Вечерва(7.06, вторник) во 8 часот ќе има групна изложба на стрипови, насловена „Цртање стрипови“.
За уметниците кои учествуваат, може да се каже следново: по принципот споени садови - доколку духот, талентот, енергијата која ги движи овие креативци, е содржината која шета и се прелева во садовите, кои се уметничкиот медиум и жанр, на кој одбиваат да се посветат ексклузивно- не е изненадување што покрај групната изложба на која ќе бидат изложени таблите, секако ќе настапува состав кој во оваа прилика се вика Цвеќарница - нагаѓаме во својата најнова и најсвежа варијација, која тешко би функционирала во друг контекст. Цвеќарница музичарите се Јордан Костов, Владимир Лукаш, Вук Митевски, Стефана Маркович и Ѓорѓе Јовановиќ.
Македонскиот стрип кој има едновековна историја, во моментов е воглавно вдомен во Лифт- единствено списание кое е наменето за оваа уметност, и ја заслужи таа титула, со конзистентноста, со децениската работа, и сите активности со кои ги стимулира стрипаџиите овде.
Изложбата вечерва, сепак, е организирана и иницирана од Ѓорѓе Јовановиќ, но и покрај тоа што нема покровителство, не треба посебно да се истакне да биде јасно дека работи во функција на македонскиот стрип па и Лифт. Македонските уметници имаат склоност кон цртање и пишување стрипови(дури и доколку е само во позадината на тетратките) - па и кога не пишуваат стрипови елементите се неоспорно стриповски(Кирчо Арсовски на пример.) Можеби таа љубов е култивирана во рубриките на обврзаната лектира на Политикин забавник - кој не само што имаше вткаено цело стрип издание во центерфолдот, туку и ги затвораше изданијата со таа форма. Стриповите беа интегрален дел на растењето во 70те и 80те. Динамичните , енергетични, приказни кои ги кажуваа, со непредвидливи пресврти, ги правеа многу возбудливо четиво, а македонските млади генерации не беа ускратени од искуството затоа што имаше обилни и редовни изданија на српско-хрватски (па и македонски) на најпопуларните стрипови од тоа време: Дилан Дог, Марти Мистерија, Алан Форд… трафиките беа покриени со стрипови.
"Се велеше дека ги расипува децата, дека е залудна забава, дека нема уметничка вредност. Стрипот помина долг пат до уметничка/теоретска/академска афирмација: историјата на уметноста го негираше, теоретичарите и универзитетските институции го омаловажуваа, галериите го избегнуваа…
Појавувајќи се првично на маргините на весниците како средство за масовна комуникација, комбинирајќи текст и слика, стрипот често се позиционираше меѓу издаваштвото, медиумите, литературата, филмот, сликарството и дизајнот од една страна, и меѓу весниците, академските институции и контракултурните движења од друга страна. Во еден навидум едноставен исказ, кој претежно комбинира текст и слика, комбинира или одвојува визуелна и вербална нарација, производствен ред или авторска бескомпромисност, со можности за продукција од евтин самиздат до луксузни албуми, стрипот може да се сфати буквално како материјализација на визуелната култура." - велат во својата најава организаторите.
Во 90те, факелот во Македонија, го зема Лифт па и Маргина и ги вдоми домашните стрипаџии и читатели и креативци. Со распаѓањето на Југославија, најмладата публика отпадна, бидејќи едноставно немаа пристап до овие изданија. На глобалната сцена пак, во моментов стриповите се врзани со филмската уметност, поточно “акциски херои” жанрот, а стриповите се прелуда на филмовите. Марвел и Дизни мултиверзумот ги продуцира најгледаните, најскапите и најпрофитабилни филмови. Најстрасните фанови ги читаат стриповите како дел од искуството, и приказната, наместо да ги доживуваат како филмско либрето. Македонскиот филм не го настанува тој жанр, па стрипаџиите најчесто пристапуваат на таблите како на колаж, како ликовна уметност(што и е) како естетика, а приказната, е повеќе коментар, и во функција на естетиката, не обратно.
Вечерашната групна изложба е по иницијатива на Ѓорѓе Јовановиќ и во нејзе ќе учествуваат, Иванка Апостолова, Гаја Смилевска, Матеј Богдановски, Вук Митевски, Иван Ивановски, и Ѓорѓе Јовановиќ, и ќе се оддржи во МКЦ. Многу сме љубопитни како изгледа ова поглавје!
Comments