Еве сме во истата ситуација: Да Џака Накот издава нова музика, а ние треба да се потсетиме дека ретко кој со толку конзистентност, толку често излегува со нови парчиња музика дали се тоа синглови, ЕП-а, ремикси, реизданија или албуми, таа река од рими, ритмови, гневна, артикулирана, и доколку се загледате подобро: со заплакано лице, не престанува. Ова нѝ беше забелешката, откако го ислушавме најновиот сингл на Да Џака Накот – Мелем (Шурикен Рекордс).
Нетипичен за него во темата: од социјални теми до спиритуално патување, од неговиот кауч до џунгли и степи, со амбиција да се препороди како Феникс, но овој пат, без его. Флоуот е добро познат – македонскиот јазик, ставен во функција толку вешто е секогаш одново изненадување, ритамот од друга страна е смирен, и звучи како JPEG Mafia, оној олд скул хип хоп во кој македонските рапери се заљубени, и е заменет со експериментален, нешто што се чини дека станува тренд со амбициозните хип-хопери, воопшто.
Мелем излезе на 13-ти мај, петок тринаесетти, (на ист ден кога и двојниот албум на Кендрик Ламар, Mr. Morale and the Big Steppers) а не помина ни една недела, кога наизглед од никаде Да Џака Накот сподели со нас дека ќе се збогува со македонскиот хип хоп. Реката, сепак се чини дека секна.
Но, сепак не без достојно збогување: за 30-ти септември е најавена журка за преслушување на веќе најавениот албум, во МКЦ, кој следниот ден ќе биде објавен (на дигиталните платформи).
Да Џака Накот е дел од Легијата која пред тоа (пред 2008) одела со името Против сите. Иако нѝ се чини дека сме биле тука некаде кога се раѓал македонскиот рап, со концертот на Чиста Околина кај Пошта, преслушување на албуми на САФ во Буњаковец, и мотањето во студио на Темната страна кај Аго во маало, сепак Против сите и Да Џака Накот предничат на сето набројано: тие почнуваат со креативна работа во 1992 практично како деца, кога рапот бил стар колку самите нив.
За контекст: во 1992 година, е издаден The Chronic на dr.Dre, Check Your Head на Beastie Boys, и секако Totally Crossed out на Kriss Kross :). Во 1992та, кога Легијата почнале да се опробуваат - се формирани Wu Tang Klan!
Од една страна е фасцинатно и покажува зошто Македонија е на мапата на глобалниот хип хоп (сосема признаени!), од друга страна како и со повеќето работи во Македонија нема речиси никаков белег за тоа: нема озбилно музичко новинарство, а камоли специјализирано за хип хоп, нема изданија, реизданија, компилации ништо од стандардните механизми за пишување на историјата на една култура. Но, ги имаме социјалните мрежи, каде стои архивирањето на оваа битна супкултура на кревките нозе на ентузијастите и личните колекции и албуми од слики, музика и информации. Го пишувам текстов, а низ прозорите се вовлекува хип хоп ритам кој доаѓа од саботна дневна журка од комшиското Баду, и ми пристигнуваат најавените одговори на прашањата кои ги пратив по порака.
ДИВА: Имаш во интервјуа споменато дека пишуваш книга, која дури има и наслов Од А до Џ, дали ќе го види светлото на денот, и можеби ќе биде објавена?
ДА ЏАКА НАКОТ: Книгата од "А до Џ" планирам да ја објавам во два дела поради обемноста на материјалот, имено во неа пишувам за мојот живот, за рапот во Скопје и неговата историја, меѓутоа колку повеќе пишувам, толку повеќе работи се имаат да се допишат, и се враќам во години и допишувам случки и дешавки.Опфаќа период од мојата рана младост, од детство па сè до снимањето на првиот албум на Легијата во 2006. Многу детали и многу имформации, за секој што го интересира Скопската сцена која го роди рапот во Македонија, како и каде се случуваа тие работи, на места кои веќе ги нема, со луѓе кои ги нема и на локации кои веќе не постојат, за едно Скопје од сеќавањата. Пролет 2023 ќе ја објавам првата книга, имам и издавач од Македонија кој е заинтересиран за проектот. Во меѓу време излегува Live On, No Evil палиндромскиот албум со 22 песни, многу гости, продуценти гости, и нов звук како за мене, така и за целата сцена во Македонија.
ДИВА: Твоето збогување е со музиката воопшто, или само со македонскиот хип хоп?
ДА ЏАКА НАКОТ: Последен албум на Џака Накот. Имам снимено повеќе од 400 песни, што сметам дека е доволно за да можам да се пензионирам, самиот факт што не живеам во Македонија со години е дел од таа одлука, вториот аспект е дека сцената е доволно силна и различна за да може да издржи без мои активни изданија, ќе продолжам да работам, единствено мојата соло кариера како Џака Накот ја завршувам со овој албум, Роки Марчијано стил.
ДИВА: Значи, ќе продолжиш со музиката?
ДА ЏАКА НАКОТ: Веќе повеќе години снимам на англиски и полски со GL!TCH (мојот cyber-punk бенд од Германија) и планирам во тој правец да ја продолжам работата, тоест да ја насочам енергијата, веќе работам на новиот проект.
ДИВА: Има ли конкретна причина која можеш да ја посочиш? За збогувањето со сцената овде?
ДА ЏАКА НАКОТ: Отсекогаш планирав Џака Накот проектот да биде трилогија на албуми, но некако ми се снимаше, сум имал што да кажам, можеби и оној младалачки пристап кога мислиш дека имаш некое влијание и дека луѓето навистина слушаат. Кога реално на никој не му е гајле, а мене ми беше и повеќе од што требало, сум инвестирал и време, пари и здравје, и после толку години е исцрпувачки да даваш максимум а да ги имаш тие состојби во Македонија кои ги имаш, од секој аспекти социјален и политички.
Се гледаме на промоција во Скопје на 30 септември, во МКЦ, а до тогаш имате по еден сингл од мене секој месец на мојот канал на Јутуб, како и на сите платформи. Една љубов. - заклучи Да Џака Накот, и додека веќе привршував со текстот агресивно и намерно брмчење со мотор и свирење на коли украсени со бели машни предизвикаа плач на заспаните комшиски бебиња, и бегањето „главом без обзира„ на маалските животинчиња... музиката која ги придружуваше скоро сосема го потона пријатниот фон од Баду. Во било кој друг ден, мислата која би произлегла на оваа сè повообичаена сцена е дека West Side Skopje, Влае, ја губи битката и описот кој го придружува кога се пишува за него „урбаната населба Влае„ со малигниот вулгарен сељачизам, кој нема ниту осет ниту обзир. Но иако Џака го напушти, сепак нѝ фрли појас за спасување и ќе продолжи тоа да го прави. Таман додека се регрупираме и се прешалтаме од летаргија, до дефанзива, во офанзива!
Муницијата е овде! До тогаш слушајте го Да Џака Накот летово, и на 30-ти септември, узгоднети, одморени и исончани - се гледаме во МКЦ!
Comments