Оваа среда, на 4 декември, во 20:00 часот, во „Јавна соба“ ќе се случи еден од најочекуваните книжевни настани на годината: промоцијата на „Тони“, првиот роман на најуспешната современа македонска писателка Румена Бужаровска, во издание на Издавачки центар ТРИ.
Позната по своите брилијантни раскази, како и романизираните есеи „Господ, па Америка“, Бужаровска со „Тони“ се впушта во нова територија – создавање на лик што истовремено ќе ве фасцинира и одбива. Преку средовечниот Тони, некогашен рокер кој живее со мајка му и работи во државна институција, Бужаровска ни нуди длабока, но истовремено и сатирична анализа на машкоста, традицијата и општествените компромиси.
„Тони е средовечен бивш рокер од Скопје, кој живее со мајка му и работи во државна институција. Во текот на пандемијата, ненамерно, но по своја вина, предизвикува неколку настани кои засекогаш го менуваат неговиот, а и животот на луѓето околу него. Ставајќи се себеси на прво место, Тони неприкосновено се држи за својата илузорна дефиниција за личната слобода“ - Издавачки центар ТРИ.
Романот, кој според издавачот се чита „во еден здив“, веќе предизвика интерес поради својата способност да ги спои трагедијата и комедијата. „Со својот горчлив хумор и жив јазик, Бужаровска мајсторски ги преиспитува нашите колективни заблуди за слободата, односите и личниот интегритет,“ велат од ТРИ.
На промоцијата, ќе имате можност да ја слушнете самата авторка во разговор со писателот Петар Андоновски и поетесата и уредничка Калиа Димитрова. Триото ќе нè води низ книжевните и емотивните слоеви на романот, а публиката може да очекува еднаква доза смеа и интроспекција.
Comments