Неформалното здружение за култура „Дума ин Сума“ под водство на Ивана Смилевска, Марија Бошковска и Дарко Алексовски успеа да ги обедини група млади жени во креирањето на новата генерација бајки, овој пат посветени на македонските хероини кои оставиле неизбришлив траг во историјата.
Во јануари 2024 година, „Дума ин Сума“ организираше работилница за креативно пишување насловена „Неименувана“, каде што младите учеснички се здобија со знаења за развојот на бајките низ вековите, но и добија инспирација да создадат сопствени приказни. Петте свежи бајки се посветени на Вера Јоциќ, Мимоза Несторова - Томиќ, Мара Нацева - Анка, Билјана Гарванлиева и Веселинка Малинска, жени чии животи и дела сè уште резонираат сила и инспирација.
По завршувањето на работилницата, „Дума ин Сума“ ги претстави текстуалните инсталации на пет различни локации низ Македонија, секоја одредена да оддаде почит на животот и делото на една од хероините. Визуелниот уметник Дарко Алексовски вклучи QR кодови на инсталациите, нудејќи интерактивно искуство кое ги повикува минувачите да истражат и читаат бајките.
Изложбата одржана на 17 април беше клучен настан, каде што учесничките ја имаа можноста да ги прочитаат своите создадени бајки пред публиката, истражувајќи ги темите на храброст, мудрост и истрајност кои ги поседувале македонските хероини.
Промената понекогаш се перцепира како бајка, иако сите потајно мечтаат за среќен крај. Но, за среќен крај, потребен е многу труд, тон имагинација и отвореност за нови знаења.
Во време кога постојано се зборува за недостаток на критичко размислување кај младите, несоодветни образовни политики и генерациски препукувања за „незапознаеноста со нашето“, се одлучивме за „бајковидна промена“.
...
„Дума ин Сума“ ги постави текстуалните инсталации во пет државни институции, соодветни според дејствувањето на секоја од хероините.
Текстуалната инсталација посветена на Вера Јоциќ се наоѓа ОУ „Вера Јоциќ“ - Скопје, а инсталацијата за Мара Нацева - Анка го краси НУЦК „Трајко Прокопиев“ - Куманово.
Текстуалната инсталација посветена на Веселинка Малинска, уредничката на списанието „Македонка“ - орган на АФЖ и прва печатена публикација уредувана од жени и посветена на проблемите на жените во Македонија е поставена во Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“.
Инсталацијата за архитектката Мимоза Несторова - Томиќ може да се погледне во Музејот на Македонија, воедно една од сѐ уште постоечките градби на Томиќ во Скопје.
Текстуалната инсталација во спомен на режисерката Билјана Гарванлиева е поставена во Кинотеката на Македонија.“
- Дума ин Сума;
Со оваа иницијатива, „Дума ин Сума“ не само што цели да ги истакне значајните женски фигури од македонската историја, туку и да инспирира активен дијалог меѓу генерациите и поттикне повисоко ниво на критичко размислување и креативен израз кај младите. Бајките и инсталациите лежат како мост меѓу минатото и иднината, сугерирајќи дека и во нашите современи приказни, среќните завршетоци и херојски подвизи сè уште се можни.
ДОЖДОВНА БУРА
Лара и Мила
Го набљудував моето снеможено село низ прозорецот. Како луѓето сè уште живеат во оваа ледена доба? Ниту еден сончев зрак не ја осветлуваше мизерната пустина, со исклучок на некои залутани зракчиња, кои одвај се пробиваа низ гневните облаци. Се чувствував поразлично од колективот, индивидуално.Водев релативно среќен живот, но мојата душа сè повеќе и повеќе запаѓаше во агонија. Кај кого да пронајдам грам емпатија? Кај грнчарот ли, кој безволно ги обликуваше грнињата во една иста форма со години? Кај берберот ли, кој истите 'рѓосани ножици ги користи цел век? Кај шивачите ли, чии облеки недокрпени, недовршени ги продаваат за пара за еден леб?Сивило го исполнуваше животот во моето мало селце. Но тоа е сè што ние знаеме од најмладите години. Волја за работа нема, пари уште помалку, а среќа воопшто. Секоја наредна генерација беа маченици на своето време, апатично родени и израснати. Читајќи книги, мојата свест не ми потврдуваше дали читам фикција или реалност. На крајот на денот, не знаеш подобро од она кое го имаш преживеано. Се помирив со своите мисли и тргнав кон дневната соба. Од сите бедни луѓе, баба ми беше единственото чкорче надеж во мојот живот. Таа ме израсна во човекот кој сум, во обид да ми овозможи живот без беда. Но, тоа беше она кое најмногу можеше да го направи. И покрај мачниот живот, успеа да го најде светлиот зрак. Седнав до неа, незабележувајќи дека мојата мисловна бура не беше престанала.
