Го гледав новиот „Фрезјер“. Ќе ви кажам уште веднаш: доколку очекувате дека ќе продолжи каде што застана пред 20-на години - ќе бидете горко разочарани.
Вообичаено обновувањето на класичните карактери се пречекани со измешани реакции кои доаѓаат од големи очекувања, па и овој пат не беше исклучок.
Пред новата инкарнација на „Фрејзер“, дојдоа рецензиите на новинарите кои го имале задоволството да присуствуваат на проекција на првата епизода, пред официјално да почне да се емитува на ТВ екраните. Џен Моир од Дејли Мејл ламентираше - ова не е стариот Фрејзер! „ Што му направија на Фрејзер, најдобриот ситком некогаш направен? Го нема Најлс((David Hyde Pierce)) или Роз.((Peri Gilpin). )“ !! - стоеше во насловот, а огледот ни даде малку увид што треба да очекуваме, беше носталгично прераскажување на „Фрејзер“ од 90-те кој сите го знаеме наместо некаква рецензија на новиот. Од местото каде што Грамер првпат стапи на ТВ екраните во '80-тите, новата сезона нè враќа во Бостон, додека воведува нови карактери, вклучувајќи го и Фредерик, неговиот син. Овие нови ликови даваат нова димензија на наративот и стапуваат во врска со темите на денешницата, со Фредерик (Jack Cutmore-Scott) како пожарникар кој се откажал од студирање на Харвард, и зборува за Кјеркегор и на француски - само кога е пијан.
Минатата година некаде напролет Њујорк тајмс излезе со текст кој се прашува зошто ликовите кои играа луѓе во своите 40-ти и 50-ти изгледаат како пензионери каде како пример беше посочен Фрејзер. Зарем чичкото кој го гледавме заеднички со татко ми на Канал 5 пред вестите во 7 сега ми е врсник? Вечно облечен во беж костуми, актовка и фризура која е соодветна на професор по географија од 1970-тите!?
Мажите (и жените) на телевизија кои ги гледаме веќе со години се се́ уште витални, згодни, со живот кој не е ограничен по ништо од годините, освен тука и таму по некоја приказна каде реализираните, секси, ликови се борат со својот биолошки часовник (Во "Да се биде Мери Џејн", Габриел Јунион има 45 години за време на снимањето, а ликот кој го глуми е во трка да реализира семеен живот пред да наполни 40).
Во неверица пребарав по стриминг сервисите дали ја емитува серијата - го најдов - и почнав да го гледам како возрасен човек кој може да ја гледа и да ги улови повеќето заплети, поентирања, шегите- како игрите со социјалниот статус (Фрејзер и неговиот брат Најлс поставени наспроти нивниот татко полицаец и херој од работничка класа) кој често ги надмудрува, поларна спротиставеност која е извор на многу од комедијата, тука е и „здравствената работничка“ Дафне која е чудак и исто така доаѓа од чав културата во Манчестер.. Но, сето тоа беше наспроти она што се главните ликови браќата Крејн: тие ги сакаат фините работи во животот, вино, шери, џентлмен клубови, опери и театар, џемпери плетени во шпанско село цела една година, па и натпревари - кој повеќе потрошил на своите луксузи, и секогаш нешто поаѓа ужасно комично по зло) … Како тинејџер голем дел од овие слоеви можев само да ги насетувам колку и да се редуктивни и карикатури што не е невообичаено во ситком жанрот.
Фрејзер заврши кога сите контрасти се помирија и кога во тоа помирување, сите ликови пораснаа.
И така се фатив како се смеам сама, дома, на глас до солзи и го гледав од првата до последната сезона одново и одново од пролетва до есенва. И не бев осамена во таа навика: „Зошто возрасни жени толку го сакаат Фрејзер?" - прашуваат американските медиуми. Затоа што неговиот простран, среден стан е место кое го посакуваат за себе, посебно во хаотичните зафатени животи одат таму да се одморат.. Или „Зошто Фрејзер е врв на комфорна ТВ?“ дискутираат поткастерите? А зар е битно - се́ што ми треба после стресен ден е тишина, темница и „Фрејзер“ на телевизија...
И можете да замислите какво изненадување беше кога слушнав дека, да навистина, доаѓа нов „Фрејзер“ и тоа само откако го исцедив стариот!
Бев решена дека и покрај млаките оценки јас апсолутно ќе се заљубам во новата серија. Самиот глумец (минус истенчената и побелена коса) изгледа речиси идентично на Фрејзер кој го оставивме откако заминува од Сиетл во Чикаго по својата љубов која конечно ја најде, но и за голема кариера на ТВ психолог (а ла Др.Фил).
