Почетна » Рецепти » Празнична софра » Милибродот е украс на празничната трпеза

Милибродот е украс на празничната трпеза

Празнична софра

Еден од најубавите украси на празничната трпеза е оваа румена млечна пита, на нашето поднебје позната како милиброд или козињак, со привлечна арома од лимоновата кора и сувото грозје.

За Божик, но и за Велигден, можете да го испробате овој рецепт, а потоа во иднина да го надоградите според вашиот вкус.

Потребни состојки:
1 кг брашно
½ л млеко
100 гр шеќер
2 ќесички сув квасец
100 гр путер
3 цели јајца и 1 жолчка
1 лажичка сол
кора од 1 лимон
суво грозје по желба.

Ставете го брашното во сад и направете дупка и во неа. Сипете ја течноста претходно направена од млакото млеко, шеќерот, солта и квасецот, а потоа и изматените јајца, изренданата кора од лимон, растопениот путер. По желба додадете една рака суво грозје кое претходно е потопено во млака вода.

За посипување на работната маса ќе ви требаат уште стотина грама брашно. Замесете мазно тесто, покријте го и оставете го да надојде. Премесете го и оставете го уште 30 минути во садот за да нарасне пак. Потоа растегнете го во долг цилиндричен облик со должина од 80 цм, па свиткајте го тестото, но не сечете го,  за да се добијат две „јажиња“ во дебелина од 5 сантиметри. Префрлајте го едниот крај преку другиот како да плетете плетенка. Потоа добро притиснете го тестото, ставете го подмачкана тепсија, премачкајте го со жолчка и ставете го да се пече на 200 °C, околу 30 до 35 минути.

Печениот милиброд малку попрскајте го со ладна вода, завиткајте го во кујнска крпа и оставете го да се излади пред да го сечете на кришки.