Играта на судбината во трагичниот живот на Christopher Reeve
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- Apr 7
- 5 min read

Супермен е излезен во годината на моето раѓање, а сум го гледала прв пат на телевизија во моето рано детство. Во тоа време бев „заљубена“ во Супермен и неговите продорни плави очи што можат да те прочитаат како рентген. Ја прашував мајка ми дали тоа е вистински Супермен или глумец и дали навистина лета. Таа иако ми ја кажа вистината дека тоа е само глума, јас сепак не сакав да верувам. Сакав да верувам дека има некој што ја презема правдата во свои раце, дека има некој што ги прави сите тие најверојатни работи.
Christopher Reeve е роден 1952 година. Студирал на позната школа за глума Julliard, каде што само тој и Robin Willamsбиле избрани за напредната програма. Со него, освен што биле цимери, исто така бие блиски пријатели до крајот на животот на Christopher. Сузан Сарандон ќе изјави дека да не починеше Christopher Reeve, можеби и Robin Willams ќе беше се уште жив. Robin Willams му помагал на ChristopherReeve финансиски после неговата парализа. Во споредба со него за кого вели дека е сјаен принц, тој е за себе вели дека е само дворска будала, но дека тоа не му смета.
Кога се пријавил за кастинг за Супермен, неговиот пријател Willam Hurt, се обидел да го спречи и според него тоа значело дека ќе се продаде. Откако утврдил дека никој од познатите актери не одговара за улогата на Супермен, кастинг директорот одлучил да оди со непознат актер, но да биде опкружен со звучни имиња. Christopher имал комплициран однос со татко му и кога му кажал дека е избран за Супермен, татко му сакал да прослави со шампањ. Christopher бил изненаден од реакцијата, затоа што обично ништо не било доволно добро за него. Но за кратко се утврдило дека се работи за недоразбирање. Татко му мислел дека тој е избран да глуми во претставата Супермен на Џорџ Бернард Шо, но кога дознал дека тој е избран да глуми лик од стрип, тоа не било доволно сериозно и доволно академски за него.

Супермен од 1978 не е само она што денес имаме претстава за суперхеројски филм. Од оваа дистанца филмот е се уште уметнички издржан. Покрај убедливата глума на Christopher,кој избран меѓу 200 пријавени и кој целосно се поклопува со замислата како изгледа Супермен, во филмот се јавуваат и легенди како Марлон Брандо, кој го глуми неговиот татко (и кој бил платен 3 милиони долари за помалку од 20 минути присуство во филмот), скоро починатиот Gene Hackman кој го глуми негативецот Лекс Лутор и Terence Stamp, кој го глуми Генерал Зод. Саундтракот на филмот (John Williams, Star Wars, Jaws, Indiana Jones, ET) е еден од најпрепознатливите во историјата на филмот, а сцените со планетата Криптон, со леденото засолниште на Супермен и скривалиштето на Лекс Лутор не пренесуваат во еден магичен свет кој успева да се вреже во потсвест.
Како прв значаен филм за суперхерој, тој ги постави темелите за целиот жанр. Визуелната иконографија на Супермен втисна длабок и долготраен печат врз поп-културата.
Иако Christopher Reeve се појавува во уште три продолженија на Супермен, тој сепак понатаму се труди да се наметне како сериозен актер со несомнен талент во сериозни улоги. Негови поистакнати улоги се во романтичната драма со елементи на научна фантастикаSomewhere in Time (1980) во режија на Jeannot Szwarc, каде партнерка му е Jane Seymour, во која вистински се вљубил за време не филмот. Тој успешно го пренесува ликот на непоправлив романтичар, кој е спремен и да се врати назад во времето заради љубов и длабокото страдање после губењето на вистинската љубов.
Потоа во трилерот Deathtrap (1982) во режија на SidneyLumet, каде се појавува покрај британската икона MichaelCaine, чија изведба се доживува како театрална, но тоа е дел од стилот на самото дело – кое е базирано на театарска претстава на Ира Левин и намерно го задржува тој стил. Како контратежа на неговата театралност, глумата на Christopher Reeve делува посуптилно. Исто така е контроверзен неговиот избор да глуми хомосексуалец после таков голем успех со Супермен каде веќе беше глобално препознатлив како симбол на машкост, морал и „чистота“. Бакнежот меѓу Reeve и Caine (иако многу краток) предизвика огромна реакција, дури и негативен публицитет, а некои фанови на Супермен беа шокирани. Тоа покажува дека тој не сакаше само да биде „икона“, туку актер со интегритет, подготвен да го прошири својот спектар и да ги предизвика општествените норми.
Потоа во ремејкот на Village of the Damned од 1995 во режија на John Carpenter, каде се појавува покрај KirstieAlley како психолог кој води морална борба со надмоќни вонземски суштества во форма на белокоси деца, кои што можат да убиваат со поглед. Новата верзија е визуелно, но и психолошки подобра од оригиналот затоа што ја обработува темата на неприфаќање на "другиот" и за дехуманизацијата и изолацијата на општеството. Овој филм е релевантен и денес кога си ги поставуваме прашањата колку можеме да ги прифатиме и како да се справиме со новите генерации западнати во апатичност и непочитување на старите морални вредности.
Потоа се појавува во Above Suspicion (1995) во режија на Steven Schachter, кој е последниот негов филм пред неговата несреќа каде што се парализира од вратот надолу откако ќе падне од коњ. Како иронија на судбината токму во овој филм глуми парализиран полицаец, нели животот ја имитира уметноста, покрај Kim Cattrall, во улогата на негова сопруга, која го изневерува со неговиот брат.

