Почетна » Семејство » Миленичиња » Желката е милениче за цел живот

Желката е милениче за цел живот

Миленичиња

Поради долгиот животен век од 25 до 100 години, желките со право се сметаат за миленичиња кои се покрај нас во текот на целиот живот. Сепак, ова е само една од спецификите на кои треба да сте подготвени доколку сакате да имате вакво милениче, а кои имаат исклучителна, дури и животна важност во дадени моменти.

Желките имаат специфични потреби, токму како и секое друго милениче. Доколку вашиот избор е непоколеблив поради љубовта кон овие животни, мора да бидете подготвени да го усреќите вашето милениче. Водените желки кои вообичаено живеат во езера или други големи водени површини, нема да бидат среќни ако се чуваат во некаков сад, кој најмногу им конвенира на луѓето за да можат да го сместат под електричната лампа. Тоа е добра солуција само за во зима, кога хибернираат и имаат потреба да бидат заштитени од нивните предатори како ракуните и кучињата. Земјените желки се попогодни за живот во кутија (преку зима), особено доколку се од вид кој се карактеризира со помала големина, кои популарно ги нарекуваат и „руски“. Овие типови се месојадци, па во нивната исхрана потребно е да се вклучат и црви, или во случајот на водените желки, мали рипчиња.

Поголемите желки, кои ги нарекуваат „пустинска“, „леопард“ или „сулката“ имаат изразита големина, а воедно имаат и вегетаријанска исхрана. Тие живеат во природа, па доколку сакате вакво милениче, треба да имате и соодветно голем двор, каде што нема кучиња или ракуни. Поради фактот дека најголемиот број желки се носители на салмонела, потребно е да се води големо внимание на хигиената, како и да се обезбеди соодветен третман кај искусен ветеринар, бидејќи оваа бактерија може да биде кобна за децата или возрасните кои имаат проблеми со имунолошкиот систем.

Затоа, каква и да е вашата одлука, добро информирајте се пред да посвоите некое милениче, колку и да ви изгледа лесно неговото чување и задоволување. Интернет сајтовите нудат многу информации, но обидете се да воспоставите контакт и со здруженијата за заштита на животните и со ветеринарите, бидејќи сигурно ќе ви бидат потребни во одреден момент.