Почетна » Дива » Интервју » Весна Витанова: Подобро се снаоѓам со копачки, отколку со штикли

Весна Витанова: Подобро се снаоѓам со копачки, отколку со штикли

Интервју

Нема ништо поубаво во животот отколку да се ужива во реализација на сопствените соништа, оние кои не прават да се чувствуваме среќни и да се будиме со насмевка. Соништата на Весна Витанова беа врзани за фудбалот, а нејзината навивачка страст кон Реал Мадрид и ги насочи желбите кон Шпанија, една од земјите каде што се игра најдобриот фудбал на светот.

Денес таа сонува со отворени очи, живеејќи во Барселона и настапувајќи за прволигашот Леванте. Патот од Струмица до Барселона е лесен само на филм.

Професионално: Сакам да се надминувам себе си

Здраво Весна, честитки за ангажманот во Леванте. Како се снаоѓаш?

– Супер е. Поубаво здравје! Со оглед дека ова веќе ми е втора година во Барселона, пред се, сѐ навикнав на средината и веќе не ми претставува проблем, ниту од аспект на различниот менталитет, ниту пак како јазична бариера. Во клубот ми е супер, зборувам шпански, разбирам по малку каталонски и ,,ептен си го имаме муабетот,“. : )

Ти целата ланска година ја помина во Барселона, подготвувајќи се за овој трансфер, имаш ли сега можеби нова цел?

– Да бидам искрена, вложив доста труд, многу финансии, многу емоции кои им ги откраднав на моите родители и моите најблиски, за да стасам до тука. А јас сум тип кој никогаш не се задоволува со тоа каде што е, туку сакам повеќе и повеќе да се надминувам себеси во секој поглед. Како приватно, така и на спортски план.

Некако женскиот фудбал во Македонија почна да се спомнува откако за таа тема почна да пишува новинарот Игор Филевски, но сепак малку се знае. Знаеме каква е ситуацијата со машкиот фудбал, има ли позитивни нешта во женскиот?

– Без оглед дали некому тоа му се допаѓа или не, Филе почна да ги афирмира сите клубови, имаше за првпат редовни неделни видео записи. Ја следеше репрезентацијата на секој чекор, постојано во неговата емисија. Но, што може женскиот фудбал, кога кај нас ни машкиот не е како што треба. Искрено, можеби таа тема понекогаш ми е болна точка и почесто одлучувам да не зборувам. Затоа мислам дека за женскиот фудбал во Македонија и не би требало да зборуваме. Не ми останаа ниту убави спомени од последниот мој настап таму, ниту пак она што сега се случува има било каква врска со квалитетено национално фудбалско првенство. Се е тешка импровизација и „журка“ на неколкумина кои повеќе го гледаат сопствениот интерес, отколку што размислуваат позитивно и мислат на развој. А ако сакаат квалитет, или да научат како треба, нека појдат на гости кај Сијче и Наташа Андонови и нека препишат. Тоа е фудбал. Тоа е развој.

Ти си дел од репрезентацијата, колку пати го носеше националниот дрес и со каков успех?

– Хммм, не бројам. Не правам статистики, не следам, не бројам. Лоша сум во однос на статистики. : (

Што би им порачала на девојките кои сакаат да се занимаваат со фудбал?

– Дај Боже, јас сум оптимист и секогаш чекорам напред. А не само за девојките што тренираат фудбал, туку и на сите останати, би им препорачала да се препуштат на емоциите и да го живеат сонот. Но, само уште еднаш да потенцирам дека ако го сакаат вистински квалитетниот фудбал да работат дисциплинирано, максимално посветено и што поскоро да размислуваат да заминат во земји каде би се ценел нивниот труд. Во Македонија ќе бидат само фудбалерки ,,за забава“.

vesna_i_file_600

Приватно: Подготовки за свадба

Македонската јавност за тебе дозна преку Филе, а сега тој ти е вереник и заедно сте во Барселона. Ќе ни откриеш ли детали од вашата приказна?

