Почетна » Дива » Интервју » Снежана Лазарова: Предизвикот и инспирацијата се како близнаци

Снежана Лазарова: Предизвикот и инспирацијата се како близнаци

Интервју

Нема да кажеме нешто ново ако констатираме дека уметноста секогаш го бара својот пат и наоѓа медиум за изразување, што е опишано во примерот на Снежана Лазарова.

Освен што се обидува да ја задоволи својата потреба за креативно изразување преку уметноста, таа воедно ја патентираше и својата техника, со што е вклучена и меѓу оние што се официјално запишани како иноватори.

Професионално: Од уметност до иновација

Дива: За вас дознавме откако неодамна ја направивте првата изложба во Велес. Не е секојдневно да сретнуваме уметници кои дебитираат подоцна во животот, па не интересира приказната што се случи што токму сега „излеговте од сенка“?
– Всушност, првата изложба беше на 6-ти ноември 2012 година во рамките на изложба како иноватор во ликовниот салон, која ја отвори Претседателот на Сојузот на иноватори и проректор на УКИМ, професор Влатко Стоилковски, а следното изложување беше прва самостојна изложба Св. Марија Магдалена во градската библиотека која ја отвори Претседателот на Општинскиот совет на град Велес, господин Славчо Чадиев. Инаку, како емотивно и весело дете од 7-8 години почувствував внатрешен порив за себеизразување, но на таа возраст неможев да го примам правецот на вистината. Токму затоа и во тој период се создаде првата песна, а паралелно со неа и првата слика со пејзаж изработена со дрвени боички. Поезијата продолжи да се излева од мене периодично, дури и со забележани успеси, сепак животот ме воведе во стандардни колосеци и така уметноста се потисна длабоко во мене. Понатаму, дебитирав како сопруга, па како мајка, совесен и успешен работник, па дебитирав како свекрва и баба на три слатки внучиња. Како и да истече половина од животниот век, уметноста секој пат знаеше да ме привлече, повлече и исполни, но никој пат не си замина од мене, поточно јас од неа. Уметничките дела ги создадов исполнувајќи ја својата животна желба, тоа што дури сега си добив слободно време на претек,па ми овозможи релаксирани креации на инуитивните визии на потребата да ја раскажам приказната на моите гледања на околината, но сепак со лично обележје. Во случаен разговор (ниедна случајност не е случајна) со еден пријател, кажав како го исполнувам слободното време и тој посака да ги види делата. Беше воодушевен и кажа дека долг период не видел нешто вакво ново и уникатно. Тоа беше Председателот на Иновативниот центар на Велес, господин Љубомир Ракиџиев. На негова покана земав учество во изложбата на иноватори каде навистина присутните беа воодушевени и од техниката и од мотивите. И токму таму го добив првиот купувач кој порача дело со мотив на куќата од неговите предци, која моментално е во руинирана состојба. По неколку дена, за Денот на Велес, во градската библиотека се постави самостојна изложба “Св. Марија Магдалена” каде присуствуваа почесни граѓани, високи функционери и странски делегации. Изненадувањето кај нив беше очигледно, а тука ја примив и првата покана за гостување, од страна на Градоначалникот на Зеница – Р.Босна. Бев и збунета, и среќна; чувствата се измешаа. Тоа беше моментот на просветлување, пат кој треба да го следам, а потоа!? Потоа поточето потече по својот природен пат…

001 kukjata na koco racin

Дива: Да појасниме, вие ја заштитивте оваа техника како патент, што ве вбројува и меѓу иноваторите. Што точно е патентирано, во што се состои иновацијата?
– Пред три години, идејата ми беше да создадам дело кое ќе ме обележи како креативна, емотивна, трпелива, продуховена, благородна… препознатлива. Низ интуитивни визии дојдов до техниката Луна. Неодамнешните случувања ме насочија дека истата е единствена во Република Македонија, па и во светот. Затоа според законската процедура ја заштитив во Државен завод за индустриска сопственост. Начинот на подготовка на подлогата, начинот на креирање со помош исклучиво на тие семиња (кочански ориз и црн синап), начинот на кој се обработуваат зрната за да се добијат одредени ефекти или детали, севкупно ја претставуваат техниката „луна“, притоа вклучувајки ја и технологијата на производство. Да резимираме: патентирањето содржи образложение и доказ на начинот за создавање на производот, почнувајки од првата скица, постапно, до врамување на делото. Иновацијата во случајов е единственоста на материјалот и начинот на кој се применува, со краен ефект: компактност на делото и изразност на мотивот, со можност за употребливост и долготрајност.

