top of page

Демографски и културен диверзитет во античкиот град Помпеја: Преглед на новите научни откритија


Во 79 година од нашата ера, последниот настани за многумина од жителите на Помпеја беше ерупцијата на Везув, која ги закопа под 6 метри пепел и седимент. Телата на десетици луѓе останале доволно долго во својата форма за слоевите од остатоци да се насоберат околу нив, создавајќи празни форми кои по распаѓањето на мекото ткиво се претвориле во совршени шупливи калапи.


Во 1863 година, археолозите почнале да ги пополнуваат тие празнини со гипс за да создадат реплики на последните моменти на жртвите. Највпечатливите реплики дале поттик за создавање наративи: групата составена од дете и двајца возрасни, од кои едниот носел накит на рачниот зглоб и во скутот држел дете, била наречена „Семејството од Куќата на Златната нараквица“. Пар телa што изгледале како да се во емотивна прегратка добил називот „Двете девојки“.


Сепак, новите геномски анализи на скелетните остатоци вградени во овие калапи го доведуваат во прашање традиционалното толкување на овие фигури. Според студијата објавена во списанието Current Biology, ДНК анализата покажува дека идентитетот и релациите на починатите не се совпаѓаат со долго прифатените претпоставки, кои главно се базирани на физичкиот изглед, поставеноста на калапите и романтични интерпретации инспирирани од литературата и филмовите.

Тимот научници, кој вклучувал генетичарот Дејвид Рајх од Харвард и антропологот Давид Карамели од Универзитетот во Фиренца, открил дека возрасниот и детето кои претходно се сметале за мајка и дете всушност се возрасен маж и дете кои не биле во биолошка врска. Исто така, било утврдено дека ниту едно од четирите лица во таа група не биле крвни роднини.


Генетичарката Алиса Митник од Харвард изјавила дека тимот успеал јасно да ги побие тврдењата дека оваа група е нуклеарно семејство, но додала дека не можат со сигурност да кажат какви биле нивните односи и каква улога имале во домот. Можеби биле слуги или робови, или пак децата можеби биле деца на слугите што живееле во куќата.


Дополнителните геномски тестирања покажале дека барем едно од двете „девојки“, кои се сметале за сестри или мајка и ќерка, всушност бил маж. „Во овој случај можеме да кажеме дека едниот бил генетски машко и дека не биле матерно поврзани“, изјавила д-р Митник. Таа сугерирала дека можеби биле љубовници, браќа, па дури и брат и сестра, како што практиката на посвојување била вообичаена во Римското Царство, особено меѓу богатите слоеви на општеството.


Генетичарот Габриеле Скорано од Универзитетот во Копенхаген, кој не бил вклучен во новата студија, коментирал дека наодите ги потврдуваат и засилуваат резултатите од прелиминарната анализа објавена во 2017 година, како дел од Големиот проект за Помпеја – програма за стабилизација и реставрација на најзагрозените карактеристики на местото.


Во таа иницијатива, медицинското снимање разоткрило неколку митови за калапите. Компјутерската томографија (CT) на една наречена „Бремена жена“ открила дека таа најверојатно не била бремена и можеби не била жена. Експертите претпоставиле дека збрчканата облека е причина за испакнатоста на стомакот. Покрај тоа, утврдиле дека некои од жртвите најверојатно умреле од повреди на главата наместо од задушување.


Проценките се дека околу 10 проценти од жителите на Помпеја односно околу 2.000 од вкупно 20.000 луѓе, загинале за време на ерупцијата на Везув. Првите систематски ископувања започнале во 1748 година и оделе бавно сè до 1860 година, кога археологот Џузепе Фиорели бил назначен за раководител. Фиорели ја пионеризирал техниката за изработка на гипсени калапи. До денес, направени се 104 калапи, од кои 14 биле испитани во новото истражување.


Според д-р Митник, едно од најизненадувачките откритија за жителите на Помпеја било нивниот генетски диверзитет, што укажува на космополитската природа на Римското Царство во тој период. Оваа разноликост се припишува на миграции, ропство, освојувања и трговија. Во времето на катастрофата, трговските патишта на Царството се протегале од Северна Африка до Азија, а луѓето се движеле кон Рим по своја волја или под принуда.

„Некои од оние за кои успеавме да добиеме податоци на ниво на целосен геном покажуваат генетска предиспозиција кон источномедитеранското потекло, што би можело да се совпаѓа со популации, на пример, од Егејот или Левант“, изјавила д-р Митник. „Така што, можеби станува збор за неодамнешни мигранти или потомци на мигранти од тие региони.“



Новите откритија нè учат на смиреност и скептицизам при толкувањето на минатото. Диверзитетот на жителите на Помпеја покажува колку различни култури и етникуми биле присутни во градот, отсликувајќи ја сложеноста на Римското Царство.

Kommentarer


bottom of page