top of page

Трики и создавањето на Мaxinquaye (2/3)

Автор: Марк Саундерс.

Првиот дел ОВДЕ.



Рутината



И така, Трики, Мартина и јас продолживме да работиме во станот на Кенсал рајз некое време пред да ја преместиме операцијата во моето студио кое не беше многу далеку во Кеналот продакшн студиос на Кенсал роуд. Ова беше стара фабрика за чоколади поделена на многу единици од кои повеќето имаа компании поврзани со музичкиот бизнис кај нив. Тоа беше одлично место за работа со кул бар и ресторан каде редовно можеше да се видат музички ѕвезди како се дружат. Менаџерската компанија на Џамиракуај (Jamiroquai) беше во зградата, така што тие беа редовни муштерии- сакав да ги гледам прекрасните винтиџ автомобили на Џеј паркирани надвор.


Како што може да очекувате од еден дечко наречен Трики, тој беше озлогласено недоверлив кога станува збор за појавувањето на сесии. Тој немаше часовник или саат во неговиот стан - немаше ништо на кое може да го чита времето. Мојата дневна рутина се состоеше во тоа да му се јавам на Трики околу 15 часот кај него дома. Тој ќе го кренеше телефонот, зевајќи, и јас ќе му речев: „Еј Трики, Марк е, требаше да бидеш во студио денес во 12, се сеќаваш?“. На што тој сонливо одговараше: „Тогаш колку саат е сега?“. Јас ќе речев: „3 саат“. И тој неизбежно ќе речеше: „Нееее…! Мартина ти се верува, 3 саат е?!„ Тогаш ќе ја слушнав нејзе како вели: „неее!“... стварно?! " - „ Веднаш ќе дојдам“ - , ќе речеше Трики. И тогаш некаде помеѓу 17 и 20 часот тој ќе се појавеше! Потоа ќе влезеше во „зоната“ околу три часа. Ќе направевме песна, Трики ќе го снимеше својот вокал, потоа ќе ја повикаше Мартина да дојде и да пее, а до 23 часот тој ќе речеше: „Ој се уморив, мора да оам дома во кревет“.


Еден ден му се јавив на неговиот менаџер и му реков: „Не можам да го најдам Трики, требаше да биде тука пред еден куп време “. „Ах...“ рече таа „штотуку ми се јави од Њујорк, тој едноставно одлучи да оди минатата ноќ... извинете... не сум сигурна кога планира да се врати“.


Сепак, оваа рутина не беше толку лоша за мене, како и да е, бидејќи сум љубител на поп музика, секогаш се обидував да ги направам песните прифатливи за на радио и прилично рано сфатив дека ако се обидам да додадам мелодија со клавијатури или дел со гитара, беше малку веројатно дека Трики ќе го прифатеше ако ме видеше дека го правам тоа - но доколку го правев тоа кога тој не беше присутен - па ќе го чуеше следниот ден, беше поверојатно дека ќе ги задржи. Трики генерално беше задоволен со трака од еден луп без нешто многу друго да се случува, без краеви и почетоци- не го интересираа светлината и сенките. Така, секогаш ги измолкнував музичките промени, ги спуштав луповите за скала или две и генерално се обидував траките да ги направам што е можно поинтересни и ги правев посладуњави.


Светлите точки


Има неколку траки за кои вреди да се зборува во детали. Мојата омилена е Black Steel. Ова беше дефинитивно посебна песна за мене на албумот.


Трики сè уште контактираше со мајката - Индијка на една поранешна девојка и таа му испраќаше касети со индиска музика. Еден ден, Трики ми пушти нешто од овие касети и сакаше да ги семплувам тапаните за интрото. Очигледно, касетата беше копија на касета преснимена од друга касета и шуштеше како да нема утре - но на Трики не му беше гајле, се разбира. И така, го ставив семплот во луп, потоа додадовме некои делчиња со гитара кои свиреа наназад, и други чудесии.



