Веројатно во обид да се остане во границите на добриот вкус, шокот кој не́ заглуши со губењето на Мирко се пребродува исклучително стоички. Нескриено, отворено, но во манирот на британската stiff upper lip. Но би било лага доколку ја порекнуваме болната лузна, и би било сосема во директен судир со неуморниот оптимизам на Мирко, кој доколку се заборави како филозофија на живот и делување, ќе биде заборавање на неговата оставштина.
Неговото семејство - голем дел од нив вдомени во ПМГ и она што го започнуваше во „Силата еу младуте“ тоа го знае и решија да продолжат со журката, и да одбијат да ја исклучат музиката.
Митра.мк годинава преку Mitrafest 5 одлучи да му оддаде чест на овој културен и музички гигант. Музичкиот дел од фестивалот, кој започнува токму на неговиот роденден, е посветен на Мирко и неговата љубов кон звукот и уметноста.
На листата на учесници се имиња како Дарко Јорданов, Виолета Качакова, Александар Гавровски, Божидар Видоевски, Илина Ангеловска, и многу други кои низ својата музика ќе го прослават духот на Мирко Попов. Овие музички творци, секој со свој уникатен пристап, создадоа плејлисти кои се директно инспирирани од она што Мирко го сакаше и поддржуваше, но слушајќи го изборот, се чини и директен интимен разговор со Мирко.
„Како што најавивме, оваа година, Mitrafest 5 носи посебна емоција и значење, бидејќи музичкиот дел го посветуваме на нашиот драг пријател, другар, колега и голем поддржувач на Mitra.mk – Мирко Попов.
Мирко беше вистински амбасадор на културата и музиката, а неговата страст и енергија засекогаш ќе останат инспирација за сите нас.
Мирко Попов (1972-2024) беше познат автор, продуцент и издавач на македонска музика, диџеј, радио водител и уредник, иницијатор и организатор на бројни музички фестивали, програми и културни акции.
Тој беше една од највлијателните фигури во домашната музичка сцена, континуирано создавајќи простор за креација, издавање и презентација на современото македонско музичко творештво.
Мирко Попов ќе остане запаметен не само по неговиот музички талент и творештво, туку и по неговата пасија, пријателство и посветеност кон секој надоаѓачки бран на нова музика и генерација на музичари. Неговиот придонес е значаен и ќе продолжи да влијае на македонската музичка и културна сцена долго време.
Во негова чест, за неговиот роденден, неговите најблиски, другари, соработници и диџеи кои го познаваа и работеа со него, подготвија специјални миксови кои ја рефлектираат неговата креативност и љубов кон музиката. Овие миксови се создадени со голема почит и ќе бидат достапни за сите да ги слушнат, споделат и уживаат во нив. 🎧
Дарко Јорданов
Виолета Качакова
Александар Гавровски
Божидар Видоевски
Илина Ангеловска
Нино Наумов
Божидар Јовановиќ Боле
Далибор Таневски Дади
Дарко Марковси
Александар Малевски
Зоран Ристевски Зоки Бејбе
Оги Узун
Нино Флудер
Роботек
Теа Шалдева
Оваа музичка прослава започнува на 15-ти октомври, на роденденот на Мирко Попов, кога ќе ги пуштиме овие миксови и ќе славиме со музика како што тој би сакал.“
Повеќе од Митрафест 5 овде.
НО ТОА НЕ Е СЕ́
Откако ќе се размрдаме и загрееме по дома, на 18-ти (петок) во Макка бар а потоа во Епицентар, журката продолжува со геслото „PMG si Ti”. Изборот на Диџеи е 100% Мирко: Александар Гавровски, Дарко Јорданов, Нино Наумов, Виолета Качакова, Андреја Салпе, Илина Ангеловска и Божидар Видоески. Можетете да сметате на нив.
Comentarios