top of page

Mickey One (1965) – иновативен филм кој е пред своето време

од Лени Гелева;




Најверојатно повеќето слушнале за Бони и Клајд, но ретко кој знае за Mickey One, неоноар исто во режија на Артур Пен, инспириран од француски нов бран. Овој мал опскурен скапоцен камен е еден од најиновативните филмови во својата ера. Филмот е исполнет со џез музика компонирана од Eddie Sauter, со импровизации од еден од најпознатите саксофонисти, Stan Getz. Главната улога на Mickey One, кој тоа име го добива случајно, откако ќе ја земе картичката на пијан Полјак што ќе го ограбат на улица, ја игра Warren Beatty. Неговото е име им е тешко на работодавачите да го изговорат, па го менуваат во Mickey One.



Mickey One е стенд-ап комичар, кој запаѓа во тешки долгови, заради кој им припаѓа на мафијата. Тој ќе избега од Детроит и ќе создаде нов идентитет од почеток во Чикаго, но не може да избега од паранојата дека некој постојано го гони. На моменти оваа параноја добива кафкијански димензии, затоа што не се знае точно кој го гони и дали тие стравови се вистински. Тоа особено е потенцирано во дијалогот со неговата девојка Џени, која му вели дека не знае од кого се крие и за злосторство што не знае дека го сторил, а тој на тоа одговара дека тој само знае дека е виновен – за тоа што не е невин.



На моменти имаме впечаток дека ова не е неговиот живот, туку кошмар, или како тој да е дух кој е во лимбо и се уште нема сфатено дека е мртов и затоа му се случува таа параноја. За тој впечаток додава и ликот на еден нем пантомимичар (Kamatari Fujiwara, актер кој на Артур Пен му бил предложен директно од Акира Куросава) кој се појавува неколку пати во филмот со количка, како за да го пренесе во светот на мртвите и постојано прави движења или звуци со кои како да сака да пренесе некаква порака, што Мики, се уште не е спремен да ја разбере. Во еден момент тој создава една кинетичка скулптура наречена „Yes“, омаж на уметникот Jean Tinguely и неговите самоуништувачки машини, и изведува перформанс на кој можат да му позавидат многу денешни перформанс-уметници. Таа има и свој манифест: „Yes ќе оживее иако ќе се самоуништи. Нејзината најголема слобода ќе дојде од нејзината најголема закана. За „Yes“ храброста е слобода“. Овој манифест е како порака за она што му се случува на Мики и за тоа што треба да го направи, т.е., да се соочи со своите стравови. Откако машината ќе се запали, доаѓаат пожарникари кои и самите како да се дел од перформансот и додаваат на соновната атмосфера со пената што се разлева на сите страни, и таа на крајот навистина оживува дури и тоа ако е само за да замавне еднаш на единствената останата публика, Мики и неговата девојка.



Освен пантомимичарот оваа атмосфера ја дополнуваат и сцени со луѓе кои скокаат на трамбулина, објаснување што е органска храна (ова во филм од 1965) и сцените со отпад во кој се пресуваат автомобили, веројатно како метафора на стравот на Мики дека мафијата и него ќе го смачка како тие автомобили.

Филмот има невообичаен и впечатлив звук на дизајн. На моменти звукот се пригушува, а на моменти има неартикулирани звуци.

Филмот не бил прифатен во своето време и бил критикуван како претенциозен, но Пен се чини дека е пред своето време и ја илустрира Америка како галерија на параноја, цинизам и осаменост.



Лени Гелева, фотограф , е една од најважните имиња во современата македонска фотографија и важен глас на домашниот визуелен идентитет. Има работено на филмови, десетици групни и самостојни изложби, во последните две децении. Таа е страстен филмски фан, која се прелева во филмската критика. 

Comments


Дива Мисла е платформа основана на 7 јули 2021 после серија разговори на тема „Што и́ треба на сцената“ со неколкумина уметници. Одговорот: Фали многу затоа почнавме таму и тогаш, со трапави одлучни први чекори. Посветена на истражување и споделување на разновидната култура и уметност во светот. Ја отвораме вратата кон светот на културата, од висока уметност до поп култура, и се стремиме да го претставиме ова како дел од глобалната релевантна култура и уметност. Не само што ги преиспитуваме оние кои ги држат клучевите(gatekeeper) туку и инсистираме: Дивата мисла можеби не е за сите, но припаѓа на сите. Култура и Уметност: Нашиот сајт ги истражува и анализира сите аспекти на уметноста и културата. Од литературни рецензии до уметнички изложби, ние го истражуваме и го споделуваме најдоброто од светот на културата. Поткаст: Поткастите се доминатната платформа минативе 5 години, на која сите гласови го најдоа своето место: препорачуваме и длабоко загребуваме во темите кои го дефинираат човековото искуство. Дали разговарајки за уметноста или анализирајќи ги човечките мотиви, ние ги истражуваме аспектите кои нè прават луѓе. Урбан Читател : Ние ги истражуваме уметноста во урбаниот живот и го поддржуваме урбаното изразување. Од улични перформанси до графитите, се вклучуваме во уметничкиот пулс на градовите. Фотографија, Филм и Музика: Нашиот сајт нуди рецензии и анализи на најновите фотографии, филмови и музика. Ги проучуваме и ги споделуваме најновите трендови во овие визуелни и звучни изрази на уметноста но и се потсетуваме на класиците - често тие се ново искуство за младата и свежа публика. Активизам: Дива Мисла поддржува активистички движења кои имаат цел подобрување на светот. Ние внесуваме глас за промени и ја одбележуваме важноста на активизмот во современиот свет. Дива Мисла е место каде може да истражите и да се вклучите во дискусии за се што ја прави човечката култура и уметност така прекрасна и интригантна.

Контакт: contact@diva.mk

телефон: +38970230314

           

дива лого
© diva.mk - ви благодариме што го почитувате авторството и креативниот труд, со назначување на изворот. ©
bottom of page