Кругот е комплетиран. Тој во 2023-та се враќа од Чикаго во Бостон, местото на кое по прв пат го запознавме ликот Фрејзер Крејн, во серијата „Кафулето На здравје“ во 80-тите години. Од оваа култна серија излегоа многу ѕвезди: Кристи Али и Тед Денсон, се само неколку од нив.
Панданот на Роз „Феминистичката икона“ која беше фамозно промискуитетна и либерална во својот апетит за мажи, а потоа и самохрана мајка, сега е шанса да се кимне и отиде во насока на диверзитет, е шефицата на Фрејзер, професорката Оливија Финч (Toks Olagundoye), шефица на катедрата за психологија на Харвард. Панданот на Најлс е амалгамиран со оној на Дафне во ликот на колегата на Фрејзер, ликот кој на сите ни е добро познат од Only Fools and horses - Николас Линдхрст, како Алан. Тој е „британски трезен“( „трезен сум - испив само шест вискија“) , професор по психологија, на моменти се чинеше дека е водечкиот лик, и го надигрува и самиот Келси Грамер во комичарската харизма и само тој ја спасува серијата.
И така, сцената е поставена. Секако една од главните улоги на Фрејзер секогаш беше неговиот стан, и многу од епизодите и ситуациите се вртеа околу него: дали пречекува жена за романтичен состанок, спрема забава или е камен на сопнување кога татко му се обидува да интервенира - беше се́присутен, па иако не го прескокнале сосема тој момент, сепак брзински и овлаш преминаа преку таа димензија и тука доаѓа главниот проблем со новото издание на Фрејзер.
Веројатно знаејќи дека повеќето ќе го бараат стариот Фрејзер во новиот, ја имале невозможната задача во само неколку епизоди да се обратат на содржина од 11 сезони на Фрејзер, туку и оние на „Кафулето На Здравје“. Тоа ќе беше невозможно дури и доколку продолжеа на истиот сет со истата актерска екипа.
Тоа не функционира така ниту во животот, ниту во уметноста. Животот продолжува, а со тоа, културата, генерациите, и луѓето кои уметноста ги огледува, но и актерите во својата човечност. Дури јас, решена дека ќе го гледам новиот Фрејзер подеднкаво заљубена како неговиот претходник сосема слепа за сите можни пропусти, се фатив како гласно протестирам: „Зар е можно Фрејзер да го ставиле во патики! Нечуено! Бласфемија!“
Она што беше херој од работничката класа во 90-тите, доколку го облекле во фланелна кошула во 2023, ќе изгледаше на несмасна карикатура, лик кој е невозможно да му веруваш.
Минатата недела заврши последната епизода на првата сезона, и тоа со гласен пукот - типичниот Фрејзер наратив.
Преамбициозна забава станува катастрофален и „се пукнав од смеење“ - неуспех, овој пат со божиќна журка, каде наместо 24 столици и една елка, стигнуваат 24 елки и една столица, при што се принудени да бидат домаќини на… бифе! (страшно во својот невкус за Најлс и Фрејзер! - тие секогаш инсистираат на класична вечера.) И додека Фрејзер се помирува со неуспехот, на вратата ѕвони Роз.
Прегратката се чини дека е искрена и е прегратка на Грамер и Гилпин колку што е на Фрејзер и Роз. Пери Гилпин на својот инстаграм кажа дека чувството било исто како на сетот што го знае, како да е дома. И дека со задоволство би продолжила каде што застана.
Дека работите ќе си дојдат на свое место. Треба само малку време и трпение.
И конечно сфатив дека Џен Моир беше во право. Фрејзер не е ист. Но мислам на Фрејзер ликот, а не на серијата. Тој иако не изгледа многу различно, всушност шокантно слично (и е татко на 3 годишно дете во приватниот живот), тој не е истиот оној Фрејзер кој не́ остави со пренагласена гестикулација, предраматичност, жестокост во сите негови сцени, и е физичка комедија во многу од актерската игра. Моментот кога ќе му дозволат да се раскомоти во оваа фаза тогаш и очекувањата ќе згаснат и ќе почнеме да уживаме во она што го имаме. Оној Фрејзер кој го знаеме веќе го имаме, сега е време за еден друг, 68 годишен, кој се приближува во животната улога на татко кој ужива лаконски, седнат во својата позиција, во лакрдијата околу него.
Comments