
Берлинскиот меѓународен филмски фестивал, еден од најистакнатите филмски фестивали во светот, се соочи со нови обвинувања за антисемитизам откако хонгконшкиот режисер Џун Ли, на премиерата на неговиот филм „Queerpanorama“, го прочита говорот на иранскиот глумец Ерфан Шекариз. Говорот, кој ја критикуваше германската влада и нејзините културни институции, вклучувајќи го и самиот Берлинале, за поддршка на „апартхејдот, геноцидот и бруталното уништување на палестинскиот народ“, содржеше и контроверзен слоган: „Од реката до морето, Палестина ќе биде слободна“.
Овој слоган, кој се однесува на територијата помеѓу реката Јордан и Средоземното Море, вклучувајќи ги Израел и окупираните палестински територии, е предмет на жестоки дебати. Додека некои активисти за палестински права го опишуваат како повик за мир и еднаквост, други, вклучувајќи ги и германските судови, го сметаат за повик за уништување на Израел и исфрлање на еврејското население. Германското Министерство за внатрешни работи го стави слоганот на списокот на забранети симболи, нарекувајќи го „заштитен знак“ на Хамас. Сепак, некои судови во Германија се спротивставија на ова толкување, оставајќи ја одлуката за казнивоста на слоганот во рацете на поединечните случаи.
Ова не е првпат Берлинале да се најде во центарот на вакви контроверзии. Минатата година, критиката кон израелската политика за време на церемонијата на доделување на наградите, особено од страна на израелските и палестинските режисери на документарецот „No Other Land“, доведе до обвинувања за антисемитизам и повици за подобро управување со вакви ситуации.
Како одговор на минатогодишната криза, Берлиналето објави нови насоки насловени како „Прашања и одговори за почитување и отворен дијалог за време на Берлинале“. Овие насоки ја нагласуваат посветеноста на фестивалот на заштитата на слободата на говорот, истакнувајќи дека германските закони за слобода на изразување се „исклучително сеопфатни“ и дека тие „завршуваат само кога ги повредуваат правата на другите, стануваат дискриминаторски или ја загрозуваат јавната безбедност“.
Насоките, исто така, ги разјаснуваат гласините дека Берлинале ги забранува симболите на солидарност со Палестина, како што се кефија марамите или обележјето со лубеница. Сепак, симболите кои се општо забранети со германскиот закон, како што е свастиката, очигледно се забранети на фестивалот.
Посебен дел од насоките е посветен на фразата „Од реката до морето“, наведувајќи дека нејзината употреба „изискува посебна внимателност“ и дека во Берлин веќе има случаи каде таквите изјави беа предмет на судски постапки.
Реакции и одбрани
Триша Татл, американската филмска кураторка која ја презеде функцијата директор на Берлиналето во април 2024 година, изрази жалење за инцидентот на премиерата на „Queerpanorama“. Таа нагласи дека учесниците беа предупредени за политичките изјави кои се особено чувствителни и потенцијално казниви. Сепак, Татл истакнува дека фестивалот не може да ги ограничува уметниците во нивното право на слободно изразување.
„Ако ги замолчиме луѓето, наскоро нема да имаме меѓународен филмски фестивал“, рече Татл. „Ние цврсто се спротивставуваме на секаков облик на антисемитизам, но мора да осигураме дека слободата на изразување ќе биде зачувана.“
Политизирана Тилда
Фестивалот започна со проекцијата на „The Light“, но вистинскиот момент на возбуда дојде кога Тилда Свинтон се качи на сцената за да го прими Златниот мечок :) за животно дело. Во својот инспиративен и остар говор, Свинтон го опиша Берлин како „безгранично царство без политика на исклучување, прогон или депортација“. Таа го нарече филмот како медиум „голема независна држава“ која е „вродено инклузивна и отпорна на обиди за окупација, колонизација или приватизација“ — очигледен коментар за изјавата на Доналд Трамп дека Газа може да стане туристичка дестинација.
Нејзиниот говор на церемонијата на отворање беше полн со осуда на „настојувањата на окупација, колонизација, преземање, сопственост или развојот на ривиерски имоти“, што некои медиуми го протолкуваа какo критика кон Израел.

