top of page

Срамот на Трамп: Политички хаос и упад во демократијата


Автор: Дејвид Ремник


Фото илустрација на Cristiana Couceiro
Фото илустрација на Cristiana Couceiro

Да се антиципира овој пролонгиран политички момент беше едно нешто; сосема друго е, овие неколку минати седмици, да се живее во него. Секој ден е нов свеж кошмар, со сè пошокантни вести од автократ кој ужива во своето презирање на владата што ја води, на странските сојузници кои заслужуваат поддршка и на Уставот на кој се заколна да го почитува. Откако ја започна својата втора претседателска функција пред шест недели, Доналд Трамп го држи под команда вниманието на јавноста во таа мера, што станува тешко да се потсетиме дека некогаш имало време кога американски претседател го започнуваше мандатот со низа активности исполнети - не со закани, хаос и корупција, туку со дисциплина, компетентност и сочувство.


Но сепак, такво време постоеше. На облачното утро на 4 март 1933 година, Френклин Делано Рузвелт пристигна во американскиот Капитол за да го одржи својот прв инаугуративен говор. Земјата беше во состојба на општ очај. Од почетокот на Големата депресија во 1929 година, секој трет Американец го имаше загубено своето работно место. Училишта беа затворени, банките пропаѓаа, а новинарот Едмунд Вилсон известуваше дека „не постои депонија за ѓубре во Чикаго која не е темелно пребарувана од гладните“.

Рузвелт, кој го победи Хувер со осумнаесет процентни поени разлика, ја разбра јасната порака на избирачите. „Оваа нација бара акција, и тоа акција веднаш,“ изјави тој во својот говор. Пред концептот на „првите сто дена“ воопшто да се институционализира, тој започна со низа извршни наредби и законодавни иницијативи. Со поддршка на огромно демократско мнозинство во Конгресот, Рузвелт го спаси банкарскиот систем, ја укина златната основа, исплати значајна финансиска помош за сиромашните и создаде федерални агенции кои не само што обезбедија работа за невработените, туку и ја обновија економијата и инфраструктурата на земјата за децениите кои следеа.


На Трамп, пак, не му требаа сто дена за да се израмни со рузвелтовата Нова спогодба во неговата брзина, или со брзина на куршум како што кажа Стив Бенон, некогашниот уапсен  дворски филозоф на Трамп. Додека Ф.Д.Р. постави модерен стандард за ревитализирање на едно општество, Трамп изгледа решен да докаже колку брзо може да го предизвика неговото уништување. Во рекордно време, тој и́ донесе срам и хаос на нацијата. Додека Рузвелт градеше и нудеше утеха, Трамп отпушта илјадници државни службеници, ги казнува своите противници и го напаѓа печатот. Одби клучни климатски мерки, ги понижи недокументираните мигранти и транс-заедницата, им угодува на диктатори и ги вознемирува сојузниците.


Ф.Д.Р. ги назначи  Кордел Хал, Харолд Ајкс и други велики советници во неговиот прв кабинет; Трамп ги овласти екстремистите кои се одликуваат главно со нивните конспиративни размислувања, сикофантност и неспособност.

Ф.Д.Р. ја создаде Граѓанската конзервациска корпорација и долинската управа на Тенеси; Трамп му даде овластувања на Илон Маск да замрзне федерални фондови за витални програми и да отпушти илјадници вработени во клучни владини агенции. „Ќе направиме мали гафови,“ рече Маск во Белата куќа, со насмевка исполнета со привилегија и потсмев. Овие „гафови“ до сега, вклучуваат привремено отпуштање на персонал кој управува со нуклеарното оружје и укинување на мерки за превенција на ебола.


На надворешнополитички план, Рузвелт водеше битка против глобалниот фашизам и ја спаси Европа. Трамп, пак, за брзо време формираше сојузи со автократи од Будимпешта до Пекинг и јасно им стави до знаење на европските сојузници дека мора да му ласкаат неговото его и да носат подароци, како што беше поканата за посета на кралот Чарлс. Во Овалната соба во петокот, Трамп отворено застана на страната на руската агресија, укорувајќи го украинскиот претседател Володимир Зеленски за „недоволна благодарност“ и „коцкање со Трета светска војна“. 


Зеленски е херој од историски размери, бескрајно храбар; однесувањето на Трамп беше срамно. Тој и неговиот потпретседател, Џ. Д. Ванс, се обидоа да го заплашат Зеленски во стил на ситни криминалци. Овој инцидент беше шокантен, но истовремено неизбежен, целосно усогласен со генералниот тон на претседателството на Трамп—закани, отпуштања, дипломатски хаос и предлогот за насилно раселување на два милиони Палестинци од Појасот Газа.


