Вечерва започнува Оффест со домашно музичко “добредојде” на нас како публика, но и на своите колеги кои ќе настапуваат а доаѓаат од Африка, Карибите, Латинска Америка, Европа : “Отворањето на дваесет и првото издание на OFFest (1-4 јуни), односно првата фестивалска вечер, ќе биде целосно во знакот на домашните артисти. OFFest 2022 ќе го отвори извонредниот македонски етно состав PERIJA, како и маестралниот тандем на две наши исклучителни творечки фигури DOBRILA & DORIAN DUO, со домашна концертна премиера на музичкото ремек-дело, албумот „Апокриф“ (SJF Records).”- известуваат од SJF …
Перија е турцизам кој значи самовила и неговите членови ја рефлектираат таа перцепција: долгокоси хипи девојки, кои во снимките музицираат или во природа, или во урбаната џунгла, и сосема над околината левитираат со својата песна на сирени…Бендот е отворен динамичем и слободен и по составот и музицирањето: “PERIJA е бенд формиран во 2015 година. Своите почетоци ги имаше на улица како импровизирана сцена. Членовите се менуваат низ текот на годините, а бендот останува отворен за конекции и соработки.”
Добрила и Доријан дуо се спиноф на Чалгија саунд систем - оркестар кој даваше современа интерпретација на чалгиската традиција. “Нивната заедничка музичка авантура во форма на дуо започнува во 2020 година создавајќи го проектот DOBRILA & DORIAN DUO и првиот заеднички албум наречен „Апокриф“ (SJF Records, 2021), кој уште при самото негово појавување е оценет како ремек-дело. Во него се наоѓаат неколку од најубавите македонски традиционални песни: „Излези, Видо“, „Три години стана“, „Невесто, тенка, висока“, но овојпат со комплетно нов пристап и уникатен „електронски“ поглед кон македонската музика кој ја носи во една поинаква димензија.” - кажуваат организаторите.
Иако Оффест не паузираше сосема во ”пандемониумот”, освен 2020 кога вообичаениот термин се поклопи со кулминацијата на деновите поминати во полициски час, а во 2021, неговото јубилејно 20-то издание, се помести за половина година. Сепак, ова издание, во она што се чини постпандемискиот свет, го доживуваме како камбана која одѕвонува враќање во нормалниот свет, колку што е тоа возможно.
Фестивалите и концертите полека почнаа срамежливо да се враќаат уште минатово лето. Два фестивали котираа во циклусот вести, првиот “Rolling Loud” со хомофобичниот испад на Da Baby, a другиот Астроворлд кога загинаа 10 посетители за време на настапот на Травис Скот.
Сепак, прво церемониите за награди а потоа Коачела за која сѐ погласно се зборува (со нетрпение се очекуваше Кање Вест со гостување на Травис Скот, но деновиве дознавме дека тие концерти се откажани, сосема неповрзано со пандемијата) го потврдуваат она што го насетуваме, додека ги гледаме обновените програми со воздржен ентузијазам.
Културниот живот,посебно јавниот, оној кој се доживува во заедништво, е дел од ткивото на животот. Барем, на оној здрав, функционален… Изолацијата овие две години многу пластично нѝ го долови тој труизам.
Полстар процени дека концертната индустрија изгубила 30 милијарди долари во 2020 година, откако секоја голема турнеја и музички фестивал беа суспендирани во обид да се запре ширењето на COVID-19. Музичката индустрија се врати во на работа во 2021 година, бидејќи уметниците како Џеј Кол, Џек Харлоу, Де Бејби, Савити и Лил Бејби, сите ги започнаа или целосно ги завршија турнеите. Неколку од нивните постојки на турнеите беа пред илјадници обожаватели кои ги тресеше “кабинска треска“ подготвени да се вратат на музика во живо додека фестивалите како Rolling Loud, Astroworld Fest, Day N Vegas, Governors Ball, Firefly Music Festival и Lyrical Lemonade’s Summer Smash се враќаа. Во Европа ситуацијата беше поинаква на штета на музичката индустрија. Како еден од најголемите европски фестивали, Primavera Sound вообичаено дочекува до 220.000 посетители секоја година. Од овој број, една студија откри дека 56% од присутните на фестивалот долетале од странство. Само за тој викенд фестивал, Барселона забележа значителен скок во престојот во хотели, резервации во ресторани и посети на музеи.
Primavera Sound секоја година привлекува илјадници туристи во Барселона. Со оглед на тоа што теренот на фестивалот е на кратко возење од 20 минути од центарот на градот…
Денешната сцена е многу поинаква приказна. Со затворањето на границите поради пандемијата, меѓународните патувања паднаа на 87%, отфрлајќи ги маршрутите на уметниците и љубителите на музиката ширум светот. И додека вакцините даваат трошка надеж, експертите предвидуваат дека небрежните патувањеа што некогаш го знаевме веројатно нема да се вратат до 2024 година.
