„Поранешниот вработен во Стејт департментот и службеник за национална безбедност, кој беше снимен како малтретира продавач на халал храна на Менхетен и го нарекува „терорист“, беше уапсен и обвинет за злосторство од омраза во средата.
Поранешниот функционер, Стјуарт Селдовиц (64) се соочува со обвиненија кои вклучуваат тешко вознемирување и неколку обвиненија за демнење, според полицијата.
Пријавата беше поднесена откако продавачот, кого полицијата не го именуваше, но го идентификуваше како 24-годишен маж, на полицијата и́ соопштилка едно лице му пришло неколку пати додека работел со исламофобични коментари, поради што се чувствувал „исплашен и изнервиран“.
На неколку видеа објавени на социјалните мрежи, Селдовиц беше прикажан како го фотографира продавачот, се заканува дека ќе ја испрати неговата слика до „другарчињата во имиграционо“ и дава исламофобични забелешки.
Во една снимка, Селдовиц го нарекува продавачот „неук“ затоа што не зборува англиски, и продолжува со подбивни коментари за основачот на исламот, пророкот Мухамед. Во друга, по кратката интеракција за децата кои се убиени, Селдовиц вели: „Ако убивме 4.000 палестински деца, знаете што? тоа не е доволно.”
Според полицијата, Селдовиц живее на неколку блока од вообичаената локација на халал количката но обидите да се дојде до него во средата вечерта беа неуспешни.
Во телефонското интервју во вторникот, Селдовиц рече дека не е исламофоб и дека го нападнал продавачот дури откако му изразил поддршка на Хамас. Видеата не прикажуваат никакви коментари на продавачот освен тој што го замоли Селдовиц да си замине и дека ќе повика полиција.
„Во тој момент, прилично се вознемирив и му кажав работи, за кои во ретроспектива, веројатно се каам, всушност- за кои се каам“, рече Селдовиц во вторникот. „Наместо да се фокусирам на него и на она што тој го кажа, јас се впуштив во навреда на неговата религија и така натаму“.
Селдовиц рече дека имал неколку позиции и во демократската и во републиканската администрација, вклучително и извршител на должноста директор за Директоратот за Јужна Азија на Советот за национална безбедност и функција во Канцеларијата за Израел и палестински прашања на Стејт департментот на САД. Тој повеќе не извршува никакви владини функции, рече тој.
Инцидентот се случи откако ескалираа тензиите меѓу про-палестинските и про-израелските групи во неделите по почетокот на војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври. Анти-Исламските и антисемитските злосторства од омраза и некои гневни средби станаа вирални.
Во објавите на социјалните мрежи во вторникот, и градоначалникот Ерик Адамс и гувернерката Кети Хочул го осудија однесувањето на Селдовиц, нарекувајќи ги неговите забелешки „гнасни“.
Адамс напиша: „Исламофобијата е омраза. Кратко и јасно. За оваа гнасна, непочитувачка реторика нема место во нашиот град“.
Џули Менин, градски советник што ја застапува Апер Ист Сајд, во интервјуто во средата рече дека инцидентот е „целосно и комплетно неприфатлив“ и ја вознемирил локалната заедница и дека ѝ е мило што слушнала дека Селдовиц е во притвор.
„Овој поединец го таргетираше овој уличен продавач од ден на ден, му се закануваше на продавачот, јасно изврши говор на омраза кој беше насилен по природа и содржеше закани“, рече таа.
Kommentare