Дива: Изработката на уметнички дела преку составување на други ситни елементи за добивање на слика се нарекува мозаик. Кои се сличностите и разликите во однос на „луна“?
– Мозаикот е исклучително напорна, но и креативна техника за изразување. Досега сум видела мозаици изработени од разни ситни елементи, но од мртва природа. Во нив е вткаена колоритност која јасно ја изразува идејата. Техниката Луна,сличностите ги има единствено во тоа што и таа се изведува од ситни и многу поситни елементи, но од растително потекло. Само по себе растението носи живот, така што и уметничките дела содржат латентна животна енергија која ги исполнува луѓето и просторот каде тие ќе бидат вклопени. Оризот е житно растение кое како основна храна за човекот значи-живот, а синапот е семе кое со мала обработка ја подобрува циркулацијата на крвта и ги лекува луѓето од длабоки настинки и бронхит, што за човекот е здравје. Ова е значаен сегмент при изборот на материјалот. Додатно, двете семиња имаат црна и бела боја-вечната борба на позитивното и негативното. Сликите се обид да се прикаже дека спротивставеностите, доколку умерено и мудро се вкомпонираат, можат да функционираат во позитивна насока и да прозрачат со благородност.

Дива: Кој беше лајт мотивот што ве понесе во изработка на ваквите дела? Дали можеби претходно сте се обидувале како автор на слики или графики, на некои други уметнички творби, или пак беше спонтан процес на идеја и реализација?
– Како мало дете ја почувствував Божјата дарба за уметноста. Често, со љубов цртав цртежи, првин со дрвени боички, а потоа како ги запознавав техниките, се обидував во акварел, гваш, темпера, колаж, па сликање графики на гипсена подлога, обработка на стакло итн, но мозаикот од камчиња ми беше најинтересен. Во меѓувреме создавав поезија, но сетоа тоа беше детски обид за себепронаоѓање во изразот на духовните визии и душевни потреби. На оваа возраст се создадоа реални услови кога можам да се препуштам на создавање на уметнички дела за кој често низ животот посакував да ги рализирам. Иако техниката никогсш досега не ми беше прецизирана, љубовта и божјата дарба кон ликовната уметност секојпат постоеше длабоко во мене.

Дива: Како се случи да ја развиете оваа техника за изработка на слики, која што ја ословивте како „луна“?
– Во 4-то одделение, како член на ликовната секција, ништо посилно не ме привлече од мозаикот со камчиња. Може би тоа што сите заедно одевме во реката Бабуна и од таму ги биравме камчињата, вкупните доживувања на природата и внатрешниот импулс, како целосна композиција се пренесе во мојата подсвест. Пред неколку години, без никаква цел, ги набљудував зрната од ориз. Ги приметив нивните интересни линии и интуитивно почнав да склопувам слободно, па во одредени форми и уште многу убави нешта. Па се роди потребата од контраст и во потрага за зрно кое ќе одговара од повеке аспекти,се одлучив за црниот синап. Се роди техниката Луна, а нејзината чудесна моќ да раскажува, преку моите раце ја одсликуваат делата.

Дива: Мозаикот е комплексен не само поради составувањето, туку и поради мешањето на разни состојки за да се добијат одредени бои и нијанси. Колку Вие се обидувате да постигнете различни нијанси, а колку инсистирате црно-белата комбинаторика да биде ваш заштитен знак?
– Лично и емотивно не чувствувам потреба од колоритност во делата токму и заради тоа и ја создадов техниката Луна, со цел колоритноста сама да се создава во потсвеста на публиката, според нејзината моментна потреба. Има и други семиња во одредени природни бои или бои со кои делото ќе се надополнува. Но целта не ми беше тоа. Целта е делата да ја доловат автентичноста на мотивот, само со црната и белата боја. Подоцна усовршувајќи ја техниката, а и желбата за покомплексни мотиви, се појави потребата од внесување на засенетост или силна светлина, па со малку повеќе труд и експериментирања, ја постигнав и сивата боја, која секако е спој од белата и црната како мој заштитен знак.

002 kameni most skopje

Приватно: Инспирацијата не бира време

Дива: Изборот на мотивите кои ги одработивте на почеток се од старата македонска архитектура, куќи и цркви, но и од природата. Колку тие беа предизвик, а колку инспирација?
– Од историски, архитектонски и културолошки аспект, посакав старата македонска архитектура, која е прилично специфична и интересна, како и црквите со своите градби, да ги овековечам со малку поинаков начин,преку техниката Луна. Со создавањето на делата, природата и нејзините појави станаа нов предизвик, но затоа техниката морав да ја наградувам и усовршувам. Кога ја постигнав сивата нијанса и силната светлина, се впуштив во изработка на пејзажи. Предизвикот и инспирацијата се како деца близнаци целосно се надополнуваат едно со друго и постигнуваат воодушевувачки резултати. Како прво дело го создадов “Пешти” – каноњот на р.Бабуна и нескромно ке кажам дека сум задоволна. Но нема да завршам со пејсажите зошто нашата татковина изобилува со природни убавини.

