top of page

марш, осмомартовски марш, женски права, феминизам, Скендербег плоштад

14.11.24, во 18:00

Оваа година, на 8 Март, граѓаните на многу балкански градови ќе излезат на улиците, на марш под моќниот слоган „Црвена линија: Правата на жените не се за преговарање“.


Во Скопје, планирано е оваа акција да започне точно во 17:00 часот на плоштадот Скендербег, со цел да се дигне глас против растечките стапки на насилство врз жените, фемициди, секојдневни социјални и здравствени неправди, и економски проблеми кои посебно ги погодуваат жените. Маршот ќе продолжи кон Паркот Жена Борец, каде ќе има завршни обраќања до јавноста и институциите.



Од бесплатни гинеколошки прегледи до пристап до менструални и хигиенски продукти, од безбедност на работното место до вреднување на неплатениот домашен труд, организаторите на маршот сметаат дека е време да се исцртаат црвените линии кои не смеат да се преминат.


По повод Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправноста на жените – 8 Март (петок), ве повикуваме кон колективна акција, колективен протест и колективен марш во заедничката борба за рамноправност и родова еднаквост. Оваа година маршираме под слоганот „Црвена линија: Правата на жените не се за преговарање“, со почеток од 17:00 часот на плоштадот Скендербег.
Овој марш претставува протестен одраз против ситуацијата во нашата земја, против инситуционалната и општествената негрижа кон жените и девојките, тргнувајќи од растечките стапки на насилство, фемицидите, секојдневните социјални и здравствени неправди па сè до високата стапка на економска несигурност и сиромаштија кои нè засегаат сите, а особено ги погодуваат жените. Во период кога се водат интензивни политички, економски и социјални преговори, потсетуваме дека правата на жените не се за преговарање! Повлекуваме црвени линии за нашите здравствени, образовни, работнички, културни, политички и економски права!
Маршираме заедно, бидејќи сите ние треба да имаме гарантирани еднакви права и можности - пристап до здравствени услуги, без да го загубиме нашето право на избор, достапност до бесплатни гинеколошки прегледи во сите населени места, како и до менструални и хигиенски продукти, достојни болнички услови и лекарска експертиза, еднакви плати за иста работа, вклученост во донесувањето на одлуки, безбедност на работното место, вреднување на неплатениот домашен труд, живот без насилство – физичко и дигитално, безбедност во јавниот и приватниот простор, фер и непристрасно институционално постапување. Независност, правичност и сигурност - во сите сегменти од нашето постоење!
Изразуваме солидарност до нашите сестри и соборнички во Загреб, Сарајево, Белград, Приштина, Подгорица, Тирана, Љубљана, кои се соочуваат со истите неправди и потсетуваме дека регионалната поддршка и соработка ќе ни помогне заедно да ги надминеме препреките.
Затоа, ве повикуваме да марширате заедно со нас и заедно да кренеме глас за женските права и црвените линии кои не смеат да се преминат.
Маршираме заедно во петок – 8-ми Март во 17 часот на плоштадот Скендербег каде ќе ја започнеме нашата рута, а маршот ќе го завршиме во Паркот Жена Бор ец, со завршни обраќања до јавноста и институциите.
Се гледаме на марш!

-Повикот на марш на организаторите



Историјата на Меѓународниот ден на жената започнува во раните 1900-ти, со корените засадени во индустрискиот револт и борбата за рамноправност и правата на работниците. Се смета дека првиот Национален ден на жената бил одбележан во Соединетите Американски Држави на 28 февруари 1909 година, поддржан од Социјалистичката Партија на Америка.



Со текот на годините, денот бил прифатен и во други земји, а во 1910 година, на втората Интернационална конференција на работничките жени во Копенхаген, било предложено 8 Март да биде официјален меѓународен ден на жената за да се отстојуваат барањата за рамноправност и унапредување на правата на жените. Првиот меѓународен ден на жената бил одбележан во 1911 година, а со текот на времето датумот станал симбол на борбата против патријархатот и за рамноправност меѓу половите.



Денес, 8 март не само што го обележуваат жените ширум светот како ден на активизам и прослава на достигнувањата, туку служи и како напомена дека борбата за рамноправност сè уште не е завршена. Во ова светло, маршот на 8 Март во градови како Скопје, Загреб, Сарајево, и други, ја продолжува оваа традиција на заедништво и солидарност.