‚‚Мило, мрачнина е отцртана на твојот лик. Дозволи баба да навлезе в тие мисли кои те обземале.‘‘
Бев збунет, бидејќи овој израз го поседував секој ден, в секој негов час и минута. За прв пат не знаев што да проговорам, дали да премолчам или секој збор да го излијам. Мисловната мачнина ја надвладеа способноста да премолчам. Надежта кај мене сосема згасна, а кај баба ми беше пред исчезнување. Можев да го забележам тоа иако таа самата ја одбегнуваше вистината. Немав што да изгубам со искажувањето на моите секојдневни мисли. Не беа ништо ново ниту за мене, ниту за неа. Јас ѝ се доверив, а таа ме упати со разумни зборови. Мислев дека таа се шегува со мене со цел да ме развесели, но нејзиниот глас беше сосема сериозен.
„Синко, тебе те очекува правиот пат. Ќе тргнеш на патување кое ќе е кратко и лесно, или пак долго и мачно. Непознатото ги крие одговорите на она кое го бараш.‘‘
Со часови седев стаписан, во обид да го најдам прикриеното значење на тие зборови. Таа беше јасна – треба да одам на некое непознато место и таму да ја барам загубената надеж. Каде се наоѓа таа дестинација, ни самиот не знаев. „Непознатото ги крие одговорите на она што го бараш“ – тие зборови како ехо одѕвонуваа во мојата глава. Таинственоста си играше со мојот ум.
Баба ми е во години, но и многу мудра жена. Никогаш не кажува нешто без причина. Сè она кое можев да го изгубам веќе беше изгубено. Вознемирен од безнадежната судбина на мојот крај, решавам да се препуштам на некое неодредено патување.
Одев по познатиот пат близу излезот на селото, единствено со стомна вода во торбата. Не знаев колку ќе е долг мојот пат, но без разлика, тој веќе започна. Моите чекори беа сигурни, но не чувствував ништо особено.
Полека го напуштав и селото и навлегував во некој непознат дел. Ноќта ја преспав на земја, слушајќи го звукот на скакулците. Таа земја беше најудобниот кревет на кој имам легнато. По малку чекорење изутрината, пред мене се исцрта една бескрајна и застрашувачка шума. Беше украсена со дрвја и неверојатни крошни. Не ме застрашуваше шумата, а ниту мојата судбина. Но, знаев дека се криеше нешто во таа шума, нешто што магнетно ме привлекуваше.
Ги направив првите неколку чекори во возвишената градина. Сè што гледав пред мене беше мрак, но продолжив да одам и заслепен. Имав чувство дека шумата ме води. Бев непобедлив, никое животно, никоја гранка, никои трња не можеа да ми го спречат патот.
Одеднаш, пред мене се појави нешто невообичаено за ваква осамена шума. Пред едно дрво се исправи олкав, напуштен велосипед. Блескаше во една сјајна портокалова боја. Гледајќи го велосипедот, одеднаш почувствував некое чувство кое досега како да беше згаснато во мене. Нешто одамна неоткопано. Тоа беше оптимизмот. Ја чувствував мотивацијата и енергијата во себе. Ова последен пат го почувствував кога одевме на пикник со родителите, играјќи миженка со братучедите, лизгајќи се по мраз зиме. Се присетувам како ги криевме украдените колачиња под маица, а енергијата само надоаѓаше.
Нежно го допрев велосипедот за рачките. Стоев, вчудовиден од сеќавањата кои порано ми предизвикуваа длабока жалост бидејќи се сега недостижни. Сепак, во овој момент како да почувствував дека сè беше достижно. Обземен од моменталните мисли, продолжив натаму по темниот пат со ново осознаената сигурност и желба за повеќе.
Знаев дека тој велосипед не беше обичен, напротив, беше полн магија и волшебство. Добив нагон да дознаам од каде потекнува тој велосипед. Дали некој го поседувал претходно? Како и да е, таа личност сигурно поседувала некаква голема моќ, моќ доволно силна за да биде мој спас.
Помислата на спасот од монотонијата ми ја лечеше душата, душата која пред малку беше покриена со црн шинел. Сега веќе тонев во удобната тишина на шумата, а чувствував и дека сум пообѕирен. Темнината ми го скокоткаше умот и легнав на починка на меката трева пред мојата наредна авантура.
Сончевите зраци продираа низ крошните на дрвјата како никогаш досега. Велосипедот и неговата блескавост беа единственото нешто на кое мислев, а телото ми гореше за повторно такво чувство. Од возбуда се испружив на земјата, која се вдлабна како дувло од меки пердуви, а отскокна кога станав. Образите ми ги допреа ситните и кревки тревки, намокрени од утринска роса. Ја помирисав земјата, мирис кој навидум не беше убав, но за мене беше најпријатната арома која постоеше. Вдишував што подлабоко, чувствувајќи како патот на воздухот се движи до сите делови на моето тело. Замислував дека некоја жолта магија ги исполнуваше моите гради, како весел жар. Лежев и уживав во сè она кое ме исполнуваше во моментот.
