top of page

Дубравка Угрешиќ разговор за вредноста на правото на неприпадност



На наткасната на креветот, минатиов месец живее „Доба на кожата“ од Дубравка Угрешиќ. Често ја избирам - на македонски - за да си ги изострам забите, и фокусирам, ги има сите елементи кои ми бегаат, и не ми доаѓаат природно: острина, педантност, во изразот, со речиси застрашувачка моќ на перцепција, духовита, нешто како кога аскет плаче. Но исто така, знаете… она елузивно „женско писмо“ (или тоа беше едно време: постои ли - не постои). Идентитети, другост, дом и егзил, отуѓеност од тој иденитет, припаѓања, а посебно неприпаѓања, па и одроденост од сите тие категории како механизам за преживување на прва се чини дека се теми со кои современите македонски жители се во интимен дослух: и македонските и балканските. Но, се испостави - таа состојба е едноставно zeitgeist, ослободена од културни одредници, универзална приказна, која секаде исто удира. Веќе со децении. Па така, Темплум годинава, во склоп на фестивалот „Друга приказна“ промовира два наслови (од планирани четири): Штефица Цвек во челустите на животот и Нарилник за вештерки - првата е издадена во 1981, а втората 2021, четиридеценски лак.


Во антрополошкиот занает, во етнографијата, има практика, етички код, па и правило информаторите да бидат вклучени во процесот на истражување повеќе од само набљудувани или интервјуирани: често текстот е понуден на преглед, пред и официјално да биде објавен. Па така, се наоѓам себе си како коментарите додадени post festum ги пишувам со великодушна доза на преиспитување и терен каде што може да се наруши претпоставената доверба во разговорот.


Читањето на одговорите беше искуство само по себе, но со преведувањето веќе се фатив себе како запишувам ментални белешки на замислените маргини (и потоа доаѓа оној нож кој делка, сецка, отвара рани - во сопствените прашања кои веќе ми се абјектни). Сакам да ја повлечам за ракавот - и да го продолжам разговорот. И излегува тоа поврзување, ќе се случеше и надвор од претпоставениот авторитет, кој е невозможно да се отповика, или заобиколи. Дури и Дубравка Угрешиќ да беше фиктивен карактер - обзирна, но без отстапување на она што го гледа како вистина. Никако во shock jock манир, носено и подвлечено со духовитост, која е веќе препознатлива за неа. Духовитост, но не цинизам или огорченост, туку од дечија зачуденост и развеселеност се чини, пред мало - големите факти на животот.


Дива: Кога македонската новинарка инсистираше да и́ кажете како ви се чини Скопје пред неколку години, и́ кажавте дека е страшно. Како би го решиле тоа - продолжи со прашувањето - вие бевте прилично логични и препорачавте: минирајте! Па би сакала да почнам со известувањето дека Скопје не беше минирано по вашата препорака, но имплодираше. Делумно „под превезот на ноќта“ она што можеше да биде демонтирано и однесено во некој магацин, веројатно во друштво со скулптури и бисти на Тито, петокраки и југословенски знамиња, на буништето на историјата. А делумно, само од себе, таа страва почна да се деградира - популизмот е идеолгија на моментот, нема стратегија повеќе од измамување на заљубени воздишки - па така тој стиропор кој симулираше мермер, попушти и напукна под притисокот на само неколку летни дождови. Сјоран чувствувал олеснување но и лет во празно кога патувал од Романија во Париз. Дали кога доаѓате на Балкан се чувствувате дека тоа е враќање и какво чувство е тоа? Кои духовни, ментални психолошки механизми се активираат? Ако воопшто тоа се случува? Или чиста љубопитност?