Дива: Вие сте во фаза кога очекувате стимулација од државата како иноватор. Која е визијата, во кој правец би требало да одите со развојот?
– Ова што досега е создадено, е само мојата љубов и Божјата дарба за уметност без претходно одредена финансиска цел. Но денес околностите потребите и условите, значајно се променија. Мојата иновација си го пронајде своето време и место. Горливото прашање со невработеноста на младите лица во нашата држава, ме донесе до нови можности за реализација. Во иднина планирам оваа иновација да се развие во семеен бизнис, а според потребите можни се и вработувања на други лица.

Дива: Што станува со интернационализацијата на Вашата уметност и ширењето на техниката надвор од границите на Македонија?
– Во блиска иднина планирано е најпрвин тоа да се случува во нашите образовни институции. Како член на Кластер и член на конзорциум, во соработка со УКИМ потпишан е договор за реализација. За ширење на техниката надвор од границите на Македонија се подготвуваат нови зафати. Во преговори сме со институции од Самобор – Хрватска, Зеница – Босна и Подгорица – Црна Гора, за што нивните амбасадори во Македонија дадоа согласност за секаква подршка при реализација на проектот. Секако доколку се појави интерес и од други земји, ќе ми биде чест техниката да ја пренесам таму. Најавено е учество на изложбите на иновации во Нинберг – Германија и Еурека – Брисел. Навистина ме исполнува сознанието дела делата и техниката им се допаднаа на луѓето и побуди интерес за совладување и создавање нови дела.

Дива: Како им пристапувате на мотивите, дали прво ги скицирате или фотографирате? Колку пати во текот на изработувањето на делото имате потреба да го погледнете мотивот за да бидете сигурни дека сте го доловиле?
– Мотивите први ми пристапуваат мене. Ме привлекуваат интуитивни,за потоа самата да побарам во шти е волшебството што ме привлекува. Некое време набљудувам, чувствувам, доживувам. Имагинацијата ја создава магијата и танцот почнува. Скицирам неколку скици,фоторафирам и преоѓам на обработка на конечна слика. Се додека делото не го завршам до последното зрно, погледнувам во фотографијата. Морам да признаам дека немам способност на фотографска меморија. Но тоа не ми е од неизбежна важност, бидејќи секое дело, без разлика на мотивот, додека го создавам, постојано го креирам со секој нов потез, оти од момент во момент идеите се усовршуваат, но и формите на зрното бараат свое место како би се добил финалниот израз на оригиналната идеа.

Дива: Во која насока планирате да продолжите, првенствено по прашање на мотивите? Дали имате идеја за покомплексни трудови и формати кои можеби би барале од вас и комплетен дизајн (инсталација) во одреден простор?
– Понатамошното творештво го гледам преку дела со мотиви кои лично ќе ме исполнат. Првенствено, се обидов и задоволна сум со една композиција од три дела со духовна тематика. Ме предизвикуваат пејсажите, небото, облаците, залезот ја сакам природата и ќе се обидам да го прикажам нејзиниот здив, но како прва и препознатлива љубов-стара македонска архитектура ќе остане како постојана нота на моето творештво. Покомплексни трудови би биле мој предизвик и желба, а форматот може да избере според потребите. За комплетен дизајн (инсталација) во одреден простор се уште не сум размислувала, бидејќи во досегашниот период се посветив на усовршување на техниката. Сепак доколку тоа би било барано од мене, би бил навистина сериозен, но инспиративен предизвик.

Дива: Колку трае создaвањето на едно Ваше дело, колку работни часови се потребни за подготовка на материјалот, а колку за целосна изработка на сликата?
– Досега моите дела ги изработував во формат А4, но планирам, според потребите, да го зголемам. Големи формати би практикувала во случај на порачка. Создавањето на едно дело започнува од моментот на избор на мотив, па подготовка на целосниот изглед и трае неколку дена. Потоа продолжува со примена на техниката. До целосна изработка на сликата потребни се 20 до 30 дена, во зависност од мотивот. Кажувам денови, а не часови, бидејќи кога надоаѓа инспирацијата, таа не бира време. Се случува да работам по 14 часови напрегнато, но ќе се сложиме, зборуваме за автор, па телесните потреби вбројуваат и одмор и сон и движење, воздух, сонце. Секое зрнце вплетено во сликата, бира најмалку двапати движење на рацете, но нивниот резултат после 30-тина дена го брише секој замор, непреспиени ноќи, заборавени оброци… и го заменува со исполнетост, духовен спокој и блаженство.