– Ха, ха, едноставно се појави во мојот живот како од волшебна ламба. И не случајно, затоа што не верувам во случајности, туку само во реализирање на замисленото и исполнување на сонот. Така и со Филе, едноставно во нашата дружба откривме многу работи кои нè поврзуваат, работи кои отсекогаш сме ги посакувале потајно и каде што од моментот кога се „пламна првата искра“, на површина испливаа многу нешта. Одлучивме да живееме во Барселона од една причина, тоа е за Филе трета љубов (после Хајдук и Лацио), а мене Шпанија ми е прва.

Вистина ли е дека спротивностите се привлекуваат? Слушнав дека ти навиваш за Реал, па дома сте во два спротивни табора…

– Многу различни теми се спортскиот и приватниот живот, па да важи за двете теми. Јас сум поборник на оваа фраза, затоа што ние сме спротивни во спортскиот дел и имаме проблем. Но, не постои начин да се функционира нормално, ако немаш слични сфаќања, разбирања. Се друго се лаги, со кои не сакаат да признаат дека се што е спротивно сѐ одбива.

Во Шпанија е нашиот најдобар ракометар Кире Лазаров, но и младите надежи за македонскиот фудбал од семејството Бабунски. Колку е возможно да се одржува контакт покрај сите професионални обврски?

– Па со оглед дека со Кире сме одалечени 700 км не можеме да се гледаме секој ден како што е случајот со Бабунски. Но, затоа современата технологија ти олеснува да бидеш секојдневно во контакт. И со едниот и со другиот сме скоро во постојани пријателски, фудбалски, ракометарски контакти.

Емисијата Топки се пресели од ТВ на Интернет, а ти активно му помагаш на Филе за нејзиното подготвување. Имајќи предвид дека тој е постојано онлајн и пишува за последните вести од Барселона, ние што ве следиме имаме впечаток како целиот живот да ви е на Интернет. Ти годи ли таквата експонираност?

– Би ти рекла дека не е така. Да, работата на Филе е поврзана со јавна експонација на Интернет и Фејсбук, но има денови кога компјутерот ,,фаќа прав“. Толпата е масовно преселена на Фејсбук, па мораш да бидеш активен и таму бидејќи таква е работата.

Токму од твоите постови на социјалните мрежи дознаваме дека бараш невестински фустан и дека планираш на свадбата да има само македонски евергрини. Што друго е во план?

– Да, барам! И ќе го проверам вашиот сајт за некој предлог, за идеја за некој фустан, бидејќи се уште немам избрано. Правам плеј-листа на музика, затоа што сакам секој што ќе дојде, да почувствува нешто поразлично од досега понуденото клише.

goran_pandev_i_vesna_vitanova_600

Незадолжително: Многу штикли искршив : )

Го победуваш ли Филе кога играте фудбал на плажа?

– Почнавме да играме во ист тим!

Филе не крие дека кога станува збор за други репрезентации, навива за Аргентина. Кој е твојот фаворит?

– Филе за Аргентина, јас за Икер Касиљас (голманот на Реал Мадрид-з.а.)! : )

На што се снаоѓаш подобро, штикли „12-ка“ или во копачки?

– Дефинитивно копачки, имам скршено повеќе штикли. : )

Која ти е последна прочитана книга што ти оставила впечаток и би сакала да ни ја препорачаш?

– Нема последна книга, веднаш има почеток на нова. Моментално ја читам „Како да го добиете тоа што го сакате“ од Џозеф Марфи. Топ книга.

Дали поради отсуството од дома и живеењето во странство нагло се зголеми твојот интерес и успех во готвењето? Ја совладуваш ли и шпанската кујна? Можеби некој рецепт?

– Хм,хм… Знаете секогаш кога има спортист во куќа, мора едниот да готви за другиот. Така во нашиот случај е Филе ужива да готви и нема да му попречам во тоа задоволство. Иако помагам секогаш кога сум во можност. А рецептите не ги почитувам многу, секогаш додавам нешто плус, а некогаш отфрлам. : )