top of page

Лајбах е враќање на акцијата во име на идејата, враќање на емоцијата во име на умот

Јули, 2023; Скопје-Љубљана.


Лајбах ( Laibach ), словенечкиот бенд познат по својата провокативна и експериментална музика од своето формирање во 1980-тите години, стана непресушен извор на контроверзии и се постави себеси како еден од најзначајните бендови на индустриската музика.

Со своите текстови и музички аранжмани(од амбиентална музика до кантри), Лајбах истражуваат политички и културолошки релевантни теми, со поместување на границите и играње со стереотипите Имајќи го сето ова во предвид: станува јасно дека можеби составувањето на прашања, кои во најмала мерка би биле барем доволно свежи, на бенд кој работи 4 децении и има глобална кариера, би било сложено и тешко да се изведе... Но набргу станува јасно дека грижата е сосема неосновано од неколку причини. Едната е: и после четири децении светски позната кариера, Лајбах се чини дека треба одново и одново да ги објаснуваат своите позиции посебно онаа во однос на наци-идеологијата. Иконографијата која ги поврзува со таа идеологија и нејзиното пласирање на буквалистички начин, со што ја оставаат сосема гола.

Од каде доаѓа тоа одрекување и недостатокот на било каква волја да се види логиката позади естетиката која ја користи Лајбах - можеби затоа што оние кои ги слушаат на некое ниво се поврзуваат и заљубуваат во она што го гледаат и слушаат без да си дадат шанса да остават простор за премислување. И токму затоа што четири децении подоцна, одговорот на ова прашање не може никако да се стави како разрешено, сите прашања кон Лајбах се „оправдани“ ако не за новите генерации (изверзирани за сурфање по интернет и вадење на информации кои и искусни архивари или библиотекари би ги заплашиле), ако не за нивните фанови кои само минатата година се гостеа со три нови изданија, тогаш за сите помеѓу кои можеби ќе се сретнат со нив. А утре(7.07.) Авалон во склоп на еднодневниот фестивал Skopje Calling, ги носи Лајбах (заедно со Нина Кравиц, Констракта и Земља грува, Буч Кесиди, и Nipplepeople) и голема е веројатноста дека ќе имаат свежи очи и уши пред нив…



ДИВА МИСЛА: Ги пишувам овие прашања во очекување на Лајбах во Скопје ( но по прв пат во Северна Македонија ). Лајбах издаде ЕП/саундтрак минатиот јануари и два албуми во период од 12 месеци. Слованија е во пламен, која е во децениски долга глобална динамика и тензија, излегуваме од пандемија, вирусот ја замолчи па ја потресе осамената сина планета (а може и само воздивна и одмори), а локално (на Балканот) никогаш нема недостаток од вести за некоја пропаст во најава.

Го храни ли Лајбах човештвото на дело, неговите тектонски придвижувања или уметничкиот процес е сосема поинаков и далеку од вревата? Дали ќе го имавме овој обем на музичка продукција да немавме пар апокалиптични години како што имавме?


ЛАЈБАХ: На апокалипсите и катадневните вреви им нема крај но нашиот процес на работа е всушност ист како и секогаш и можеби најлесен начин да се одговори на ова прашање е со тоа да се вратиме на некои од првобитните позиции дефинирани во нашиот Манифест (Конвенција од 10 точки) во 1982 година:

ЛАЈБАХ го анализира односот помеѓу идеологијата и културата во доцниот период, презентиран низ уметноста. Напнатоста помеѓу нив и постоечките дисхармонии ( социјални немири, индивидуални фрустрации, идеолошки спротивставености ) ЛАЈБАХ ги сублимира и со тоаја елиминира целата директна идеолошка и системска дискурзивност.(...)

Секоја ументост е подложна на политичка манипулација, освен онаа која зборува со јазикот на истата таа манипулација. Да се зборува со политички јазик значи да се разоткрие и признае сеприсутноста на политката.(...)

Идеологијата го завзема местото на автентичните облици на општествената свест. Во модерното општество со признавањето на тој факт, субјектот застанува на позиција на политички (политизиран) субјект. Лајбах го разоткрива и изразува спојот на политиката и идеологија со индустриска продукција и непремостивиот јаз помеѓу тој спој и дух.(...)

ЛАЈБАХ во својата работа го презема организациониот систем на работа на индустриско производство и идентификување со идеологија.(...)што значи: не говори индивидуата, говори организацијата.(....)

ЛАЈБАХ практикува провокација на револтираноста на отуѓената свест ( која нужно мора да бара противник) и ги здружува протагонистите и антагонистите во израз на врева на статичен тоталитаризам.