Дива: Ја запознавме Снежана како авторка, но која е всушност Снежана Лазарова, од каде потекнува и со што се занимавала пред да влезе во водите на уметноста и иноваторството?
– Потекнувам од благородни родители што ми подарија преубаво безгрижно детство, ме воспитаа во духот на традиционалните вредности на човекот: одговорност, чесност, трудољубивост, истрајност…..големо благодарам. Деловната кариера ја градев во работна организација, која и како многу други, денес ретко се споменува. Првите чекори беа како пресметувач на плата, па шалтерски работник во штедилница, за последните години да работам како маркетинг-менаџер за угостителство и туризам. Ова беше прилично успешен ангажман каде се пронајдов себеси, па разбирливо е кога го сакаме тоа што го работиме и резултатите се неизбежно успешни. Денес сум дома и повторно со голема љубов и посветеност го работам тоа што, чинам, за цел мој живот сум била предодредена.

Дива: Како семејството реагираше на промената кај вас, преориентирање од економијата кон уметноста, кои беа реакциите?
– Во почетокот семејството ја прифати оваа новина како лична потреба, но подоцна беа пријатно изненадени од мојата посветеност. Секое ново дело и тие го доживуваа како заедничка исполнетост. Денес главната подршка ја добивам токму од моето семејство и им благодарам за разбирањато и трпението и нивната насмевка.

003 lesnovski manastir

Незадолжително: Љуби го ближниот свој

Дива: Дали има други членови во Вашето семејство кои се занимавале или пак имаат желба да се занимаваат со уметничко творење?
– Не, моето семејство нема традиција на уметничко творештво. Јас добив Божја дарба и ја пренесов во дела, со голема љубов и посветеност. Имам желба ова да го пренесам на моето поколение. Искрено се надевам дека некој од моите внуци, во иднина ќе го наследи кодот на уметноста, и ќе појавам интерес за создавање на слични дела. Лична желба ми е техниката „луна“ да прерасне во семејна традиција како вредно семејно наследство.

Дива: Имате ли друга пасија во животот на која и се посветувате или предавате со таква страст како на уметничките дела? Филмови, книги, или можеби готвење, патувања?
– Уметничките дела ми се голема љубов, силна светлина каде почива мојот поглед, мозаикот на патот кон иднината. Тие ми се енергијата, инспирацијата, радоста што ме одржува да истраам. Но исто така сакам да видам добар филм, да прочитам добра книга, да патувам. Патувањата низ нови предели, умеат особено да исполнат и збогатат.

Дива: Прочитав дека првата изложба сте ја посветиле на Марија Магдалена. Дали е тоа точно и зошто чувствувате дека треба така да постапите?
– Точно е, првата изложба ја посветив на Св.Марија Магдалена. Пред неколку години на едно патување во Дојран, го посетив храмот на Марија Магдалена. Внатре, во Божјиот дом, почувствував во себе пријатен трепет, наплив на енергија и инспирација. Сфатив дека е време љубовта кон уметноста да ја изразам на некој начин. И набрзо потоа, мојот сон доби и лик, и форма, и боја, и израз… Уметнички дела изработени во техниката „луна“.

Дива: Во медиумите можеше да се причита дека планирате да изработите само 21 дело, наводно поради 21 век во кој што живееме?
– Да, тоа се однесува на изложбата на Св. Марија Магдалена која се создава во 21 век. Новиот век искрено очекувам да не воведе во себеспознавање, во просветлување, како и нова духовна преродба, со мотото “љуби го ближниот свој” . Посакувам поголема меѓусебна почит, помош на тие што им е неопходна, да се пробуди човекот во секој од нас, оти, чинам, еден подолг период подзабoравивме на него. Но создавањето нови дела никако нема да заврши тука. Напротив, дела за нови изложби допрва ќе се создаваат. Техниката „луна“ во иднина ќе дава можност за нови изрази, нови форми и цели, но да оставиме на времето да не исполни со мудрост, а рацете со нови Божји дела.

Дива: Во што е подобра Снежана: во изработка на уметнички дела во сопствената техника „луна“ или во подготовка на велешка пита (пастрмајлија)?
– Недвојбено во изработка на уметнички дела во техниката „луна“. Така се чувствувам најисполнета, најизразена, преку нив зборувам за вистината и се повеќе верувам дека всушност, тие се мојата мисија. А велешка пита? Ако е неопходно…. Со пита-пастрмајлија ќе не угостат велешките пита-мајстори. Сите имаме сопствена мисија…