Дубравка Угрешиќ: Новинарката ме праша што мислам за новиот скопски урбан дизајн, а јас одбив било што да кажам. Без обзир што јас и да мислам за сето тоа, како гостинка не би се осмелила да кажам било што негативно. Меѓутоа, новинарката беше упорна, а интервјуто требаше да излезе утредента, и јас бев, речиси сигурна дека весниците нема да сакаат да го објават тоа, реков дека сѐ изгледа прилично страшно. Па што да правиме, праша новинарката. Да минираме, реков јас. Утредента коментарите на читателите беа бројни и неочекувани. Да минираме! - повторуваа анонимните коментатори. Одговорот на вашето прашање е отворен. А може и всушност го нема. Местата кои ги напуштивме не остануваат исти. Југославија во која сум родена не остана иста, се промени, и се менува со секој нов ден. Со самото тоа што не постои, ја дисквалификува реалноста на носталгијата. Можеби не треба да се оди на места кои нешто нѝ значеле, бидејќи конфронтацијата со новата реалност, на некој начин го уништува сеќавањето. Некои земји, некои предели, некои луѓе одат наназад. Доаѓате во минато кое не е ваше, но и во иднина која не е ваша. И тука доаѓа до конфронтација помеѓу вас и сликата која што сте ја усвоиле, бидејќи веќе не одговара на она што сте го усвоиле. Неодамна прочитав цитат. Тој му припаѓа на младиот американско-виетнамски писател Оушн Вуонг (Ocean Vuong) и ми се покажа како точен: What is a country but a life sentence. Што е татковината ако не доживотна робија. Врската помеѓу вас и „усвоеното“ (без обзир што е содржината на усвоеното) тешко дека ќе престане.


Дива: Кажувате дека не можете да ја прифатите квалификацијата „Родена во Хрватска“ затоа што сте родена во Југославија. Дека не сте холандска писателка бидејќи не пишувате на нивниот јазик. Дека припадност и идентитет немате бидејќи сте транснационална, наднационална. Кога ги спремав прашањата, ми текнуваше на анегдотата кога Данило Киш се степал со Борислав Михајловиќ Михиз поради провокација на овој вториот кој гласела „Што сакаш Кишка, ние Србите ти дадовме јазик„“ Дали имате конфликт со јазикот на кој пишувате како и со останатите идентитети кои ви се не само назначени - туку и наметнати? Дали можеби сте размислувале или сте си поигрувале со идејата да го отфрлите, на ист начин на кој го отфрливте она што „хрватството“ (па и „српството“ итн.) се претвори во 90-тите? Дали домот, по она што се чини дека трагате, е всушност хрватскиот јазик? Или тоа е едноставно инструмент кој го користиме како да речеме тастатурата, без емотивна, носталгична поврзаност?


Дубравка Угрешиќ: Се сеќавам како пред многу години, во едно американско универзитетско место, заедно со триесетина писатели од целиот свет, присуствував на фелиниевска сцена. Еден турски поет, малку се поднапи, се соблече гол, и во ходникот на студентскиот дом во кој што бевме сместени урлаше: I am a man! Му приговорив, баш како да волонтирав, како да сум личноста која е задолжена за книжевничкиот морал. Се подналути… “Ајде, што се правиш важна, да не бевме ние Турците, вие немаше да имате јазик“. А многу години подоцна, кога прв пат се обраќав во Истанбул, се сетив на таа епизода и признав дека турскиот поет беше делумно во право. Сѐ на сѐ не сум во конфликт со јазикот на кој што пишувам туку со полуписмените и необразуваните луѓе кои се прават дека се меритодавни. И не би имала ништо против, продавачката во пекара да ме опоменува дека на хрватски се вели "kruh" а на српски "hljeb", туку кога тоа ми го кажуваат луѓе кои се вклучени во образовниот систем, од учители во основни школи до универзитетски професори, кога тоа го прават медиуми кои немаат проблем со секојдневното производство на порнографија, но улогата на јазични полицајци ја сфаќаат озбилно. Примери има илјадници и илјадници до неодамна, кога некое момче ја искршил плочата на кој уметникот напишал на кирилица и латиница слоган кој го паметам од основно школо а тоа е: Кога Србинот и Хрватот ќе се сложат, и олово да плива може. Сѐ на сѐ националната, етничката, трибалната припадност мора да влегува во темелните, неповредливи човекови права. Меѓутоа и правото на неприпадност мора да има ист статус и да биде едно од темелните човекови права.


