top of page

Блаже Конески како што не сте го читале досега

И (речиси) три децении откако Блаже Конески почина, сепак ни́ дава новости, кои се тоа и за најстрасните и посветените ученици на неговата интелектуална и креативна оставина. Овој пат, тој го врти погледот кон метафизиката, филозофијата, историјата која првично ја наумил како литературна игра, но сфатил дека може да биде поконфузна од неговата намера, па ја оставил така, гола. Белешката, или „таблицата“ е предадена во 1993, кога Југославија веќе не постоеше онака како што ја знаеја нејзините деца и беше втурната во војна, Источниот блок беше фрагменитран и дел од него повлечен на Западот, а Заливската војна беше привршена, но сите ја доживуваа само како најава. Светот во кој живеевме после Втората светска војна – свет на обновување, победување на заканата олицетворена во наци - Германија, славење на таа победа која се протегаше со децении – тој свет беше можеби по прв пат неизвесен. Таа неизвесност беше особено загрижувачка на Македонците, кои голем дел од нив се сомневаа дека една мала незначителна и историски проблематична земја може да одолее на ветриштата кои веќе ги чувствувавме на нашите образи. Човекот кој речиси самостојно борбата за македонскиот јазик ја носеше на своите плеќи токму во овој период – Блаже Конески – можеме да замислиме дека бил особено загрижен во овој контекст. Еве како (дознаваме преку Иван Антоновски), ја изразил таа грижа за претстојните премрежија:






Ова е најнеобичниот текст на Блаже Конески, предаден за печатење во 1993 година и објавен непосредно по неговото упокојување. И за пораките од овој текст на Конески треба да се проговори на промоцијата на „КОНЕСКИ КАКО ТЕСТАМЕНТ“, во „19:19“. Меѓу нејзините корици е и исчитувањето на овој текст со научна диоптрија.

Да го (пре)прочитаме во предвечерјето на денот кога ќе одбележиме 77 години од усвојувањето на првиот Правопис на македонскиот јазик.„ – забележа професорот, писател, преведувач, есеист и нов татко Иван Антоновски на неговиот Фејсбук профил како најава за тогаш претстојната промоција на „КОНЕСКИ КАКО ТЕСТАМЕНТ “ на проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Антоновски ја водеше промоцијата и разговорот со Мојсова – Чепишевска.



ТАБЛИЦА ПЕРВАЈА

1. По законот на месото, можеме да го сфатиме само животот, не смртта. Затоа е оправдана надежта и секоја оптимистичка илузија. 2. Космосот се крепи на дуализмот и од него зема внатрешна сила. Ден и ноќ. Лето и зима. Добро и зло. Вечна борба без крајна победа и без краен пораз. 3. Во два следа се врти и историјата: по период на цицање крв со памук следи период на пуштање крв со нож. 4. Грабежот е неизоставна составка на економската дејност во така изделените етапи. Економските системи можат да бидат подобри или полоши, но нема економски систем ефикасен сам по себе, без да е во него вграден грабежот. Мит е дека богатиот, цивилизираниот Запад е создаден само со труд. 5. Во така изделените етапи, успешните протагонисти на релативната стабилност тврдат дека економијата решава сè, додека демонските природи се потсмеваат на тоа, подготвувајќи се, во смената на историските периоди, да го пљачкосаат тоа што други го спечалиле. 6. Има историски релјеф. Кајшто текло вода, пак ќе тече. Се менуваат ознаките, а се перпетуираат привилегиите. Важно е не да бидеш доследен, а да не плаќаш данок, како што плаќа рајата. Формите се менуваат, суштината останува. Затоа најмалку обнова, во смисла на активирање на трудот, има во региони со стара државност, во кои привилегиите се вкорениле подлабоко, отколку во периферните области на светската историска сцена. 7. Препорака. Поради законот на месото, оптимизмот значи подобар избор од песимизмот. Сè е загубено без верата дека човештината сепак може да си создава поширок простор. Тоа би значело безусловна капитулација на духот. Тоа не го допушта дуализмот што го проникнува космосот. Има смисла во Сизифовата работа. Дали сме доволно свесни дека понекогаш руините, и по својата убавина, нè импресионираат повеќе од зачуваните градби? Скопје, марта 1851 лето Јордан Хаџи Константинов – Џинот Исповед на еден мистификатор Овој текст го напишав јас едно претпладне во март 1993 г. На Џинот сум му благодарен што ми ја позајми формата. Решив да не брзам со објавувањето и само неколку копии поделив меѓу свои пријатели, со забелешка под текстот: соопштува Блаже Конески, Видов дека некои од нив не ја откриле веднаш играта, зашто ме распрашуваа во какви околности можел Џинот да се искаже на ваков начин. Сега, кога се решив да ја објавам оваа „таблица“, не би сакал да ги доведам во иста ситуација и некои од читателите. Затоа сметав дека треба да го приложам ова објаснение.“ -Блаже Конески После завршувањето на промоцијата, тој одново заклучи „Вчерашната промоција на најновата книга на мојата менторка, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, за мене (а верувам и за многумина од мојата генерација и генерациски блиските) обврзува и дава клучна насока и за годините пред нас... Ја наследуваме обврската (тестаментално оставена и од Конески) да пишуваме и исчитуваме на македонски!





Да ја имаме „КОНЕСКИ КАКО ТЕСТАМЕНТ“, секој во својот дом. Оти Конески, сите го носиме во нас! И како што си порачавме во завршницата на промоцијата... Да запомниме, да не заборавиме: ДЕЛОТО НА КОНЕСКИ Е НУЛТА ТОЧКА НА СОВРЕМЕНАТА МАКЕДОНСКА КУЛТУРА!“

Comments


bottom of page