Но, тоа не мора да значи крај на музичкиот туризам каков што го знаеме. Наместо тоа, што ако фестивалите би можеле да инспирираат нов вид туризам? Оној што не бара од вас да летате на половина пат низ светот, но ве поттикнува да го истражувате сопствениот двор?
Изолацијата нè натера колективно да доживееме обновена благодарност за и за нашите заедници. Нашите планови за викенд сега се посветени на престој, патување во домот и истражување на локалните сцени што некогаш биле оставени во позадина. Линда Пун најдобро го кажа тоа:
„Лесно е да го земете вашето соседство здраво за готово бидејќи нашата глад за истражување нè мами на далечни места. Но, ограничувањата за патување може да не принудат повторно да се поврземе со нашата заедница и на начини за кои претходно бевме „премногу зафатени“
Во Македонија концертите ја враќаат кондицијата за функционирање во полн капацитет но можеби (и веројатно) е лична перцепција дека Оффест во јуни ќе биде фестивал кој ќе го најави враќањето на нормалата која бев убедена на моменти дека нема да се врати онака како што ја знаевме.
Оффест е помладата сестра на Скопскиот џез фестивал, неговата пролетна инкарнација. Mузиката на светот долго беше ниш/граничен жанр (отаде границата, често е опишуван како „музика на третиот свет„ што е проблематично!) каде што фолклорот недопрен од глобализацијата е оставен на мира да се развива во сопствената недопрена невиност, а и кога се случува тоа, е од артистичка љубопитност и љубов а не меркантилна логика на пресметки и стратегизирања- што се продава, што е кул..
Тогаш се случи она што беше неизбежно, светската музика стана кул во својата „другост„. Годинешниот хедлајнер на Оффест, Балаке Сисоко, на пример, можеме да го најдеме(како многу негови колеги) на Colors - британски проект каде што настапуваат музичари без жанровско ограничување- границите се во умешноста и секако кул факторот. NPR Tiny Desk e американската верзија на истиот концепт. Афропанк фестивалите, кои ја носат „црната музика„ во славење на афро културата ги спои т.н. Мејнстрим артисти со оние во етно жанрот. Afrobeats (кој е повеќе хибрид, отколку „Светска„) доминира по светските радиостаници и стриминг платформи како никогаш досега, а Греми наградите великодушно ја признаваат таа присутност.
Ова поместување може да се примети и во начинот на кој тековната доминатна музика се информира(не на агресивен, апроприациски и експлоатирачки начин). Каков однос има македонската публика кон светската музика е интересно прашање, достојно за антрополошки истражувања, бидејќи самите стоиме на границата и како публика но и како тло кое израснува музичари легендарни во тој жанр.
Па така релевантноста на Оффест се поместува во нагорна линија по сосема поинаков параметар, кој со сигурност не бил земен во предвид кога неговите родители го поместиле како пролетно/летна верзија на есенскиот Џез фестивал.
„OФФест стартуваше во 2002 година, како втор фестивал кој се издигна од долгогодишната традиција на Скопскиот џез фестивал. Идејата беше да се создаде уште еден значаен музички настан, во различен период од годината
и жанровски пошироко ориентиран. Иницирањето на ОФФест се наметна како природен чин во ерата на глобализацијата, којашто резултираше со
подигнување на креативноста, популарноста и свеста за таканаречената музика на светот“. ОФФест ја доловува разновидноста на музиката од сите континенти, фокусирајќи се на одделни категории: од традиционалната, етно, фолк и изворна музика сè до современите, урбани и експериментални музички струења. Листата на учесници низ историјата на ОФФест е импресивна. Покрај големите имиња од светската сцена, вклучувајќи ги и оние од егзотичната музичка сцена, и во третата декада на фестивалот останува нашата мисија да ги откриваме и претставуваме и помалку познатите музички стилови, истражувајќи ја врската помеѓу старото и новото.
OФФест е член на извонредно значајната и влијателна организација „Форум на светските фестивали“ (Forum of Worldwide Music Festivals). Ова е мрежа на елитните фестивали од овој тип, кои ја споделуват мултикултурната визија за светот сочинет од мноштво „парчиња“, во изразот и содржината различни, но по вредноста еднакви традиции. ОФФест е организиран од Установата за уметнички дејности „Скопски џез фестивал“- нѝ кажа Оливер Белопета.
Подоле ви приложуваме колаж од годинешнава програма, а додека се ставаме во кондиција - танцувачка, социјална, за гласна музика и преслушувајќи ги дискографиите на артистите, ќе си земаме белешки и впечатоци па ќе се навратиме на темава повторно. Уживајте!
Отварање на фестивалот со македонска музика на 1 јуни (среда), 20часот во Национална опера и балет.
2 јуни (четврток), 20 часот во Национална опера и балет.
3 јуни (петок), 20 часот проекција на филм во кино Фросина, 22 часот концерт во Денсинг салата, МКЦ.
4ти јуни (сабота) 20 часот, Национална опера и балет.
Comments