Дива: Како ви пристапуваат американските, западните новинари и соговорници е прилично интересно за мене, почнувајќи од моментот кога се борат со изговорот на вашето име, но не затоа што не го знаат. Но, во моментов се чини како да разговараат со вонземјанин кој го говори нивниот јазик и се нашол на нивната планета, па не бараат само одговори каков е животот таму преку границата, културна и историска, туку и потврда дека нивните сигнали стигнале до небесата. „Мики Маус бил прилично популарен позади железната завеса!“ е буквален цитат од разговор со вас. Но, од друга страна “Другост-другите“ најпосле се чуени и тоа не е веќе куриозитет која е циркуска или зоолошка изложба во која се ѕверат зачудени странци. Малцинствата, имигрантите, јазиците, и чудните имиња не само што се толерираат, туку се пуштени на масата за одлучување или барем се зборува за спремност тоа да се направи. Ве чуди ли тој храбар нов свет (и тоа не само од горенаведените причини), ве плаши ли секогаш одновото наговестување на рекалибрирањето или ве возбудува? Дали попрво би сте живееле во топлите, безбедни ќошиња на носталгијата (она што останало од неа)? Или тој немир, камчето во чевелот сте го усвоиле како нешто што ви дава креативен импулс?


Пред сѐ морам да кажам дека јас лично не ги доживувам работите како што сте ги опишале во вашето прашање, посебно не што се однесува на Америка. Јас не зборувам за политика, туку во интелектуални кругови. Еве светол пример за разбирање на мојата авторска позиција: „Со декади, да се биде југословенски писател, беше да се појавиш на литерарни настани на Западот, и луѓето да се напрегаат да ти го најдат местото. Денес, тие те сместуваат дури и премногу специфично, и за писател, тоа е можеби и полошо. Дали си Србин, Хрват, Босанец? Прашањето е поставено колебливо, како да ја испитуваат природата на болест; и одговорот се насочуваат во кореспондирачкиот слот под насловите. Каква врска има ова со срцевината на твојот стил, твоето исползување на митот, вашите покровителски нијанси на Роберт Мјусил, Итало Калвино, или Вилијам Фокнер? Па за Дубравка Угрешиќ, Хрватица однесена по течението незакотвена во Западна Европа и во Соединетите Држави, беше речиси задоволство кога продавачка ја запраша кога ѝ го запишуваше името „Дали се пишува со овие маливе чуда над буквите?“ Најпосле "литерарно прашање“ (Ричард Идер). Најтешкото чувство на исфрленост, „болест", односно неразбирање, доживеав во домашните краеви, во Хрватска, и таа домашна ароганција, траеше триесет години и сѐ уште трае. Згора на тоа, нема индикации дека некогаш ќе престане. Притоа, треба да се нагласи дека јас сум таа која инсистираше дека треба да се најде хрватски издавач, бидејќи верував дека постојат хрватски читатели, кои со задоволство ги читаат моите книги на јазикот на кои се напишани. А тогаш постои и друг вид ароганција. Еден мој познаник рече „Се чувствувам како времето да ме прегазило, но за чудо, ништо не ме боли“. Ми се допаѓа таа формулација. Имено, само младите луѓе, активните учесници на своето време, корисниците на новите технологии, се чувствуваат дека се во невидена предност, пред „фосилите“ (родителите и сите оние кои се постари од нив). Таа вера, односно таа конзументска спремност во потполност да потонат во своето време е трогателна, невина и опасна, доколку било што може веќе да се оквалификува како „трогателно“, „невино“ и „опасно“. Всушност, кога јас бев млада, современата култура, идеите, духот на времето, современата култура, идеите, духот на времето, вкусовите - сето тоа од мене направи совршен конзумент на филмовите на еден Ингмар Бергман, на пример, кој само после неколку години го заборавив. Денес се прашувам што е тоа што беше толку заведувачко во тие филмови. Знам, секако, но се прашувам од каде е таа културна амнезија, како и зошто се повеќе нѐ опкружува „ѓубре“ кое не сме повеќе во состојба да го контролираме, ниту сме во состојба да ги процесуираме, нити културните производи, ниту глобалните случувања, ниту реалноста, ниту сопствениот живот. Можeби Бодријар беше во право, кога некаде рече дека уметноста исчезнува не затоа што ја нема, туку затоа што ја има премногу. Ние не сме во состојба да препознаеме клучен процес, иако веќе со години живееме според познатиот пророчки слоган на Енди Ворхол, дека во иднината, секој ќе биде славен петнаесет минути. Можеби живееме во хистерична сегашност, можеби затоа не сакаме да умреме, можеби затоа сакаме да оставиме што повеќе отисоци на прстите (што новата технологија на секого му овозможува). Можеби затоа медицината ги продолжува нашите животи, иако никој не нѝ објаснува зошто. Ние сите живееме хистерична сегашност, која е секоја секунда похистерична.