Дали ова навистина е она за што гласаа поддржувачите на Трамп? Како уништувањето на американските вредности, институции и сојузи ќе ја намали цената на јајцата? Според анализата на Foreign Affairs, политиколозите Стивен Левицки и Лукан Веј објаснуваат во мачна и убедлива анализа, дека новите автократии, како оние во Турција на Ердоган и Унгарија на Орбан, го користат системот на избори, но ја вооружуваат државата за елиминација на нивните противници. Токму таков „компетитивен“ авторитаризам, тврдат тие, сега се формира во Вашингтон. Да се минимизира бескрајната фузиљада од првите недели на Трамп на функцијата, да избереш да се оттргнеш, да ги исклучиш вестите, значи да се препуштиш на самоуспокојување.

Нема гаранција дека изопачената динамика на Трамп ќе забави или ќе се урне сама по себе. Тој ја има непоколебливата поддршка на својата база на MAGA, покорното однесување на неговата конгресна група и поддршката на мултимилијардери како Џеф Безос, кој повеќе би ја ослабел својата медиумска империја отколку да ја загрози поканата на вечера кај суверенот.

И сепак, овој политички наплив, потхранет со години планирање во десничарските кругови и со демагогијата на Трамп, не е незапирлив. Дали работничката и средната класа во Америка ќе го толерираат самољубието и корупцијата на милијардерите блиски до Трамп, додека нивните сопствени интереси остануваат запоставени? Дали Роберт Ф. Кенеди Џуниор, кој моментално се справува со епидемија на морбили во Тексас, ќе ја има довербата на јавноста во случај на нова пандемија? Веќе видовме како некои храбри судии, гувернери и функционери за спроведување на законот одбија да попуштат пред политизацијата на правото или, како што велат Левицки и Веј, вооружувањето на државата.

Рузвелт во својот инаугуративен говор рече дека нема потреба „да се плашиме од искрено соочување со состојбите во нашата земја денес“. Во нашето време, кризата се наоѓа во Овалната соба. Дали има мандат за она што се случува таму ќе стане јасно во наредните месеци—во Конгресот, на судовите, во медиумите, на улиците и, конечно, на изборите. Единствениот вистински непријател во времето на Рузвелт беше стравот. Истото важи и денес.



извор: Њујоркер;






Стани Дивотно

Comments


Дива Мисла е платформа основана на 7 јули 2021 година, по серија разговори на тема „Што и́ треба на сцената“ со неколкумина уметници. Одговорот: Фали многу, затоа почнавме таму и тогаш, со трапави одлучни први чекори. Посветена на истражување и споделување на разновидната култура и уметност во светот, Дива Мисла ја отвора вратата кон светот на културата, од висока уметност до поп култура, стремејќи се да го претстави ова како дел од глобалната релевантна култура и уметност. Не само што ги преиспитуваме оние кои ги држат клучевите (gatekeepers), туку и инсистираме: Дивата мисла можеби не е за сите, но припаѓа на сите. Култура и Уметност: Нашиот сајт ги истражува и анализира сите аспекти на уметноста и културата. Од литературни рецензии до уметнички изложби, ние го истражуваме и го споделуваме најдоброто од светот на културата. Поткаст: Поткастите се доминантна платформа во последниве години, на која сите гласови го најдоа своето место: препорачуваме и длабоко навлегуваме во темите кои го дефинираат човековото искуство. Дали разговарајќи за уметноста или анализирајќи ги човечките мотиви, ние ги истражуваме аспектите кои нè прават луѓе. Урбан Читател: Ние ја истражуваме уметноста во урбаниот живот и го поддржуваме урбаното изразување. Од улични перформанси до графити, се вклучуваме во уметничкиот пулс на градовите. Фотографија, Филм и Музика: Нашиот сајт нуди рецензии и анализи на најновите фотографии, филмови и музика. Ги проучуваме и ги споделуваме најновите трендови во овие визуелни и звучни изрази на уметноста, но и се потсетуваме на класиците - често тие се ново искуство за младата и свежа публика. Активизам и Животен Стил: Дива Мисла поддржува активистички движења кои имаат за цел подобрување на светот, вклучувајќи ги екологијата, одржливоста, феминизмот, ЛГБТК+ правата и граѓанските права. Ние внесуваме глас за промени и ја одбележуваме важноста на активизмот во современиот свет. Животниот стил и начинот на живеење се неразделив дел од овој активизам, што се рефлектира и во нашата содржина. Свесни сме дека активизмот не е само декларација, туку и начин на живот кој се одразува во секојдневните избори. Дива Мисла е место каде може да истражите и да се вклучите во дискусии за сè што ја прави човечката култура и уметност толку прекрасна и интригантна. Нашата платформа е отворена за сите кои се желни да размислуваат диво и да го истражуваат светот околу себе.

Контакт: contact@diva.mk

телефон: +38970230314

           

дива лого
© diva.mk - ви благодариме што го почитувате авторството и креативниот труд, со назначување на изворот. ©
bottom of page