Како минува времето, ги вртам фокусот и енергијата се повнатре кон себе и сето тоа во функција на завршување на неверојатниот број обврски кои буквално само се напластуваат со возраста. Без разлика дали е тоа некоја од многуте креативни активности кои главно ги работам бесплатно, или пак се однесува на секојдневни работни и приватни обврски, моето внимание е се помалку свртено кон надворешни дразби, како туѓа музика, уметност, движења, што и да е. Веројатно со годините имам натрупано информации во себе кои тивко вријат и раѓаат некој вид “мој“ резултат, но претпоставувам и дека несвесно, со дигитална брзина, перцепирам се што ќе ми фатат сензорите. Ова е мојот обид за 5 нешта од 2022 за Дива.
1. Преокупиран сум со минувањето на времето и промените, но и анахроностите кои тоа ги носи. Во 2022 ги следев изблиците на носталгија кај симпатично досадните постари екипи, но и обратниот процес: потценувањето на минатото и презирот кон него од страна на помладите. Динамиката и судирот на носталгијата и промена беа движечка сила во мојот креативен процес, поточно духовното милје за новиот ПМГ Колектив албум, десетти по ред, кој се надевам ќе започнеме да го работиме во 2023. Ми се чини дека долго се подготвувам за него.
2. Во 2022, многу размислував и за флоскулите како идентитет, традиција... Всушност не се флоскули, тоа се синоними за трансцедентно постоење во времето и просторот и не му припаѓаат на минатото, туку на сегашноста. Под притисок од популарната мисконцепција дека тие нешта му припаѓаат на минатото, а инспириран музичките авантури со мојот друг бенд Кантон6, составив еден филм, кој се занимава токму со оваа проблематика. Се надевам дека во 2023 ќе успеам да соберам доволно самоувереност да го објавам.
3. 2022 за мене испадна година на јубилеи. Отсекогаш сум гледал крајно скептично на јубилеите и нивната (зло)употреба. Сепак, имав неколку извонредни настани на кои сериозно прокомуницирав со луѓето во мојата средина и сфатив дека тие нешта се всушност самите скалила кои ме носат на следниот стадиум од себеприфаќањето. Нешто што еден 50 годишник кој работи во главно младинска култура мора да го избалансира во главата како процес.
4. Презадоволен сум од дванаесеттото издание на ПМГ Рекордингс Фестивалот, годишна инкарнација и став на мојата дискографска куќа во просторот. Дали беше сон, амбиција, или предизвик, мислам дека успеав да го постигнам пред се за себе, но и за средината во која си замислувам дека градам култура. 200тотото издание на ПМГ Рекордингс, компилацијата “Градот ме тера да пеам“ е инкарнација на стремежите на едно дете од Скопје со развиена фантазија. Толку добро се чувствувам околу тоа, што би земал одмор во 2023. А нема :)
5. #Дијагноза
Comments