Трики ми кажа дека сака ова да биде преработка на песната на Public Enemy „Black Steel“. Па почна да ги пишува стиховите за да може Мартина да пее. Тој не ги доврши, по некое време и́ рече на Мартина: „Ах...ова ќе биде доста, само повторувај ги овие“. Совесно, Мартина отиде зад микрофонот и јас стиснав „снимај“ . Како и обично, она што го слушате на песната е првата работа што излезе од нејзината уста. Звучеше брилијантно и таа создаде кул мелодија иако немаше вистинска музика за пеење на траката, само индиски тапани со длабока табла. Кога заврши, Трики рече „тоа е тоа, значи оваа е готова!“ Не се согласив баш - не ми звучеше толку интересно, само вокал, тапан и малку чудност, но не реков ништо затоа што дотогаш веќе сфатив дека е најдобро да му даеш време на Трики ако сакаш да го убедиш да оди во друга насока за било што.


Некое време после ова, братот на Мартина свиреше со својот бенд и сите решивме да одиме да му дадеме поддршка. Трики, како што често правеше, рече: „Нема да пијам вечерва. Последен пат кога излеов се напраив крш“. Па, кога стигнавме на свирката, кога го прашав што сака да пие, ми рече „дупло бренди друже“!. Свиреше предгрупата, но поголемиот дел од времето го поминавме во барот и не ми текнува ништо за нив. И Трики се напраи крш.


Следниот ден, назад во студиото, менаџерката на Трики се јави и рече: „Тукушто се слушнав со еден бенд од Манчестер (можеби не беше Манчестер, но беше некаде од север), и велат дека Трики ги поканил да свират. На албумот.“ Се свртев кон Трики и му реков „дали го покани бендот што беше предгрупа вчера вечер да дојде и да свири на албумот?“ Тој рече „ја?...не…..дали? О Боже а можда сум ги, сеа коа размислувам!'. Прашав „Дали беа добри? Каков тип на бенд се?’. „Неам поим“, рече Трики. Како и да е, Трики реши да дојдат да свират и така беше договорен датум за неколку недели подоцна.


Неколку дена пред тој датум, се сетивме дека бендот доаѓа во студиото спроти моето што го резервиравме за оваа сесија во живо (моето студио не беше доволно големо) и Трики рече „ шо ќе ги пуштиме да свират?'. Размислив за тоа и реков „а што е со Black Steel?….тоа е единствената трака што ја имаме, што нема многу на нејзе. Изненадувачки, Трики се согласи.


Тој ден, многу возбуден бенд се појави во студиото точно на време, и желен да започне. Трики, сепак, беше многу помалку возбуден за целата идеја и не се обидуваше баш да го скрие тоа. Едвај зборуваше со бендот и остана во контролната соба додека јас го поставував бендот во просторијата за во живо, и пробав да сконтам каков бенд се тие, и се обидував да ги забавувам и да им го одвлечам вниманието од фактот дека Трики, типот поради кој што тие извозеле долг пат за да соработуваат, не покажуваше никаков интерес за нив.


Се испостави дека свират музика во техно стил, но со живи инструменти. Не го очекував тоа - па да бидам искрен, немав поим што да очекувам. И кога сега мислам за тоа, не ми е јасно зошто не побаравме да ни испратат касета од нивната музика, пред да се појават?!


Назад во контролната соба Трики беше намрштен, со својата црна качулка натегната преку главата додека пафкаше од својот сплиф. Го замолив тапанарот да ги удри томовите за да можам да ги проверам микрофоните на тапанот, Трики одеднаш се размрда. „Звучи лудило! Брзо, сними го!“, рече тој. Совесно го ставив DAT плеерот да снима. Имајте на ум сега, дека тапанарот не свиреше кул фанки ритам или нешто така, тој едноставно удираше по неколку отчукувања на секој том - бонг бонг - бум бум - там там. Можев да насетам каде оди сето ова во умот на Трики... ќе ја направиме целата оваа сесија и единственото нешто што Трики ќе сакаше да го искористи беа овие случајни удари на тапани кои штотуку ги снимив на DAT-от!


Кога бендот почна да свири, ги замолив да изведат една од нивните песни за да се загреат. Тие беа добри. Беа стегнати, особено тапанарот кој свиреше како драм-машина. Вокало беше добар. „Но, како ќе функционира на Black Steel?“ си помислив. Знаев дека ќе треба нежно да му дадам до знаење дека нема да биде вклучен во оваа трака. Тој го прими ова изненадувачки добро и се чинеше дека е едноставно среќен што бендот ќе добие публицитет со тоа што ќе соработува со артист кој има вистински договор за снимање.



