Почетна » Рецепти » Посна храна » Посен ролат со кикиритки

Посен ролат со кикиритки

Посна храна

Кој го сака вкусот на кикиритките, ќе го обожава овој ролат, кој пак потсетува на М&M бонбоните (кои имаа вкус со кикиритки).

Бидејќи е време на пости, ние ви ја нудиме оваа варијанта за подготовка, но оние што ќе го подготвуваат во друг период од годината можат да употребат и други состојки. Лесен е за подготвување зашто нема печење и може да се конзумира веднаш 🙂

Состојки:

(за надворешниот дел) :

350 грама посни мелени бисквити

250 грама мелени ореви

250 грама шеќер во прав

100 грама чоколадо за готвење или 4 лажици какао

разматено млеко во прав од ориз (по вкус)

(за внатрешниот дел):

400 грама печени/несолени кикиритки (мелени)

250 грама маргарин

250 грама шеќер во прав

За надворешниот слој, измешајте ги оревите, бисквитите и шеќерот во прав и какаото, па полека додавајте го оризовото млеко додека не добиете цврста смеса погодна за правење ролат. Ако користите чоколадо за готвење, стопете го и додајте го на сувите состојки, а потоа додајте го млекото.

За внатрешниот слој, измешајте ги маргаринот, шеќерот во прав и мелените кикиритки.

Надворешниот чоколаден слој истенчете го на проѕирна фолија во облик на правоаголник, а преку него рамномерно нанесете ја смесата со кикиритки, па свиткајте ги како ролат. По желба, одгоре можете да му направите и чоколаден прелив.

Од ова количество се одбиваат два ролати од по 30-35 сантиметри. Ставете ги во фрижидер да се стврднат ако сакате да добиете цврста форма за сечење!