечкото тело на начин што ја надминува традиционалната сексуалност и се фокусира на
митската, симболичката и физичката димензија на телото.
Телото на Мишима е прикажано како објект на восхит, каде се слави физичката
дисциплина и идејата за совршенство. Композицијата често е инспирирана од класичната
уметност, особено од грчката и ренесансната естетика.
Положбите и реквизитите во фотографиите – како цвеќиња, крстови или јажиња – носат
двосмислена симболика, која може да се чита како алузија на посакувањето, потчинување
и еротска тензија. Иако фотографиите не се експлицитно сексуални, нивната енергија е
набиена со сензуалност. Во многу сцени, телото на Мишима е претставено како трпи
болка или умира, што додава садомазохистички и хомоеротски тон на фотографиите.
Мишима и Хозое ја делат фасцинацијата со телото како симбол на моќта, убавината и
минливоста. За Мишима, кој самиот бил опседнат со физичката дисциплина и
самоусовршување, телото е храм на волјата. Во целина, соработката на Еико Хозое и
Јукио Мишима претставува редок пример на уметничка синергија, каде фотографијата
станува визуелен наратив за човечката еротика и трансценденција.
Најдобар приказ на комплексноста на неговата личност е биографскиот филм “Мишима -
Живот во четири поглавја“ на Пол Шредер, кој е попознат како сценарист на култните
филмови „Taxi Driver“ и „Raging Bull“. Филмот е поделен на 4 поглавја: 1.Убавина, 2.
Уметност, 3. Акција и 4. Хармонија помеѓу перото и мечот, и секое од нив симболизира
клучен аспект од животот и философијата на Мишима.
Филмот е најголемото достигнување на Шредер како режисер и го претставува Мишима
како уметник кој прави уметничко дело од својот живот. Од сите негови креации, тој
самиот е најголемата фикција. Мишима е маска и светот е неговата сцена. Иако филмот е
снимен со целосно јапонска актерска екипа и на јапонски јазик, тој останува контроверзен
и е забранет во Јапонија. Саундтракот е компниран од Филип Глас и подоцна ќе биде
повторно употребена во „Шоуто на Труман“.
Во него се преплетени реалноста, сеќавањето и фантазијата и сите се прикажани
различно. Реалноста го прикажува неговиот последен ден во животот и е во боја,
сеќавањата во црно-бело, а преку фантазијата се претставени неговите дела во боја, но со
спектакуларни, надреални сценографии. Оваа визуелна дистинкција служи за да се
долови длабоката внатрешна поделеност на Мишима – меѓу неговиот јавен и приватен
живот, неговите уметнички амбиции и политички идеали.
Трагедијата на Мишима е што не може да ја најде својата цел. Не можејќи да ја најде, тој
ја креира. Последниот ден од неговиот живот ја отелотворува неговата филозофија за
убавина, уметност, акција и хармонија помеѓу перото и мечот. Мишима несомнено бил
опседнат со идејата дека убавината е најубава кога е моментална - и пред сè, кога е на
работ на уништување. „Мишима – Живот во четири поглавја“ не е само биографски филм;
тоа е дело што го претставува животот како уметност и уметноста како живот. Со ова, Пол
Шредер го создава својот најличен и најдлабок филм, оставајќи трајно влијание врз светот
на кинематографијата.
Колку и да изгледа проблематичен неговиот политички ангажман, Мишима сепак е
производ на своето опкружување, воспитување и традиција. Неговата комплексна
личност многу добро е изразена во една изјава, во која и препорачува на една од
неговите актерки за тоа како да го игра ликот во претставата: „Луѓето имаат две спротивни
страни во себе, нежност и суровост, или љубов и омраза. Пробај да ги изразиш двете
страни во исто време“. Неговата визија за националниот идеал често била во корелација
со идеалот за телесна и духовна совршеност. Разбирањето на Мишима значи разбирање
на противречностите што произлегуваат од овој период на јапонската историја. И покрај
неговите проблематични аспекти, неговиот придонес кон литературата и уметноста
останува непобитен, укажувајќи на сложеноста на човечката природа.
Во последната декада од животот Мишима се променува и од естет и декадентен
романтичар влегува во политика. Почнува да вежба бодибилдинг, исфрустриран од
неговиот ситен раст. Неговата опседнатост со телото се гледа во следните цитати:
„Кај обичниот човек телото му претходи на јазикот. Во мојот случај, зборовите се на прво место. Тоа несомнено е истрошено однапред од зборовите.“
„Имав романтична наклонетост кон смртта, но во исто време ми требаше строго класично тело како нејзин медиум. Ако моето јас беше моето живеалиште, тогаш моето тело личеше на овоштарник што го опкружува. Можев или да го негувам тој овоштарник до неговиот целосен потенцијал или да го оставам на плевелот да го запоседне. “
„Само преку делење на страдањето со групата — телото може да ја достигне величината на постоење што поединецот сам никогаш не би можел да ја постигне. А за телото да го достигне тоа ниво на кое може да се допре до божественото, треба да се напушти индивидуалноста“.
“Но телото е осудено на распаѓање, исто како сложениот мотор на автомобил. Не
прифаќам, ниту ќе прифатам, таква судбина. Тоа значи дека не го прифаќам природниот тек. Знам дека одам против природата; знам дека го принудив моето тело да тргне по најдеструктивниот пат од сите.“
Лени Гелева, фотограф , е една од најважните имиња во современата македонска фотографија и важен глас на домашниот визуелен идентитет. Има работено на филмови, десетици групни и самостојни изложби, во последните две децении. Таа е страстен филмски фан, која се прелева во филмската критика.
Comments