Почетна » Дива » Настани » Пројковски во претраги – “На дното“ – во Штип

Пројковски во претраги – “На дното“ – во Штип

Настани

Репертоарната проекција и нејзината реализација, за секоја театарска куќа е еден од најклучните моменти за успешноста и креативноста во непредвидливиот и неограничен простор на уметноста именувана – театар.

Планирањето/проектирањето на репертоарот на секоја , па и на помала театарска/уметничка институција е почетокот, па и чекор до финалето на успешното остварување на творечкиот/театарскиот чин – и не само како колективен уметнички продукт – перформанс, претстава, музичка драма, шоу…итн.

Па така, посегнувањето кон едно репрезентативно класично драмско дело како што е “НА ДНОТО“ од Максим Горки, коешто во последниве години како да беше сосема заборавено, можеби најповеќе заради актуелните идеолошки поделби и во делот на театарската сфера, драмската литература и воопшто театарската сцена, која глобално знае да е обременета и со контраверзи од најразличен вид. Како што е познато , драмата “На дното“ како неверојатно успешен драмски текст му припаѓа на мошне раниот творечки период на Алексеј Пешков, односно Максим Горки,подоцнежниот автор на култниот –“манифест“ на советската(руска) пролетерска литература романот „Мајка“ и др.

Токму тука, агилниот и еден од најуспешните македонски театарски режисери од актуелната генерација – Дејан Пројковски (Битола,1979) , преку соработката со Театарот од Штип и поставувањето на штипската сцена на „На дното“ , го прават репертоарското извишување кон, привидно, до вчера недостижното – со високите достигнувања на необичната, жестока, предизвикувачка, длабоко инспиративна претрага – донесувајќи го досега еден од најоригиналните и најсовремено означени сценски приоди до „На дното“.

Очигледната посветеност на Ансамблот и новото водство на НТШ (односно Центарот за култура –Штип) при што влогот е неверојатно сплотена и непоколебливо колективна игра, која го дава финалниот резултат и несомнен успех. Иманентно и доминантно со јазикот на поезијата – оваа претстава, толку знаковно богата, дополнително мотивирана со решенија извлекувани преку мноштвото асоцијации кои пак, го оправдуваат очигледно добро осмислениот/остварениот режисерски концепт на потполн театарски чин, во кој крајно и без остаток, со жесток порив на ентузијазам се вложува целиот состав на протагонисти – од надоаѓачката креативна актерска моќ на новите, млади и високо образовани кадри од НТШ. Вложувајќи го најдоброто од својот креативен потенцијал, во ова досега најнеобично и најинвентивно читање , на реалистичката драма на М.Горки „На дното“, секој од доминантно младите толкувачи на претставата, се чини, се вложуваше себе со силни чувства и мотиви во некоја толку очигледна цел за достигање на максимално можното, како да е тоа рутина или секојдневие на една искусна и високо професионална театарска екипа, од некое друго место па и друг културен простор, во кој театарот традиционално е позициониран во повисоки културолошки сфери и е со позначајно место и повисок статусен третман.

И колку да се истакнува даровитоста на еден режисер со таква имагинативна структура на мисловната мапа и фантазија, сепак ќе остане впечатокот – залуд сето тоа ако режисерскиот концепт не се најде на една таква плодна и од можностите на водата – како медиум, дадено тло, подлога – дно , на кое актерската беспоштедна игра ги остварува во колектив сите замисли на инспирираната режисерска – мисла/идеја водилка, дека – нема подолно дно од дното на водата, на барата која ти е и легло,и храна и гроб.

Nadnoto3

Од драматуршко – концептуален аспект, ова најново режисерско толкување на драмата „На дното“ кое се остварува во тесниот и низок простор на штипската сцена – „простор под ротација“ кој е „поплавен“ (што неизбежно води кон асоцијација на неодамнешните поплави во нашата земја) има своевидни предности, но и недостатоци кои се врзани со самото милје , односно локација на дејствието кое кај Горки е обично преноќевалиште/помалку прифатилиште / за луѓето „од дното“ на општественото скалило. Но, како што тоа знае често – недостатоците/неповолностите можат да се престорат во поволност.

Така публиката имаше прилика да проследи една заокружена сценска игра, со сите елементи на креативен резултат кој видно актуелизира , возбудува, тревожи и го изместува гледачот од комодитетот на “господинот/г-ѓа во фотелја“, со не толку пријатните жестоки мизасценски акции на актерите во водната површина – од која знае да заплисне некоја небрежно испратена количина вода во гледалиштето …како своевиден воздив, олеснение на беспризорните, на несреќниците на Горки, Пројковски или пак анонимни “рицари/јунаци на нашето време“.

