top of page

Преиспитување на бајките преку очите на феминизмот: изложбата „Неименувана“



Во едно светло поинакво од вообичаеното, некаде меѓу приказните и реалноста, отворена е изложбата „Неименувана“ во КСП Центар Јадро. Но она што ја издвојува оваа изложба е гласот на минатото преку призмата на сегашноста и будењето на хероините од нашата историја чии приказни до сега биле стишувани, препишани или скриени.„Неименувана“ е проект што ги оживува македонските хероини преку написи на средношколки кои, под менторство на компаратистките Марија Бошковска, Ивана Смилевска и визуелниот уметник Дарко Алексовски, кои го реконструираа нивното наследство во форма на современи бајки. Вера Јоциќ, Мимоза Несторова Томиќ, Билјана Гарванлиева, Веселинка Малинска и Мара Нацева - Анка, се само некои од имињата што оживуваат во овие текстуални инсталации.


Зошто е важно феминизмот да ги преиспита класичните бајки како Црвенкапа и Пепелашка?


 Одговорот е прост – за редефинирање на женскиот лик кој традиционално бил пасивен, потчинет и често спасуван од машкиот херој. Овие бајки не само што формираат дел од нашето културно наследство, туку и имаат силно влијание врз формирањето на идентитетот и очекувањата од жените и девојчиња уште од најрана возраст. Преку преиспитувањето на овие наративи, феминизмот бара да се создадат нови приказни кои ќе воведат силни, самостојни и комплексни женски ликови.


Класичните бајки, како културни артефакти кои преживеале векови, се збогатени со длабоко вкоренети стереотипи и родови улоги. Женските ликови во овие приказни честопати се претставени како пасивни, зависни жртви, кои вечно го чекаати спасувањете од страна на машките ликови.



Феминистичката критика на класичните бајки се фокусира на деконструкција на овие наративи и промовирање на посилни, повеќедимензионални женски ликови.Снежана, Пепелашка, Златокоска, сите тие се синоними за нежност, кроткост и пасивност. Нивните приказни главно се вртат околу чекањето на принцот кој ќе ги спаси и ќе им овозможи подобар живот. За жал, оваа порака ја става во сенка нивната автономија и ја подготвува теренот за формирање на ограничувачки улоги за жените кои се пренесуваат од генерација на генерација.


Феминизмот бара редефинирање на овие приказни, со цел да се ослободат женските ликови од оковите на традицијата и да се претстават како комплетни личности со свои амбиции, желби и способности. Наместо да бидат спасени, феминистичката перспектива ги охрабрува жените да бидат свои спасители, да се борат за своите права и да бидат активни учесници во своите приказни.За пример, Пепелашка може да биде претставена како млада жена која ги надминува своите предизвици со упорност и креативност, а не со чекање на кралскиот бал. Снежана може да биде прикажана како лидер која ја организира заедницата на џуџиња, и заедно со нив создава силен колектив. Таквите реинтерпретации ја промовираат идејата дека жените не се симбол на слабост и не треба да чекаат на машкиот спасител, туку се способни и силни индивидуи.


Пепелашка: митот е збирот на сите негови верзии

Класичните бајки се повеќе од забава; тие се израз на културните вредности кои ја формираат нашата реалност. Со феминистичката интервенција, тие можат да бидат претворени во моќни алатки за промоција на родова рамноправност и овластување на жените, поставувајќи ја сцената за едно поинклузивно општество каде секоја личност ќе може слободно да си ја изгради својата судбина. 



Изложбата „Неименувана“ е еден чекор кон оваа цел. Таа не само што ги поставува овие жени во преден план, туку и создава простор во кој младите може слободно да истражуваат и да ги изразат своите креативни идеи. Секоја од учесничките има со алатки да ги разбере и реконструира наративите што ги сметаме за дадености.




Во рамките на изложбата, посетителите можат да ги прочитаат овие нови верзии на бајките, да ги разгледаат визуелните инсталации и да си земат фанзин со собраните дела. По крајот на настанот, инсталациите ќе бидат подарени на институции што го одразуваат духот и вредностите на секоја хероина посебно.



„Неименувана“ ја разоткрива потребата за повеќе вакви иницијативи кои нудат свежи перспективи и нагласувајќи ги важноста и улогата на жените во македонската историја и култура, ни помагаат да градиме поеднаква иднина за сите. Овој пристап кон културното наследство е важен не само за формирањето на младите умови, туку и за создавањето на заедница која одбира да ги слави своите хероини токму како што заслужуваат – со име, глас и непоколеблива смелост.

Comments


bottom of page