Како заедница, мора да продолжиме да се бориме за еднаквост, праведност и достоинство за сите жени, без разлика на нивната раса, религија, сексуална ориентација или економски статус. Време е да ги препознаеме и јавно да ги поддржиме овие црвени линии кои се засноваат на основните човекови права.

 

Правата на жените не се ниту тренд, ниту дневна политика - тие се темел на едно праведно општество. Во време на социјални и економски кризи, жените често непропорционално трпат последиците.


Маршот на 8 Март е повеќе од само протест; тоа е и празник на женската заедница и моќта на колективниот активизам. Кога зборуваме за еднакви плати за иста работа, пристап до здравствени услуги, борба против насилството во секој облик, и фер третман во секој аспект на животот, зборуваме за основни човекови права.


Со црвена линија симболично ги означуваме нашите позиции за кои не се преговара.


Не се на маса ниту здравствената заштита, образованието, безбедноста на работното место, ниту правото на телесна и репродуктивна автономија. Овие се основните столбови на кои треба да се изгради секое општество, и ние бараме истите да бидат утврдени, почитувани и заштитени. На маса, еднакво и рамноправно прифаќаме да седнеме само ние, како жени и сојузници.


Солидарноста не познава граници, и мартовскиот марш го проширува својот одек низ регионот, од Загреб до Тирана, од Сараево до Љубљана. Нашите борби може да имаат локален карактер, но нивната суштина и цели се универзални. Регионалната поддршка е витална, бидејќи една од најмоќните пораки што можеме да ја испратиме е дека во оваа борба никој не е сам.


Да маршираме заедно означува да стоиме рамо до рамо, да ги подигнеме гласовите високо и да се осигураме дека нашите црвени линии се впечатливи и јасни. Во петок, 8 Март, на плоштадот Скендербег, ќе ги стартуваме чекорите кои одекнуваат со вековни барања за правичност, и ќе завршиме со силни зборови и пораки кон јавноста и институциите во Паркот Жена Борец.

Маршот на 8 Март не е само ден за активизам; тоа е ден каде се утврдува верата во свет каде сите жени ќе имаат право да одлучуваат, да бидат слушнати и да живеат без страв. Придружете ни се - заедно, можеме да направиме промена. 


Дива Мисла е платформа основана на 7 јули 2021 после серија разговори на тема „Што и́ треба на сцената“ со неколкумина уметници. Одговорот: Фали многу затоа почнавме таму и тогаш, со трапави одлучни први чекори. Посветена на истражување и споделување на разновидната култура и уметност во светот. Ја отвораме вратата кон светот на културата, од висока уметност до поп култура, и се стремиме да го претставиме ова како дел од глобалната релевантна култура и уметност. Не само што ги преиспитуваме оние кои ги држат клучевите(gatekeeper) туку и инсистираме: Дивата мисла можеби не е за сите, но припаѓа на сите. Култура и Уметност: Нашиот сајт ги истражува и анализира сите аспекти на уметноста и културата. Од литературни рецензии до уметнички изложби, ние го истражуваме и го споделуваме најдоброто од светот на културата. Поткаст: Поткастите се доминатната платформа минативе 5 години, на која сите гласови го најдоа своето место: препорачуваме и длабоко загребуваме во темите кои го дефинираат човековото искуство. Дали разговарајки за уметноста или анализирајќи ги човечките мотиви, ние ги истражуваме аспектите кои нè прават луѓе. Урбан Читател : Ние ги истражуваме уметноста во урбаниот живот и го поддржуваме урбаното изразување. Од улични перформанси до графитите, се вклучуваме во уметничкиот пулс на градовите. Фотографија, Филм и Музика: Нашиот сајт нуди рецензии и анализи на најновите фотографии, филмови и музика. Ги проучуваме и ги споделуваме најновите трендови во овие визуелни и звучни изрази на уметноста но и се потсетуваме на класиците - често тие се ново искуство за младата и свежа публика. Активизам: Дива Мисла поддржува активистички движења кои имаат цел подобрување на светот. Ние внесуваме глас за промени и ја одбележуваме важноста на активизмот во современиот свет. Дива Мисла е место каде може да истражите и да се вклучите во дискусии за се што ја прави човечката култура и уметност така прекрасна и интригантна.

Контакт: contact@diva.mk

телефон: +38970230314

           

дива лого
© diva.mk - ви благодариме што го почитувате авторството и креативниот труд, со назначување на изворот. ©
bottom of page