Многу силни и разнообразни импресии принесува овој најнов респектабилен камерен проект на НТШ, а заслугите за тоа се чини најповеќе и во најголем дел им припаѓаат на вештите креации и уверливо донесените ликови, кои недвосмислено и преку/со оваа претстава ги покажа – непокажаните досега големи можности на засилениот штипски актерски состав. Затоа листата на 15-тината актери учесници во претставата – кои, придржувајќи се на темелната и вечна мисла на писателот, авторот на драмата „На дното“ Максим Горки – искажана за ч о в е к о т и секогаш нужната почит кон неговото гордо битие; ги сметаме за подеднакво заслужни за оваа мала-голема претстава на НТШ.

Во таа смисла ќе се осврнеме и на секое актерско име и остварување, иако во претставата учествуваат вкупно петнаесет актери, што секако не e и мала бројка, но ниту особено голема за самозададената задача, да се проговори по нашироко за што е можно повеќе од нив.

Самиот факт дека Стојан Арев е единствениот актер-пензионер меѓу петнаесетмината од вкупниот кастинг, не е единствената причина што освртот врз актерските остварувања ќе го отпочнеме токму со него. Стојан Арев, кој веќе неколку сезони, театарски искажано, својата матична театарска куќа ја набљудува од дистанца и со диоптрија на пензиониран актер, се покажа и според годините и евидентните други карактеристики, како мошне потребна актерска индивидуалност токму во поделбата на ликовите во „На дното“. Играјќи го стариот Лука, веројатно еден од најподатливите ликови во драмата на Горки, Арев со невидена леснотија и уверливо, демонстрира силни чувства на човечност во време , услови и средина на дехуманизирани односи и отуѓеност. Арев достигнува ниво при што преку ликот кој го толкува наметнува комплетен впечаток во спојот на емоционалното, говорното и визуелното, перцептивното – покажувајќи ја својата зрела актерска игра на актер со профилирано и контролирано уметничко транспонирање. Немаме целосен преглед на актерската листа на толкувани ликови од него и одгласи за нив, но длабоко веруваме и од делумните сознанија во таа смисла – длабоко сме убедени дека ова негово остварување на Лука, е секако едно најдобрите –ако не и најдобриот негов актерски резултат, досега.

Nadnoto1

Руиш Беговска, секогаш лесно приспособливата и со особено чувство на актерска самоконтрола, актерка која мошне добро ги владее и употребува своите вредности и можности – во оваа постановка на “На дното“, е во не многу сложената ролја на Нараторот .Со самото тоа, таа и нема некој особен предизвик за создавање и остварување на некој особен лик, па при тоа со рутина на искусен и надарен актер, вешто ја исполнува својата задача на поврзувач на настаните и сцените, сугестивно идентификувајќи ги и посочувајќи кон не малите барања на режијата.

Милорад Ангелов е актер кој и во оваа своја сценска појава (како Костиљов, контроверзниот сопственик на ноќевалиштето), успешно продолжува да го продлабочува, а со тоа и да го подигнува критериумот за деталите како елементи на градењето на се позабележителните ролји што ги добива. Ако до скоро кај него се чувствуваше – и покрај вложениот труд, непотполност – на само чекор до апсолутниот резултат, сега веќе може да се констатира дека неговите остварувања се се’ поуверливи и поживотворни. Неговите успешни трансформации од лик до лик , од претстава до претстава одат во вистинска насока легитимирајќи го како персоналитет во кој НТШ, добива актер со широк капацитет и особен сензибилитет – видно и од реализацијата на Костиљов.

Владимир Тулиев, како осведочено име на актер со енергетски набој и темперамент на “контролирана експлозија“, со ликот на Баронот во “На дното“ немаше можност да ги покаже своите квалитети на мисловност и импресивна сценичност. Иако е еден од централните ликови во драмата на Горки, овој лик во концептот на колективната игра и доминантната позиција на сценската акција над самиот текст – не дојде до целосен израз, иако својот дел актерот Тулиев си го одработи, со мерка, професионално градејќи мошне допадлив лик – што е вообичаено за него скоро секогаш.

