Почетна » Семејство » Миленичиња » Пет совети за тоалетни навики кај мачињата

Пет совети за тоалетни навики кај мачињата

Миленичиња

Малите мачиња се слатки и преубави и на слика, и во реалноста, но кога се во нашиот дом, потребата е поинаква: потребно е што е можно побрзо да се навикнат да ја одржуваат хигиената на начин кој нема да им пречи на останатите жители.

Речиси како со малите деца, и нив им е потребна поголема грижа во периодот додека се младенчиња. Ви предлагаме неколку совети како да го започнете нивното создавање на навики, се до тоа како да се грижите за нив на подолг рок.

1. Определете место за тоалет
Доколку имате резервирана просторија за движење на мачката и нејзините младенчиња, добро е да се знае дека не мора да барате друго место за нивните потреби. Единствено што мора да биде запазено е тоа дека местото за тоалет мора да биде оддалечено од местото за храна.

2. Подгответе глинен сад со земја
На пазарот може да се најдат секакви предлози кои се блиски до вкусот на луѓето, па така се нуди и парфемизиран „песок“ и миризливи садови. Од здруженијата за грижа околу животните препорачуваат да се почитува изборот на миленичињата, а искуствено е покажано дека тие преферираат глинен сад со земја. Иако кучињата важат за животни кои се раководат од сетилата за мирис, мачките подеднакво се чувствителни на миризбите.

3. Чистете го садот два пати дневно
Пред се, потребна е замена на земјата или песокта, најмалку еднаш на ден, а доколку во вашиот дом има и повеќе миленичиња, тогаш најмалку два пати на ден. Глинените садови се најотпорни кон апсорбирање на мирисите, затоа бараат само еднаш месечно да бидат измиени со сапуница, додека со пластичните ќе мора тоа да го правите еднаш седмично. Не користете хемикалии.

4. Имајте еден резервен сад
Токму поради специфичните барања кои се должат на чувствителноста на мачјиот род, секогаш е подобро да имате една позиција повеќе од бројот на миленичиња во вашето семејство. Ова е од особена важност доколку знаете да „заглавите“ на работа или со други обврски, па подобро е да бидете чекор понапред од ситуацијата.

5. Подалеку од децата
Местата определени за тоалет на вашите миленичиња треба да бидат подалеку од она што е на дофат на децата, но истовремено и подалеку од возрасните кои можеби се алергични или имаат нарушувања на имунитетот. Некои паразити кои се преносливи од животно на човек можат да предизвикаат сериозни болести кај луѓето, поради што по секој контакт и средување на тоалетот на миленичињата, морате задолжително да ги измиете рацете.