Почетна » Дива » Култура » Најстарата икона на Свети Климент изложена во Рим

Најстарата икона на Свети Климент изложена во Рим

Култура

По повод чествувањето на Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј во Рим, а во рамките на 48-то издание на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“ која се одржува во главниот град на Италија, Националната установа Завод и Музеј Охрид, ќе организира изложба посветена на патронот на Охрид, Св. Климент Охридски.

Меѓу експонатите ќе бидат изложени и најстарата икона со претстава на Св. Климент и резба на патронот на македонската православна црква од 13 век, како и копија од вредната фреска од 11 век насликана во црквата Св. Софија во Охрид на која се претставени Св. Кирил Солунски и неговиот ученик Св. Климент.

Изложбата ќе биде поставена во изложбениот комплекс во папскиот музеј „Урбанијана“ во близина на Ватикан во Рим. На неа ќе бидат претставени вкупно 38 дела, од кои, 18 фрескокопии, 16 сопственост на Завод и Музеј Охрид, две позајмени од Музејот на Македонија, пет икони дел од колекцијата на Охридската галерија на икони кои се дел од вредното културно наследство од највисока категорија и фотографии да посведочат за историјата, делувањето и визијата на Св. Климент Охридски во градот Охрид – лулка на словенската писменост.