Им го пуштив она што го снимивме досега за Black Steel и ги замолив само да бидат трпеливи за да видат како ќе излезе. Тогаш сфатив колку голема работа е да се побара, затоа што, како прво, Мартина пееше вокал без музика и можеби не беше ни блиску до „концертниот“ тон, но, импресивно сепак беше. Бендот се согласи да проба по моите инструкции, и иако ми звучеше премногу затегнато и круто, тие всушност свиреа некои акорди и мелодии на начин кој добро функционираа со песната. Го прашав Трики, кој повторно се спушти во својот дуксер, што мисли и тој рече „ја нема да користам ништо од срањево“. „Одлично“, си помислив, „ова оди добро“.


Имав помисла дека Public Enemy се како панк рокерите во светот на рапот, па го замолив тапанарот да го напушти стегнатиот, машински начин на свирење, и го замолив да го испроба пристапот на тапанар на панк рок, на Секс пистолс - полабаво и многу краш цимбали. Тој се прими како патка на вода и навистина влезе во филмот. Одеднаш траката почна да оживува. Бев навистина возбуден, каде води ова. Го погледнав Трики, кој беше прилично коматозиран во овој момент и очигледно не беше заинтересиран.


Бендот отсвири неколку преоди, и им реков „тоа е брилијантно, имам многу со што ќе можам да работам“ и многу им се заблагодарив што возеа толку долг пат за да го направат ова итн. - повторно се обидував да им го одвлечам вниманието од Трики кој едвај им кажа збор.


Додека се пакував да одам, сопственикот/инженерот на тоа студио, кој беше сведок на целата сесија, ми рече: „Мора да имаш трпение на светец!“ кимнувајќи со главата кон Трики.


Назад во студиото следниот ден, додека чекав Трики да се појави како и обично, почнав да го разгледувам она што бендот го свиреше и се обидов да направам груба структура користејќи ги нивните најдобри делови. Ми звучеше навистина добро и направив груба мешавина за му ја пуштам на Tricky мислејќи дека „нема смисла да се исполира ако Трики потоа го мрази “. Сфатив и дека најдобро би било да почекам малку пред да му ја пуштам. Како што беше, кога Трики се појави тој ден, не ја ни спомна сесијата од претходниот ден. Мислам дека тој целосно заборавил на тоа. Само продолживме со нова трака.


Околу една недела, или така нешто, подоцна, кога знаев дека Трики ќе влезе во студиото секој момент, го ставив грубиот микс на Black Steel.„Што е тоа?!“ рече тој кога влезе: „Звучи лудило!“. Му реков дека тоа е она што бендот го сними за Black Steel. Тој беше многу возбуден и рече: „брзо, пушти го микрофонот!“ Влета зад микрофонот и го сними неговиот дел „many switch in, switch on, switch off“ (целосно украде сам од себе од Strugglin!). И тоа беше тоа… песната заврши. Беше среќен, не бараше финеси. Навистина сакав да користам нов софтвер кој може да ги отстрани звуците како шуштењето снимката од касетата - сакав да го исчистам шушкавиот тапан...но никогаш не стигнав да го направам тоа.



Друга светла точка беше кога Алисон Голдфрап (Alison Goldfrapp) дојде да ја пее песната Pumpkin. Никогаш не сум слушнал за неа до тој момент, но таа влезе, беше многу фина и, откако ја преслуша песната неколку пати, влезе во кујната пред микрофонот, Трики не и́ даде никаков текст - тој сакаше да ја остави да испее по свое. Она што го слушате на плочата е нејзиниот прв и единствен обид. Таа беше брилијантна. Таа во основа го правеше она што го прават многу добри писатели, таа пееше како навистина да го мисли тоа, но пеејќи какви било звуци/зборови што ѝ доаѓаа во главата во тоа време. Понекогаш писателот ќе го направи тоа неколку пати и често ќе открие дека неколку зборови држат вода, и текстот на песната е изграден околу нив. Но, Трики сакаше да ја задржи нејзината прва снимка онаква како што беше. Па тоа беше тоа!


Поради некоја причина, кога Алисон за првпат почна да ја пее нејзината фраза, Трики почна да се кикоти. Тоа и мене ме фати, и на крајот во основа се смеевме во текот на целото снимање и моравме да се обидеме да се собереме, за да го притиснеме копчето за разговор за да разговараме со Алисон кога ќе заврши песната и да и кажеме дека е брилијантна. За среќа бевме разделени со цврст ѕид, па Алисон не можеше да не́ види.


Commentaires


bottom of page