top of page

Промоција на збирката поезија „Метрички карван“

Промоцијата на јубилејното 10. издание на збирката поезија „Метрички карван“ ќе се одржи во Кочани, во соработка со ЈОУ Библиотека „Искра“. Ова издание ги обединува необјавените стихови од 22 поети од Гевгелија и Кочани, кои го покажуваат својот поетски израз и стил.


Уредници на збирката се Стефан Марковски, Васил Тоциновски и Славчо Ковилоски, а рецензентка е Ана Витанова Рингачева. Промоцијата ќе биде дел од празнувањето на Петровден, празникот на градот Кочани, и ќе се одржи на 13 јули во 19:00 часот во Мултикултурниот центар – Кочани. Ова е десетта книга во серијата „Метрички карван“, која претставува своевидна географска карта на современата македонска поезија.




Рецензентот на изданието, Ана Витанова Рингачева, пишува:


„Збирката Метрички карван: Гевгелија – Кочани, книга во издание на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија, приредена од Стефан Марковски, Васил Тоциновски и Славчо Ковилоски е уште една повлечена дијагонала за поврзување две точки на извор на поетскиот збор. Тоа е десетта збирка поезија на поети од Гевгелија и останатите градови од Македонија, идеја која сама по себе е плодотворна и оригинална. Изданијата на овој карван на поезијата претставуваат своевидна географска карта за современата македонска поезија на која, свои маркери имаат македонските поети кои творат денес. Во збирката се застапени автори со потекло од Гевгелија, градот во кој е извориштето на идејата за поврзување на македонските поети кои, иако творат во различни средини, сепак имаат иста љубов, поезијата. […] Пред очите на читателот се случува еден возбудлив момент на преплетување на мотиви, теми, размислувања, некакви суштински испреплетени приказни на поетот и лирското јас, што гласно пее во негово име. Поетот ја восприема реалноста како противречна слика на неговиот внатрешен свет, кој е набразден со длабоките понори на вечните егзистенцијални, поетолошки и онтолошки дилеми. И читајќи ги поетските слики коишто се исцртуваат пред нас, сама од себе се наметнува дилемата: Кога се раѓа поезијата? При допирот на перото и хартијата или при допирот на зборот и емоцијата!? Секој од застапените поети има свој автентичен одговор на поставените дилеми. Дел од поетите кои веќе достигнале своја поетска зрелост, имаат јасен и цврст поетски израз, а дел од нив сѐ уште се во по- трага по својот автентичен авторски потпис. Едно вакво издание на поети од два града како две поетски жаришта има тенденција да ја оствари суштинската идеја за постоењето на поезијата, да биде мост за поврзување на само навидум оддалечените места. Гевгелија, најјужната точка на Македонија, станува точката на фокус во која се прекршуваат Метрички карван зраците од поезијата на поетите од останатите градови. Она што се забележува во претходните, а секако и во ова издание на „Метрички карван“ се локалните призвуци, мириси и бои на местото од каде потекнуваат поетите. Тоа само ја потврдува вистината дека, невозможно е човекот да го отсели родното место од себе, да го напушти или заборави.“


Commenti


Дива Мисла е платформа основана на 7 јули 2021 после серија разговори на тема „Што и́ треба на сцената“ со неколкумина уметници. Одговорот: Фали многу затоа почнавме таму и тогаш, со трапави одлучни први чекори. Посветена на истражување и споделување на разновидната култура и уметност во светот. Ја отвораме вратата кон светот на културата, од висока уметност до поп култура, и се стремиме да го претставиме ова како дел од глобалната релевантна култура и уметност. Не само што ги преиспитуваме оние кои ги држат клучевите(gatekeeper) туку и инсистираме: Дивата мисла можеби не е за сите, но припаѓа на сите. Култура и Уметност: Нашиот сајт ги истражува и анализира сите аспекти на уметноста и културата. Од литературни рецензии до уметнички изложби, ние го истражуваме и го споделуваме најдоброто од светот на културата. Поткаст: Поткастите се доминатната платформа минативе 5 години, на која сите гласови го најдоа своето место: препорачуваме и длабоко загребуваме во темите кои го дефинираат човековото искуство. Дали разговарајки за уметноста или анализирајќи ги човечките мотиви, ние ги истражуваме аспектите кои нè прават луѓе. Урбан Читател : Ние ги истражуваме уметноста во урбаниот живот и го поддржуваме урбаното изразување. Од улични перформанси до графитите, се вклучуваме во уметничкиот пулс на градовите. Фотографија, Филм и Музика: Нашиот сајт нуди рецензии и анализи на најновите фотографии, филмови и музика. Ги проучуваме и ги споделуваме најновите трендови во овие визуелни и звучни изрази на уметноста но и се потсетуваме на класиците - често тие се ново искуство за младата и свежа публика. Активизам: Дива Мисла поддржува активистички движења кои имаат цел подобрување на светот. Ние внесуваме глас за промени и ја одбележуваме важноста на активизмот во современиот свет. Дива Мисла е место каде може да истражите и да се вклучите во дискусии за се што ја прави човечката култура и уметност така прекрасна и интригантна.

Контакт: contact@diva.mk

телефон: +38970230314

           

дива лого
© diva.mk - ви благодариме што го почитувате авторството и креативниот труд, со назначување на изворот. ©
bottom of page