
Македонија за првпат ќе биде дел од голем, европски проект во областа на уметноста, благодарение на иницијативата DanceMap. Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, заедно со уште 15 други организации од Европа, ќе работи на развој, заштита и промоција на европското танцово наследство. Оваа иницијатива е поддржана од програмата Хоризонт на Европската Унија за финансирање истражување и иновации, што е особено значајно бидејќи за првпат се доделуваат средства за танц, и воопшто за уметност во Македонија.
Што е DanceMap?
DanceMap е амбициозен тригодишен проект (2025–2027), кој има цел да мапира, зачува и промовира танцови практики како нематеријално културно наследство. Неговата мисија е да развие иновативен, меѓусекторски пристап за заштита на овој уметнички израз, комбинирајќи истражување, дигитализација и јавна застапеност.
DanceMap е пионерски проект финансиран од програмата Хоризонт Европа, а ќе трае три години, од јануари 2025 до декември 2027 година. Проектот е дел од истражувачкиот кластер „Култура, креативност и инклузивно општество“ и има за цел да развие меѓусекторска стратегија за заштита и промоција на богатото танцово наследство на Европа.
Конзорциумот DanceMap е составен од 16 истражувачки центри, универзитети, танцови архиви, уметнички организации и експерти за политики од десет земји, координирани од страна на Bureau Ritter. Во следните три години, DanceMap ќе истражува и мапира постоечки иницијативи за танцово наследство во Европа, ќе развие интерактивна дигитална платформа, ќе унапредува холистички пристап кон заштита на нематеријално културно наследство и ќе се залага за зајакнување на јавните политики за поддршка на танцовото наследство.
Ова е исклучителна можност за Македонија да стане дел од едно вакво значајно европско случување. Учеството на Локомотива во овој проект ќе придонесе за афирмирање на македонската култура и уметност на европско ниво, но и за зајакнување на капацитетите на локалните организации и институции кои работат во областа на танцот.
Кој е тимот зад DanceMap?
Конзорциумот вклучува некои од најпрестижните организации и институции во областа на танцот и културата:
Bureau Ritter (Германија) – координатор на проектот
C DaRE (Центар за истражување на танцот) при Универзитетот Ковентри (Обединето Кралство)
University of Antwerp (Белгија)
Deutsches Tanzarchiv Köln (Германија)
STUK House for Dance, Image and Sound (Белгија)
Culturgest (Португалија)
Noa Eshkol Foundation (Израел)
Station Centre for Contemporary Dance (Србија)
Nomad Dance Academy Slovenia (Словенија)
Nomad Dance Academy Croatia (Хрватска)
Brain Store Project (Бугарија)
Rosas (Белгија)
Culture Concepts (Германија)
Goethe-Institut (Германија)
Comments