Почетна » Семејство » Деца » Пет причини зошто најстарите деца можат да бидат најдобри

Пет причини зошто најстарите деца можат да бидат најдобри

Деца

Најстарите деца мислат дека се главни во семејството, како првородени, но изгледа дека и науката го поддржува ова тврдење. Бројни студии покажале дека редот на раѓање игра важна улога во развојот на децата, но се уште е спорно до кој степен се протега тоа влијание.

  1. Најстарите деца можат да бидат најпаметни. Во едно истражување меѓу младите луѓе во Норвешка во 2007 година, се покажало дека најстарите браќа имаат во просек 2,3 насто поголем коефициент на интелигенција во однос на нивните помали браќа. Научниците сметаат дека со тоа што постарите браќа или сестри ги учат помладите, и самите повеќе ги памтат информациите. Исто и со зголемувањето на семејството, родителите имаат се помалку време за децата. „Секогаш кога ќе додадете дете, го разводнувате интелектуалната средина на сите во семејството“ пишуваат научниците во заклучокот од студијата.
  2. Најстарите деца се поодговорни. Тоа што го пробиваат патот за нивните помлади браќа и сестри значи дека најстарите деца се учат на сериозна одговорност уште од најрана возраст, па според научниците тие најмногу се посветени на лојалност кон семејството и традиционални вредности, па затоа често се најпослушни и најодговорни.
  3. Најстарите деца можат да бидат поуспешни. Не само што тие се подобри на училиште, туку можат да бидат поуспешни во професионалниот свет. Според Бен Датнер, психолог и професор на Њујоршкиот универзитет, првородените се насочени кон постигнувања и нетрпеливи за да ги задоволат своите родители. Според истражувањата тие и доминираат како авторитети пред помладите браќа и сестри, па се подготвени за лидерски улоги подоцна во професионалниот живот.
  4. Најстарите деца ги почитуваат правилата. Додека се чини дека вторите , односно средните деца се најбунтовни, првите најчесто ги следат правилата, поисполнителни се и поконвенционални. Според белгиските психолози Василис Сроглу и Лаура Фиасе, децата што се родени подоцна имаат потреба да се разликуваат од првородените и затоа се поигриви, повеќе соработуваат и се особено бунтовни.
  5. Најстарите деца можат да бидат посовесни. Во една австралиска студија од 2015 година се открива дека првородените деца се малку посовесни, попослушни и помалку невротични, карактеристики кои би им помогнале на долг рок. Истражувањата покажуваат дека совесноста помага да се постигнат поголеми академски резултати и е многу значајна за постигнување успех во животот.