Пред неколку недели (дали беше повеќе или помалку - малку нѝ е искривена перцепцијата за времето периодов) одѕвони громко по разни профили - има нов агрегат, специјализиран за технологија и наука! Нашиот интерен хроничар го дигна погледот, во радосно изенадување, а ние тркнавме до го зачувавме во букмаркс, и продолживме да ја следиме можната апокалипса по екраните.
Вчера слична вест: има нов агрегат! Овој пат за културата. Постот кој се рашири по социјалните мрежи беше следниот:
„Почитувани пријатели културњаци и останати... со Vladimir Carrer започнавме еден нов проект, специјализиран агрегатор за вести од културата и уметноста наречен creative.mk
Ова е втор наш ваков проект, по http://science.mk/ кој епрв македонски агрегатор за вести од науката итехнологијата.
Медиумите се пренатрупани со кич ишунд, ова е наш обид да се збогати медиумскиот (интернетски) простор со поквалитетни содржини и да се промовирааат истите.
Нашата листа на медиуми е непотполна, сакавме да додадеме уште некои сајтови како: Репер, Cooltura, Самоглас, Кантарот, Умно, Reborn, Обични луѓе, Кантарот итн. но тие или немаат или имаат непотполн RSS.
Ако знаете сајтови на ваши колеги, пријатели или такви кои ги почитувате и редовно ги посетувате, пишете ни да ги додадеме во агрегаторот. Некоја покомплетна листа на линкови кои веќе сме ги пробале има на дното од агрегаторот.
За уметноста – против турбо-фолкот!„
Реакциите беа сосема позитивни дури ги читавме како помалку емотивни, како изгладнет пес кој се сопнал на мрсна коска која не ја барал.
Позади агрегатот стои Бранко Прља, човек кој е (не само издаван, туку и наградуван) писател, графички дизајнер, копирајтер,човекот позади Арно и очигледно активист, кој не ги заборава сопствените принципи. За Теа Модерна пред години забележал:
„Состојбата во Македонија е лоша. Мојата желба и мисија е што повеќе луѓе да се заинтересираат за интелектуални, културни и со еден збор: креативни, сфери од живеењето, да ги перцепираат како возбудливи, интересни и полни со предизвици. На тој начин ќе се оттргнат од телевизорите, сапунските серии, политичките партии, турбофолк - кичот, и сличните шунд појави кои не́ следат на секој чекор.„
Владимир Карер се опишува себе како: веб дизајнер, девелопер, учител, говорник, и воопшто зависник од интернет...
Comments