top of page

Енди Ворхол персоната и човекот - дневниците читани со неговиот (AI) глас

Нема човек, дури и кој не е добро информиран за тековната култура кој не го знае Енди Ворхол. Дури и подобро информираните, имаат претстава за него како за чудак, со фасцинација за селебрити култура, кој се лепел за убави и славни луѓе како молец за светлост (или обратното е точно?) со фотоапарат во рацете. Границата помеѓу него и неговата работа е непостоечка и често се преклопувала. Тој калап за современ генијалец, дава претства за многу поедноставни ликови, како дводимензионални и без длабочина. „Дневникот на Енди Ворхол„ е овде да ви покаже дека не е баш така.


Нетфликс и неговите креативци најдоа начин како документарците да ги доближат до значително голема публика и со тоа да го заживеат жанрот, да го оттргнат од риалити шоута и конечно да им дадат толку потентност и моќ што за субјектите и темите кои ги обработуваат во толку популарниот immersive (да се потопиш, да се вдлабочиш) стил, да ги отворат и заживеат. Една од позначајните примери е Создавајќи убиец, од вистински криминал жанрот, каде го отворија прашањето „дали навистина човекот (Стив Ајвери) позади решетки е убиецот?„ и во реалниот свет, со тоа што гледачите и јавноста се вложија во приказната. Кралот на Тигрите го вмеша и Трамп, Џин-јус му ја даде на Кање Вест многу потребната милост во овој период, кога беше обвинуван за малтретирање и напаствување на бившата сопруга и нејзинот нов романтичен интерес. Нетфликс стои позади „култура на измамници„ термин кој стана популарен со Измислувајќи ја Ана и Тиндер трчилажот.


За документарците на Нетфликс кои што ја поминуваат границата во снаф филмови кога се занимаваат со деликатни теми, некој друг пат.


Дневниците на Енди Ворхол доаѓаат во година кога едно од неговите најпопуларни дела Сината застрелана Мерлин оди на аукција и е типувано да стане најскапото дело на 20-от век. Во година кога Фондацијата на Енди Ворхол оди пред Врховниот суд на САД да го одбрани своето уметничко право на говор и принципот на „фер употреба„ за фотографија на Принс, која ја користел, и со тоа се имплицираат многу дела од современата уметност доколку го изгуби спорот..



Затоа кога слушнавме дека Енди Ворхол ќе го добие Нетфликс третманот беше јасно дека Ворхол ќе заживее во тековниот дискурс. Еден од методите на Нетфликс документарците е пристап до протагонистите директно вклучени поради тежината на самиот Нетфликс. Сепак точката на продавање беше гласот на Енди, кој го чита дневникот, генериран од AI. Поинтимна перспектива и да нема.


Документарецот е над 7 часа поделен во 6 епизоди, кој хронолошки го следи Енди Ворхол и го коментира со визуелни референци, како и интервјуа од луѓето спомнати во дневниците, или кои биле сведоци на случувањата, и сликаат приказна која е толку интригантна, што доколку немате слушнато за Енди Ворхол, лесно може да се „продаде„ филмот како комплетна фикција смислена да го држи вниманието на гледачот.


И конечно за оние што го знаат Енди Ворхол, дури и малку повеќе од енциклопедиско и фактографско знаење ќе бидат изненадени од фактот дека постои цел човек позади персоната Енди Ворхол.


Со тоа станува очигледно дека естетиката што денес е доминантна - филтери, темплејти, Инстаграм приказни и фидови - е сосема Енди Ворхол естетика, и директно доаѓа од него. Тој е недвосмислено татко и покровител на поп културата. Таткото на тој говор. Како Дива ја зема својата форма, сфаќаме колку е и наш татко исто така..


Повеќе пати неговите пријатели заклучуваа „ многу нѝ е жал што не доживеа да ја види денешницата - ќе беше фасциниран„.


Сепак самиот документарец во чин на само-рефлексија , нè опоменува дека дневниците се лекторирани и уредувани од Пат Хекет - па можно e да не го слушаме неговиот автентичен глас до крај - нешто што таа го одрекува. Дури тоа и да е точно, Дневниците на Енди Ворхол се содржина што останува со вас долго откако ќе ја изгледате, како тврдоглав вкус на лук или вино... Облакот на трагичност и осаменост кој го следел е нешто што допира до болен нерв.

Comments


bottom of page