Не запре со својот протест ниту на прес-конференцијата, кога Свинтон изрази поддршка за палестинската кауза, иако не именуваше конкретни земји или политичари.
Свинтон, која долги години е активистка за палестинските права, изрази восхит кон движењето BDS (Boicot, Desinversión y Sanciones), но истакна дека одлучила да учествува на фестивалот бидејќи смета дека нејзиното присуство може да биде корисно за сите заеднички каузи.

Берлинале се наоѓа на крстопат помеѓу обврската да ги почитува германските закони и традицијата на слобода на изразување. Додека некои критичари сметаат дека фестивалот треба да биде построг во контролата на политичките пораки, други веруваат дека ограничувањето на слободата на говорот ќе ја загрози неговиот меѓународен углед. Со оглед на тоа колку воздухот беше густ од политичките пораки и гестови, и покрај обидот да се измазнат со холивудски сјај, не е некое изненадување што на крајот на денот - некој беше скандализиран и навреден. Оваа ситуација има елемент на драмедија - сценарио од кујната на Саша Барон Коен.
Берлинале на 75 години: Ѕвезди, политика и филмска магија во обновено холивудизирано издание
На својот 75-ти роденден, Берлинале се подмлади со нов изглед. Историскиот филмски фестивал докажа дека, и покрај тоа што е малку за‘рѓан и има брчки, се́ уште е доволно кул за да се дружи со Тимоти Шаламе, Роберт Патинсон и Џејкоб Елорди.
Ненадејниот кул фактор во Берлин може да се припише на новата директорка, Триша Татл, која ги открива и одржува креативните текови но и носи повеќе А-листери на проекциите (оние кои обично можат да се видат во Кан или Венеција). „Целата индустрија навистина го сака Берлиналето да биде силно“, изјави Татл за Variety .
Тимоти го освојува Берлин во тренерки
Тимоти Шаламе пристигна во Берлин на Денот на вљубените за специјална проекција на „A Complete Unknown“ и веднаш стана главна тема во медиумите поради неговиот розев дукс и маица без ракави, кои ги носеше на црвениот тепих среде снежна бура. Внатре во киното, тој доби интересно друштво — неговата девојка Кајли Џенер. Со оглед на тоа што околу 20% од гласачите на Оскарите се меѓународни членови, можно е идните оскаровски кандидати да го следат овој пример и да го искористат Берлин како клучна станица во текот на наградната сезона.
(Не)склучување договори
И покрај присуството на големи ѕвезди и возбудливи наслови, годинашниот филмски базар беше забавен на фронтот на купопродажбата. Наместо традиционалното целоноќно преговарање на лице место, сé повеќе режисери испраќаат линкови до студијата дома, оставајќи го договарањето за подоцна. По сличната ситуација на овогодинешниот Санденс, Берлин исто така не виде многу потпишани договори во првите денови. Сепак, Sony Pictures Classics ги обезбеди правата за Северна Америка за трилерот со Џоди Фостер, „Vie Privée“, а Mubi и Focus ги купија правата за „The History of Sound“ со Пол Мескал и Џош О’Конор. Овие договори, сепак, биле договорени пред почетокот на фестивалот.
Фактор на возбуда

Најголемото откритие на Берлинале оваа година не беше филм, туку минисеријата „The Narrow Road to the Deep North“, во која главната улога ја игра Џејкоб Елроди, а режисер е Џастин Курцел. По прикажувањето на првите две епизоди, серијата остави силен впечаток кај фестивалската публика. Интересно е што таа сé уште нема дистрибутер во САД, но многу компании веќе покажуваат интерес.
Познати продуценти во Берлин
Основачите на продукциската куќа Plan B, Деде Гарднер и Џереми Клајнер, беа меѓу ретките продуценти од висок ранг кои се појавија на Берлинале. Нивната компанија, која ја води и Бред Пит, го прикажа новиот филм на Бонг Џун Хо, „Mickey 17“, неговото прво остварување по оскаровскиот „Parasite“. Гарднер исто така беше дел од посебен разговор на Европскиот филмски пазар, што беше голем успех за новата директорка на пазарот, Тања Мајснер, но и за Татл, која има блиски врски со американската филмска индустрија од нејзината претходна позиција во BFI London Film Festival.
Берлинале оваа година покажа дека сé уште има моќ да привлекува големи имиња и да диктира трендови. Иако дел од традиционалните пазари можеби се менуваат, фестивалот останува место каде што културата, политиката и ѕвездената моќ се испреплетуваат на највисоко ниво.
Opmerkingen