Ефтим Трајчов – секако еден од најталентираните актери, припадник на надежната, капацитетна и немала по број млада генерација актери (за театар со профил и формат , каков што е тоа во моментов НТШ) – во поделбата за „На дното“ го добива еден од најинтересните ликови во драмскиот текст на М. Горки, Сатин. Трајчов, во ликот како „скроен“ за него, доследно следејќи ги барањата на режијата и на драмскиот концепт на колективот, сепак знае да се извиши, да надвладее – и разумно да поентира во корист на ликот кој го толкува и во корист на својата актерска индивидуалност.

Во делот на подмладокот на Ансамблот на НТШ што во иднина публиката ќе го има задоволството да ги следи преку креации на два благородни женски ликови видени (и во „На дното“) се и: Анѓелка Нашкова и Валентина Ѓоргиевска.

Толкувајќи ја носечката женска ролја на Василиса Карповна (жената на Костиљов) – Анѓелка Нашкова демонстрираше профил на актер со отворен и култивиран сензибилитет, а нејзината појавност и уверливост во секој поглед ја потврдија високата актерска вредност и индивидуалност. Така со оваа ролја младиот и сценски мошне прифатлив лик – Анѓелка Нашкова, не само за себе туку и за својата театарска куќа, донесува оптимизам и надеж, дека донеодамнешните слаби точки во актерскиот состав, односно недостаток на квалитетни образовани женски актерски профили, во театрите надвор од Скопје – полека но сигурно остануваат зад нас, во театарските летописи и хроники.

Останатите повеќегодишни членови на Ансамблот на штипската театарска куќа Пеце Ристевски и Виктор Арев, кои се мошне ангажирани во без малку целиот репертоар на својот театар и во оваа најнова премиера остварија забележителни ликови – Арев како Клешч а Ристевски, како Васка Петров. Помладиот Виктор Арев , сепак како средовечниот бравар Клешч со товарот на болна сопруга на смртна постела (во остварување на Анкица Бенинова, една од актерките-студентки) ги имаше посложените задолженија, кои го потврдија неговиот актерски волумен најавувајќи очекувања за уште посложени остварувања.

Пеце Ристевски, пак е актер кој и во оваа претстава влегува со познатиот, признателен ентузијазам и очигледно мошне вложен труд, давајќи ја својата значајна поддршка на вкупниот актерски учинок за остварената колективна и цврста игра , на својот театар кон најавениот и очигледен подем.

Засилената актерска екипа на НТШ, во голема мера беше и освежена со учеството на четири студенти од Скопје како гости во Штип, секако под избор и менторството на професорот на Академијата, режисерот Пројковски. Покрај спомената Анкица Бенинова , особен впечаток на големи надежи оставија и останатите две актерки: Марија Димитрова како Наташа и Надица Петрова како Настја , но сепак останува импресијата дека нивниот колега Никола Стефанов, во улогата на Актерот – ја имаше најсложената ролја која, ако не беше повремениот впечаток на губење на ритамот и премногу честото “рамно“ движење низ психолошките валери, кое може да се оправдува единствено со неискуство во распоредување на емотивниот набој во сооднос со енергетскиот распон на говор, мимика и моторика – во толку сложениот лик.

Кристина Атанасова Арсова, донеоднешна и повеќегодишна членка на штипскиот Театар, останува да е куриозитетот – на овој успешен проект ( од којшто оваа театарска куќа со право очекува многу) со изненадувачки успешното толкување на машки лик, ликот на Бубнов.

Ни се чини за сосема логично овој осврт врз актерските остварувања во „На дното“, да го завршиме со Миле Вратеовски човекот кој во овој проект има двојна ролја, да осмислува и предлага репертоар на НТШ и успешно да го реализира тој репертоар, при тоа и да го одржува сопственото реноме на афирмиран и популарен актер (не само театарски) преку неговите пред се’ доминантно комични ролји, кој според нас, иако сега и на позицијата на директор, постапува сосема исправно и продолжува со натамошното себеостварување како актер и во дадениов случај и тоа во ролја која е подалеку од неговата специјалност/фах.

Секако тука не смее да се одмине и името на Валентин Светозарев, кој овој пат го потпишува целиот дизајн на претставата (сценографија,костимографија,дизајн).

И на крајот, останува да се одбележи неодминливото : за секој позначаен театарски проект на режисерот Дејан Пројковски – музиката да е создадена и потпишана од маестро Горан Трајковски.

Пишува: ЉУБОМИР ГРУЕВСКИ