После неговата несреќа иако може да се движи само со вратот се појавува во ремејкот на Rear Window (1998), во режија на, Jeff Bleckner покрај Daryl Hannah која му е партнерка во неговиот воајеризам. Гледајќи го овој филм, имаме впечаток како да гледаме документарец за лицата што живеат со парализа и многу исечоци се искористени во документарецот за Christopher Reeve. Како борец за подобрување на квалитетот на живот на лицата со парализа, кој оформил фондација преку која се извојувани многу промени, овој филм е најверојатно правен по негова иницијатива и како платформа преку која ќе се претстават предизвиците и тешкотиите со кои тие се соочуваат во секојдневието. Неговото појавување на Оскарите во 1996 во количка беше храбар чин на човек кој не се срами од својата состојба и не ја табуизира и тоа беше прв пат парализиран човек да се појави на најважната филмска сцена во светот, а со самото тоа стана симбол за сила и достоинство. Тој ја искористи својата состојба за да биде лицето и гласот на другите што се наоѓаат во слична положба.

Неговата неверојатна животна приказна не тера да размислуваме за тоа дали има судбина, дали тој ја испровоцирал судбината со тоа што глумел толку моќен човек и заради тоа доживува голем пресврт на судбината, еден ден да е познат како најсилниот човек на светот а потоа да доживее несреќа и да ги помине последните години од својот живот немоќен и целосно зависен од други и 24часовна нега. Не тера исто така да размислуваме за опседнатоста на Америка и на западното општество со супер херои и колку е тоа е оправдано. Сите сакаме да се појави некој супер херој и да ни ги реши сите проблеми и неправди, но за жал такви не се појавија, оставени сме сами на себе и борбата е во нашите раце. Reeve, со сите својатаживотна борба, не само што ги надмина своите физички граници, туку и стана симбол за отпор и за неприфаќање на реалноста. Гледајќи го неговиот живот по несреќата се поставува прашањето дали вистинската сила не е во физичката моќ, туку во внатрешната сила да се соочиш со предизвиците и да ги надминеш. Силата да продолжиш да се бориш, дури и кога изгледа дека сè е изгубено.

Лени Гелева, фотограф , е една од најважните имиња во современата македонска фотографија и важен глас на домашниот визуелен идентитет. Има работено на филмови, десетици групни и самостојни изложби, во последните две децении. Таа е страстен филмски фан, која се прелева во филмската критика.
Comentários