Почетна » Марс » Од негов агол » Зошто плачат мажите?

Зошто плачат мажите?

Од негов агол

Чарлс Дарвин во 1872 година го опишал машкото плачење како „последица или начин на искажување на телесна болка, како меѓу цивилизираните, така и меѓу варварските раси“.

Обидувајќи се да ги објасни разликите во плачот меѓу двата пола, д-р А. Ј. Ј. М. Вингероетс од универзитетот Тилбург во Холандија во февруари 2013 ја објави книгата „Зошто луѓето плачат: расплеткување на мистериите за солзите“. Авторот е професор по предметот медицинска и клиничка психологија, а мистериозниот акроним од неговите имиња го решил така што се потпишува како Ед Вингероетс. Според веб страната на универзитот, експертизата на професорот е во областите како стрес, емоции и квалитет на живот, за што има објавено преку 300 статии.

Мажите имаат повеќе тестостерон, кој има воздржувачко влијание кон плачењето. Со стареењето, тоа ниво опаѓа, а со тоа и нивната резистентност кон солзите. Шансата да видите солзи во машки очи д-р Вингероетс ја проценува на еднаш во два месеци, за разлика од понежниот пол, каде просекот изнесува два до четири плача месечно, што тој го објаснува со зголеменото ниво на хормонот пролактин.

Но, додека женскиот плач се смета за слабост или манипулација, машките солзи се земаат со сериозност бидејќи се поврзани со чувствата на гордост, храброст, победа, пораз или пријателство. Мажите плачат особено во позитивните или сентименталните настани, како што може да биде победа на омилениот спортски тим или раѓање на дете. Во некои култури, дури и плачењето на мажите во јавност се разликува: топ менаџерите во Јапонија како на пример Акио Тојода, при соопштување на вести како повлекување на некои автомобили поради дефект, или Шохеи Нозава, при прогласување банкрот на Јамаичи Секјуритис, благодарение на таа источната култура, полесно ги признаваат работите, што драстично се разликува од Палестина, каде што ниту на погреб не се плаче, туку се пука или чука по ковчегот.

Во јавност најчесто ги забележуваме солзите на естрадните уметници или спортистите. Според објаснувањето, тие доаѓаат токму во моментите на успех, тогаш кога постои реминисценција на тешкотиите низ кои поминале. На нашата фотографија, созлите на Фернандо Алонсо се забележани по победата на трката во татковината, на трката за Големата награда на Европа возена во Валенсија во 2012 година, иако во 15-годишната кариера има две титули светски првак и триесетина победи, но не и триумф пред своите навивачи.

Колку и да се цврсти, мажите не можат да ја прифатат гордоста без солзи, па дури и во случајот на рокерот Дејв Грол, поранешен тапанар на Нирвана, а сега фронтмен на Фу Фајтерс. За крај на овој текст, ви го препорачуваме затворањето на концертот што во 2008 година го имаше пред полните трибини на Вембли, борејќи се да ги скрие солзите за време на „бисот“.