Дива: Во Скопје гостувате на фестивалот „Друга приказна“ да ja примите наградата за вашите придонеси кон експерименталната проза. Експериментална - во референца на кој жанр? Кога пишувате, дали тргнувате со намера да си поигрувате со, и ги искривувате (перцепираните) жанрови или едноставно пишувате, а доколку тоа некогаш стигне во светот е изненадување и за вас?


Дубравка Угрешиќ: Денес многу тешко е да се каже што е книжевност (книжевност, визуелна уметност, и многу други креативни и интелектуални активности) освен дека е производ кој потпаѓа под пазарни правила. Меѓутоа, додека љубителите на доброто сирење им веруваат на ретките арбитри кои ќе знаат да кажат што е добро сирење, љубителите на добра книга и самите станале тие арбитри. Издавачите нѐ уверуваат дека сите одлуки и избори лежат во читателите. Читателите најдобро знаат што е добро а што не. Книжевноста стана пазарна активност, па и производството е усмерено на широкиот конзумент. Во тој процес соучествуваат агентите, затоа што издавачите веќе немаат време да ги читаат ракописите. Во тој процес соучествуваат медиумите, односно критичарите. Во тој процес учествува тн. академија и универзитетите, како највисока можна евалуациска категорија. Американските универзитети обезбедуваат трајна позиција на авторите кои се високо вреднувани, пазарно пред сѐ. Треба само да се види кој предава т.н.creative writing на американските универзитети. Creative writing одделите се основани да се заштити егзистенцијата на некомерцијалните писатели. Денес, меѓутоа, Creative writing предаваат книжевните ѕвезди, затоа што само ѕвездите привлекуваат поголем број студенти. Американските факултети ги штитат своите ѕвезди, ги откупуваат нивните архиви, работат на животното осигурување на своите запосленици. Што, во таков контекст може да биде експериментално? Јас само приметувам дека книжевноста станала сѐ повеќе читлива сѐ повеќе свртена кон читателот, помалку склона кон експериментирање. А како авторите се ѕвезди, а не нивното дело, тогаш многу детали играат улога во пазарното профилирање на авторот, како физичкиот изглед, возраста, биографските детали, хобија, политички ставови, родни, полни, расни преференци и слично. Со други зборови со изборот на „експерименталната“ позиција (наспроти мнозинската мејнстрим позиција) авторот/авторката сами себе си пукаат во нога. За некои автори таквата позиција значи еманципација. Се плашам дека и самата спаѓам во тој„губитнички“ вид.


Дива: Бидејќи летото се ближи при својот крај..што ви треба?


Дубравка Угрешиќ: Продолжување на летото. Одложување на есента.


Интервјуто на хрватски ОВДЕ


Разговорот го водеше: Ана Чушкова


Комментарии


bottom of page