top of page

Почнува Оффест: Празник на музиката на светот од две децении




Од својот старт во 2002 година, ОФФест стана неизоставен дел од македонската културна сцена, претставувајќи уникатен и шарен карневал на звуци од сите континенти. Создаден како сестрински фестивал на Скопскиот џез фестивал, во моментот кога чашата на СЏФ се прелеа (можеби само навидум?) со вклучување на жанрот кој е носечки, но не и исклучив, на ОФФест - светска музика .




Кого го слушавме и гледавме на Оффест?


За вљубениците на музиката ОФФест е место каде можат да уживаат во изведби на некои од најголемите имиња од светската сцена. Тоа што не мораме да патуваме да ги видиме, (всушност музичките ентузијасти доаѓаат во Скопје!) - никогаш нема да престане да биде „штипни ме - можеби сонувам?“ - момент, кој трае и кога концертите ќе завршат. Навистина ги гледавме Massive Attack!? - Да!


- Massive Attack - Пионерите на трип-хоп жанрот чиј уникатен звук комбинира електронска музика со елементи од џез, реге и светска музика.

- Patti Smith And Her Band - Легендарната „кума на панкот“ која направи незаборавен перформанс во Универзална!

- David Byrne - Вокалистот на Talking Heads, познат по своите авант-поп и алтернативни звуци.

- Cesaria Evora - Жената кој ја популаризира музиката од Кабо Верде на светската сцена.

- Tinariwen - Малиската група чиј блуз го освојува срцето со своето уникатно спојување на традиционална музика и модерни звуци.


Дополнително, не помалку значајни учесници беа и Anoushka Shankar, Oumou Sangaré, Fatoumata Diawara, St Germain, Gotan Project, Amadou & Mariam, Bebel Gilberto и Marizа.





Зошто Светската Музика е Посебна?


Светската музика како жанр претставува саундтрек на глобализацијата. Овој жанр ги надминува границите на националните култури и создава фузија која носи заедничка културна релативност. Музиката раскажува приказни за животот, за културните ритуали и обичаите, поврзувајќи ги луѓето со универзалните звучни приказни.


Низ годините, ОФФест успеа да демонстрира дека светската музика нема само една дефиниција. Од традиционалната, етно и фолк музика до совршено интегрираниот звук на современата и експериментална музика, ОФФест ги носи сите овие делчиња на сложувалката.


Светската музика и џезот


Светската музика и џезот се два жанрови кои често се пресекуваат. Џезот, кој по правило е еден од најфлексибилните музички жанрови, секогаш наоѓал инспирација во различни култури и звуци. Неговата отвореност и импровизаторска природа овозможува лесно интегрирање на елементи од светската музика, што резултира во богати и комплексни фузии.


Многу од артистите кои настапувале на ОФФест преставуваат токму такви фузии. На пример, Mulatu Astatke е не само легендарен етриопијски музичар туку и творец на етио-џезот, а Добрила и Дориан дуо успешно го интегрираат македонскиот етно звук со современите џез вибрации.


Афро музика за почеток на 23 ОФФест


Низ магијата на африканската музика и уникатните звуци на пустинскиот блуз, 23. издание на ОФФест ќе се отвори на 6-ти јуни, ветувајќи импресивен почеток .


Оваа година фестивалот носи две значајни имиња од африканската музичка сцена: BOMBINO и BCUC.



Омара "БОМБИНО" Моктар, познат гитарист и култен херој од Нигер, ќе го започне фестивалот со своите дисторзирани гитарски мелодии кои го доловуваат звукот на африканската пустина. Бомбино, еден од клучните претставници на „пустински блуз“, е познат по мешавината на традиционалното и модерното, создавајќи волшебни ритми кои ја слават културата на Туарезите. Промовирајќи го својот седми албум „Sahel“, издаден минатата есен за култната Partisan Records, Бомбино ветува незаборавно музичко искуство.



По него следи афро-психоделичниот септет BCUC (Bantu Continua Uhuru Consciousness) од Совето, Јужна Африка. Познати по своите енергични и трансцендентни живи настапи, BCUC ги комбинираат фанки грувови, хип-хоп елементи и репетитивни бас рифови, креирајќи музика која е истовремено своја и политички свесна. Со албумот „Millions of Us“ (2023), кој доби одлични критики ширум светот, групата ветува дека ќе ја внесе публиката во вистински транс.


Фестивалот, кој ќе трае до 9-ти јуни, е платформа за светската музика, нудејќи уникатен спој на звуци и култури.

За повеќе информации и купување билети посетете ја официјалната веб-страница на фестивалот.

Следете го и настанот на Facebook.


Дива Мисла е платформа основана на 7 јули 2021 после серија разговори на тема „Што и́ треба на сцената“ со неколкумина уметници. Одговорот: Фали многу затоа почнавме таму и тогаш, со трапави одлучни први чекори. Посветена на истражување и споделување на разновидната култура и уметност во светот. Ја отвораме вратата кон светот на културата, од висока уметност до поп култура, и се стремиме да го претставиме ова како дел од глобалната релевантна култура и уметност. Не само што ги преиспитуваме оние кои ги држат клучевите(gatekeeper) туку и инсистираме: Дивата мисла можеби не е за сите, но припаѓа на сите. Култура и Уметност: Нашиот сајт ги истражува и анализира сите аспекти на уметноста и културата. Од литературни рецензии до уметнички изложби, ние го истражуваме и го споделуваме најдоброто од светот на културата. Поткаст: Поткастите се доминатната платформа минативе 5 години, на која сите гласови го најдоа своето место: препорачуваме и длабоко загребуваме во темите кои го дефинираат човековото искуство. Дали разговарајки за уметноста или анализирајќи ги човечките мотиви, ние ги истражуваме аспектите кои нè прават луѓе. Урбан Читател : Ние ги истражуваме уметноста во урбаниот живот и го поддржуваме урбаното изразување. Од улични перформанси до графитите, се вклучуваме во уметничкиот пулс на градовите. Фотографија, Филм и Музика: Нашиот сајт нуди рецензии и анализи на најновите фотографии, филмови и музика. Ги проучуваме и ги споделуваме најновите трендови во овие визуелни и звучни изрази на уметноста но и се потсетуваме на класиците - често тие се ново искуство за младата и свежа публика. Активизам: Дива Мисла поддржува активистички движења кои имаат цел подобрување на светот. Ние внесуваме глас за промени и ја одбележуваме важноста на активизмот во современиот свет. Дива Мисла е место каде може да истражите и да се вклучите во дискусии за се што ја прави човечката култура и уметност така прекрасна и интригантна.

Контакт: contact@diva.mk

телефон: +38970230314

           

© diva.mk - ви благодариме што го почитувате авторството и креативниот труд, со назначување на изворот. ©
дива лого
bottom of page