Почетна » Љубов » Раскинувањe » Пет строго забранети нешта за „поранешните“

Пет строго забранети нешта за „поранешните“

Раскинувањe

Ако инсистирате да разговарате со поранешниот партнер откако сте раскинале и поминало време, соберете храброст да му пријдете и да поразговарате како што би направиле кога би почнувале врска со некој друг. Не постои поцивилизиран начин од разговор, особено ако е отворен и пријателски. Сепак, заведувањето оставете го на страна, бидејќи ако постојат некакви чувства, тие ќе излезат на виделина.

Ова се пет работи кои никогаш не треба да ги правите откако сте раскинале некоја врска, бидејќи нема логика да ја задржите истата комуникација со истата личност на исто ниво.

1. Зошто се преправаш дека не ме гледаш?

Раскинувањето на една двојка значи дека тие двајца луѓе ќе продолќат независно низ животот. Поранешниот партнер нема обврска да ве прашува како сте или да ви мафта ако ве види некаде. Прашање на желба и добро воспитување е дали ќе ве поздрави ако ве види, но нема логика да очекувате емоции. Ако „не ве познава“, тоа значи дека одлучил дека така е најдобро, не сака да дава лажна надеж со својата љубезност и стои зад одлуката за раскинување.

2. Кај си, што те нема?

Ако фазата за пробно смирување е зад вас и немала позитивен резултат, нема поента од натамошно скриено додворување. Љубезност и релаксиран муабет се нетипични за една двојка која решила да се раздели. Ако сметате дека не биле искористени сите капацитети за помирување, може да се обидете преку некој заеднички пријател да видите дали за конкретната идеја има простор или не, меѓутоа секој поинаков обид за комуникација го спушта вашиот гард и може да биде протолкуван како мешање во приватноста на другата страна. Доколку станува збор за поранешен брачен партнер, мошне е јасно и очекувано да има контакти и односи, било да е околу децата или околу судските парници за поделба на имотот, но тоа си има своја агенда.

3. Уште не ми е јасно зошто раскинавме!

Ова е непожелно по два основа: или требало да прашате кога сте се разделувале, или ако тогаш сте добиле одговор нема зошто да го повторувате. Ако вашиот партнер евентуално не сакал да ви каже, можеби е и поради тоа што сакал да ве заштити од емотивен пад, бидејќи секогаш има некој/а друг/а на хоризонтот. Поставувањето на ова прашање остава простор вашиот штит да биде разнебитен и ако инсистирате на одговор, навистина да добиете одговор од кој ќе ви треба време за да се соземете.

4. Јас сум среќна, а ти не!

Игрите на предизвикување љубомора се меч со две острици! Коментари од типот „Веднаш најде друг/а“ или „Навистина немаш вкус“ само ја откриваат вашата фрустрација. Ако сте раскинале достоинствено, зачувајте го нивото, ако пак сте пропуштиле нешто да му кажете, оставете вашиот однос да го каже тоа, бидејќи така ќе биде повпечатливо. Секој друг чекор само покажува дека тагувате, а не дека сте среќни. Изберете да не зборувате невистини, бидејќи тоа не води кон ништо добро.

5. Сам/а сум, а сакам да сум со тебе!

Не секое раскинување е лесно да се преболи, но ако не постојат шанси за помирување и раскинот се случил, вакви изјави можат да предизвикаат само сожалување. Љубовта не е сожалување, напротив! Ако заедничките пријатели не можат да ви помогнат за да ја надминете кризната ситуација, не се обидувајте да играте на оваа карта, бидејќи никогаш нема да бидете сериозно сфатени.