top of page

Скопски џез фестивал

14.11.24, во 18:00

Годинава, Скопскиот џез фестивал ќе понуди четири вечери исполнети со ексклузивни настапи на светски познати џез музичари, нудејќи богатство од креативност и музичка иновација.

Вовед во светот на современиот џез и креативната музика

Скопје, 17 октомври 2024 – Денес започнува 43. издание на Скопскиот џез фестивал, едно од најзначајните културни настани во регионот, којшто од 17 до 20 октомври ќе ја претвори македонската престолнина во епицентар на современиот џез и креативната музика. Со внимателно селектирана програма, фестивалот продолжува да ја гради својата репутација како еден од најреномираните европски џез фестивали, претставувајќи го најдоброто од светската сцена. Во текот на четирите фестивалски вечери, девет меѓународно признати состави од САД, Европа и Македонија ќе настапат на сцените на Националната опера и балет и Младинскиот културен центар (МКЦ).

Програмата, распоредена на четири инспиративни вечери, изобилува со ексклузивни настапи и звучи ветувачки, со оглед на фактот дека ова издание ќе донесе некои од најголемите имиња во светот на џезот и импровизираната музика денес.

Сесил Меклорин Салвант и Next to Silence ја отвораат првата вечер

Фестивалот ќе биде свечено отворен вечерва со специјален концерт на една од најголемите џез пејачки на денешницата – Сесил Меклорин Салвант. Со три освоени Греми награди и уште шест номинации зад себе, Салвант е позната по својот талент да оживува стари, речиси заборавени песни, внесувајќи во нив нов живот и емоционална длабочина. Нејзиниот уникатен вокален стил и неверојатната способност за раскажување ја прават овој концерт задолжителен за љубителите на џезот.

Вечерта ќе продолжи со настап на домашниот состав Next to Silence во МКЦ, кои ќе го претстават својот нов албум „Ruh“. Овој албум, кој веќе беше промовиран на 12 октомври, ќе биде изведен во живо, што претставува ексклузивна концертна премиера на новиот материјал. Композициите на Next to Silence ја носат публиката на необично музичко патување, преполно со древни вештини и природни феномени, вешто преобразени во модерна џез форма.


Втора вечер: Од европска импровизација до експериментална енергија

Петочната програма ќе ја одбележат настапите на квартетот на португалскиот саксофонист Родриго Амадо, The Bridge, којшто ги обединува врвните европски и американски импровизатори како Александар фон Шлипенбах, Ингебрит Хакер Флатен и Џери Хемингвеј. Нивниот концерт ветува извонредно импровизаторско искуство и мајсторска техника.

Исто така, на истата вечер ќе настапи The End, предводен од Матс Густафсон и Кјетил Мостер. Нивниот експериментален звук, кој комбинира жесток грајндкор, фри џез и ноиз, збогатен со фолклорни влијанија од Мавританија до Скандинавија, ќе го претстави уникатниот спој на различни музички светови.

Викенд програма: Давид Вирејес, Роб Мазурек и Алабастер ДеПлум

Третата фестивалска вечер (сабота) ќе донесе три светски реномирани џез уметници. Давид Вирејес, њујоршки пијанист со кубански корени, ќе ја покаже својата уникатна синтеза на традиционалните и современите музички влијанија, а Роб Мазурек со неговиот Exploding Star Orchestra ќе донесе аудиовизуелно патување во светот на авангардниот џез. Овој проект, кој ги обединува музичарите од пост-рок и слободната импров сцена, се истакнува со својот најнов албум „Live at the Adler Planetarium“, чија концертна премиера ќе ја доживее на овој фестивал.

Британскиот музичар и поет Алабастер ДеПлум ќе ја затвори вечерта со својата магична комбинација на џез и перформативна поезија, внесувајќи интроспективна длабочина и топлина во своите настапи. Неговата музика повикува на заедништво и колективна креативност, што го прави уникатен на денешната сцена.

Финале со Fire! Orchestra

Последната вечер на фестивалот ќе ја затвори шведскиот Fire! Orchestra. Со свои 43 музичари и троен албум „Echoes“, тие ќе ги поместат границите на модерната музика. Овој оркестар, предводен од Матс Густафсон, Јохан Бертлинг и Андреас Верлин, со својата комбинација на фри џез, психоделичен рок и ноиз ќе донесе импресивен и енергичен настап, кој ветува спектакуларно затворање на фестивалот.

Џез за солидарност и културна програма

Како дел од дополнителната програма, Скопскиот џез фестивал продолжува со проектот „Џез за солидарност со бегалците“, во соработка со UNHCR, повикувајќи на поддршка за сите што страдаат од војни и конфликти. Минатата сабота беше промовиран и новиот албум на Next to Silence, додека во текот на фестивалот ќе се одржат и изложби и филмски проекции, меѓу кои документарниот филм за Мајлс Дејвис, „Birth of the Cool“.





ПРОГРАМА



17 октомври


Национална опера и балет, 20:00


• CECILE MCLORIN SALVANT (САД)


МКЦ - Дансинг сала, 23:00


• NEXT TO SILENCE (С. Македонија)



18 октомври

Национална опера и балет, 20:00


• RODRIGO AMADO THE BRIDGE (Португалија/Германија/Норвешка/САД)


• THE END (Шведска/Норвешка)


 

19 октомври


Национална опера и балет, 20:00


• DAVID VIRELLES (САД)


ROB MAZUREK EXPLODING STAR ORCHESTRA (САД/Норвешка/Италија)


МКЦ - Дансинг Сала, 24:00


ALABASTER DEPLUME (В. Британија)



20 октомври


Национална опера и балет, 20:00


NICOLE MITCHELL & MARK SANDERS (САД/В. Британија)


FIRE! ORCHESTRA (Шведска/Норвешка/Франција)


bottom of page