Кинотеката на Северна Македонија ја отвараат јулската ревија на скандинавски филмови со Liberation Day. Се чинеше дека се шегувате во филмот кога најавивте настап во Техеран, но изгледа дека сепак ќе одите во Иран. Што добивате кога настапувате во најозлогласените авторитативни системи на светот ( ова е кажано со потполно разбирање на човечноста и контекстите на споемнатите култури и луѓе )?


- Добиваме прочистена рефлексија на тоталитаризам во огледало, без непотребни украси со кои се камуфлираат т.н. Демократско-неолиберални парадигми на западниот, односно „слободниот“ свет.



Дали некогаш сте изненадени кога одредени вести ќе се појават на вашите, на нашите екрани?


- Не смееме да заборавиме дека историјата на светот е всушност историјата на војните и катаклизмите, со повремените периоди на мир. Значи, војна и мир. Истото важи и денес, само што поради глобалната меѓусобно поврзана светска свест, и едното и другото се случува во исто време, на микро и макто ниво. Војната е мир и мирот е војна. Затоа, навистина не би требало да има некои значајни изненадувања на екраните кои се хранат со спектакли. Единствено може да не́ изненади изненадувањето само, доколку ни се случи.



„Без Југославија Лајбах е сирак.“(цитат од „Денот на ослободувањето“) - И покрај фактот што носталгијата е меч со две острици, таа истовремено предизвикува чувство на удобност и копнеж за минатото, но овие чувства ја заматуваат комплексноста на историските реалности. Како Лајбах се движи низ оваа тензија и каква перспектива има за југоносталгијата?


- Лајбах е сираче по своја сопствена одлука, па ние не одгледуваме никаква носталгија за Југославија, само сме носталгични по самата таа носталгија. Југославија инаку беше елоквентна творба која по многу тоа, го антиципираше она што денес се случува во Европа. Освен тоа, како држава и идеологија беше релативно безбедно засолниште за збратимените, но меѓусебно вечно раскарани балкански племиња. Денес новонастаните држави на територијата на поранешното „Братство и Единство“ се пред се́ евтина дребулија на меѓународните политички интереси и експлоататорски ловишта на локалните мафијашки кумови. Ние сме можеби отворено сентиментални кон овој некогашен заеднички простор па затоа му посакуваме многу среќа и успех во соживотот. Но, не сме премногу оптимистични дека тоа навистина и ќе се случи.


Кога гледам уметничко дело, се прашувам: дали ме инспирира, дали ме допира и придвижува, дали учам нешто од него, дали ме изненадува или воодушевува - дали се возбудувам, вознемирувам? Дали е ова тест што мора да го помине секое уметничко дело: дали може да создаде емоционално влијание врз некоја личност дури и ако нема никакво образование или теоретско знаење за уметноста? Отсекогаш сум имал проблем со уметноста што само некој го има диплома по историја на уметност може да разбере, а јас имам проблем со теориите. Во секој случај, повеќето од нив се глупости.“

Ова е цитат од Готфрид Хелнвејн ( Gottfried Helnwein ) уметникот чие дело го гледаме на насловната страница на албумот Wir sind das volk . Дали некогаш сте се надевале дека ќе ги поттикнете или испровоцирате споменатите чувства, особено знаејќи дека Лајбах е можеби најтеоретизираниот бенд, што не е изненадување ако се знае дека е нурнат во историјата, во коментирањето на тоталитаризмот, идеологијата, државата... Или нема елемент на предумисла кога работите?


- Размислувањето на Хелнвејн многу е конзервативно и традиционалистичко, но во тоа нема ништо лошо, тој е конзервативен уметник кој исклучително се потпира на критериумите на сопствениот вкус и го проценува делото низ сопствената перцепција. Како таков, тој е типичен претставник и заговорник на т.н. ретинална уметност односно перцепција. Ретиналната уметност се однесува на уметност која е исклучиво работена за окото (и за душата), а не за умот, додека концептуалната уметност е онаа која првенствено кореспондира со умот. Лајбах е, спознание на универзалноста на контрадикцијата. Тоа е откритие на отстуство на рамнотежа помеѓу сексот и љубовта, помеѓу препуштеноста и активноста. Ги користиме сите сознанија на историјата да ја означиме оваа нерамнотежа. Таа љубов е безгранична; бог има едно лице, ѓаволот бесконечно многу. Лајбах е враќањето на акцијата во име на идејата, враќањето на емоцијата во име на умот.


Карти за Skopje Calling можете да купите овде и овде.

разговараше со Лајбах: Ана Чушкова;

Фото-манипулации: Milk of dreams;






Comments


bottom of page