Почетна » Љубов » Романтика и врски » Пет филмски запросувања во 2015 година на YouTube

Пет филмски запросувања во 2015 година на YouTube

Романтика и врски

Од долгорочни планирања и снимања, па се до инцидентни упаѓања во неочекувани ситуации, сценариото за идиличното запросување варира до бесконечност, предизвикувајќи искрени емотивни реакции кај дамите, отворајќи го патот до нивното срце за претставникот на посилниот пол кој (конечно) собрал храброст да клекне пред неа.

Ова се петте најуспешни обиди кои редакцијата на „Дива“ ги селектираше од неколку стотици видеа кои ги прегледавме на YouTube, а се поставени во 2015 година.

5. Дин и Џенифер – Идејата на Дин се родила на роденденот на Џенифер во 2014 година, па во следните 365 дена тој постојано се снимал себе си држејќи лист со прашањето: Дали ќе се омажиш за мене? Секој ден е внимателно документиран со испишан датум, а финалето се случува за време на патувањето во Аруба.

4. Томер и Април – Двајцата ги сакаат патувањата и во ова видео Томер користи дел од снимките на заедничките патувања, а истовремено прави заплет дека е „во потрага по прстенот“. Финалето е во хотелска соба, каде што обезбедува услови за снимање, а ја замолува Април да изгледа видео на неговиот лап топ, за кое и вели дека е трејлер за некој филм.

3. Џон и Енџи – Семејството на Енџи се собира во нивната куќа да гледаат филм, а во него главна ѕвезда е нејзиното момче Џон Ченг кое се претставува како тајниот агент 008. Тој се упатува на извршување на задачата што му е доверена, а кога ќе ја исполни (на екранот), влегува во собата и започнува да ја пее Thinking out loud (we found love right where we are) од Ед Ширан.

2. Лијам и Енџи – Седумгодишната врска на оваа австралиска двојка е крунисана со запросување кое се случува при излегување во кино. Лијам „случајно“ излегува до тоалет, а филмот се прекинува и се емитува специјално подготвен видео спот направен врз основа на песната „Rude“ од канадската група Меџик. Во него идниот младоженец три пати е одбиен од таткото на невестата, но на крајот сепак успева да се „избори“ за неа.

1. Том и Тери – Речиси е неверојатно што се е направено за да се изведе оваа сцена. Шест месеци планирање и проби, организација на „лажен“ одбојкарски турнир кој чудесно е прекинат откако среде игра на звучниците почнува да оди „Marry you“ од Бруно Марс. Одбојкарите започнуваат да масовен танц („флеш моб“ стил), а за идната невеста е изработена специјална фотелја која на раце ја носат шестмина луѓе за таа да се чувствува како кралица. Дејството се сели во дворот, а од таму чудесно преминува во блиската црква, каде што следат епски моменти кога ќе блеснат светлата, а внатре има стотици луѓе, од роднини и пријатели, до црковниот хор. Лудило!