Сепак, мојот пат не беше завршен. Почнав да чекорам и сосема ѝ се препуштив на шумата. Повторно се изгубив во нејзината магија и почнав да го следам слободниот лет на птиците наоколу. Сончевите зраци сега како да стануваа сè поцрвени како што повеќе се движев. Тогаш забележав дека таа црвена светлина не припаѓа на зајдисонцето, туку на неидентификуваниот предмет пред мене. Тоа очигледно не беше велосипед. Не знаев дали претставуваше некаква опасност, но на мое изненадување, не почувствував ни грам страв. Зачекорев кон светлината и во непосредна близина, наидов на предметот. Тоа беше мал пиштол, безопасен. Го зедов во рака и почувствував како нешто ново повторно се раѓа во мене. Нешто кое ме потсети на мојата кавга со родителите на мојот другар Митре. Тие го имаа обвинето за една скршена вазна, но јас бев сведок дека тоа не беше негова вина и жестоко го бранев својот пријател. Се присетив на авантурата среде ноќ со татко ми до соседното село, кога тргнавме да продадеме млеко за некоја пара иако наоколу завиваа волци. Ми надоаѓаат овие спомени, а со нив и храброста – чувството кое ми го пробуди пиштолот.
Кројам приказна зад предметот, како ѝ припаѓал на некоја важна личност. Личност која донела промена за многумина, која бестрашно го бранела она кое ѝ припаѓа. Колку повеќе размислувам за неа, толку повеќе посакувам и јас да сум оној кој ќе го промени моето безживотно село. Замислувам како луѓето ѝ се воодушевувале, се осврнувале на нејзината храброст. Фантазирам за некакви борби низ кои поминала личноста, битките кои ги совладала за да се истакне, трудот кој го вложила за својот народ.
Зачекорувам натаму по патот, облеан со жестокост, со некоја несовладлива решителност која се пробуди во мене. Приказната за пиштолот ја држам близу до себе, сакам на сиот свет да му ја раскажам. Сакам таква храброст на сите да им подарам. Везам така во своите мисли и се вивнувам низ шумата, потскокнувам.
Чекорам променето од сета насобрана храброст, а забележувам дека и шумата го променила својот изглед. Тоа не е истата темнина со која првично се запознав, таа како да осветлила за неколку нијанси. Чиниш треперат светулки наоколу, тактира нивниот жолт сјај. Шумата се накитила со некоја жолтеникава боја, како да ги спуштила ѕвездите од небото и ги зела за себе. Сјајот е беспрекорен.
Навлегувам подлабоко и забележувам како некои отплеткани конци се сврзале по боровите стебла. Свилени конци, облеани со истиот оној жолтеникав сјај што ги красеше ѕвездите и веселите светулки. Забележувам дека тие се поврзани од дрво на дрво, водат некаде, цртаат некаков пат. Сета доверба им ја препуштам ним. Се стрчувам по осветлениот жолтеникав пат, сосема сум бестрашен!
Трчаме така заедно со светулките и конците, ритмички функционираме. Туку одеднаш сите застануваат. Чинам сосема онемев в тој миг. Сите конци сврзани на еден сјаен килим, скроиле едно блескаво парче жолта ткаенина. Беше пожолт од сончоглед, посјаен од најскапоцениот цитрин.
Му се приближувам, а во мене оживува сè она кое претходно беше згаснало, се буди мојот најголем копнеж. Како да ми мина низ глава еден сон в тој миг. Селото мое го краси веселба, ведри се лицата на луѓето мои, а јас жестоко верувам дека тоа ќе е нашето јаве. Во мене нешто гори, толку силно верува. Возможно е! Моето село ќе се разбуди, јас тоа го чувствувам толку сигурно, го гледам пред мене.
Килимот поставен на самиот крај на шумата, чека да го направам првиот свој чекор на него. Му се приближувам и туку одеднаш сè ми се разведрува. Јас ја зграпчив надежта! Килимот да ти бил ткаен со толку верба, со толку голема сигурност дека промената може да настане. Килимот е создаден од надежта, онаа која силно жубори во мене.
Внимателно го правам првиот чекор, а килимот започнува да се одмотува. Како што чекорам по него, тој почнува да се простира низ целото село. Пустото наше село одеднаш оживува, блеснува во онаа сјајна цитринска боја. Килимот трепери незапирливо, а од прагот на секој дом се вивнуваат луѓето. Тие се насмеани! Личат ведро, исто онака како што ги видов на сон. Се фаќаат на игранка кој со кого прв ќе стигне, се воодушевуваат на глетката под нивните стапала, восхитно извикуваат. Сите ја впиваат досега прикриената магија на селото, никако не се двоумат. Секој еден е осветлен, борбата заврши!
Божицата на надежта нè посети сите. Таа беше прекрасен цвет по дождовна бура. Сончевиот зрак во ледената доба, преврска на отворена рана. Таа создаде дом во долговечната пустелија.
Тоа беше незаборавната и надежната, Мара Нацева – Анка.
Comments