Почетна » Рецепти » Слатки » Летен колач со вишни, цреши, кајсии и капини

Летен колач со вишни, цреши, кајсии и капини

Слатки

Искористете го богатиот избор од летни плодови за да го приготвите овој разнобоен, вкусен и ароматичен колач, а можете да направите и сопствена варијанта во комбинација со вашето омилено овошје.

Состојки:

2 јајца

120 грама шеќер

1 ванила

200 мл млеко

100 мл јогурт

220 грама брашно

1 прашок за пециво

80 мл масло

200 грама вишни

200 грама цреши

3 кајсии

100 грама капини

1 лажица шеќер

1 лажица гриз

Овошјето измијте го, извадете му ги семките и оставете до малку да се изцеди. Кајсиите исечкајте ги на коцки.

Изматете ги пенасто јајцата со шеќерот и ванилата со рачна жица за матење. Додајте ги млекото јогуртот и маслото, а потоа и брашното измешано со прашокот за пециво. Изматете колку с* да се измеша.

Половината од тестото истурете ја во намастена тава за печење (ако е тркалезна, тогаш бр. 28) и ставете го во рерна загреана на 190 степени да се потпече.

Во меѓувреме измешајте го овошјето и рамномерно посипете го со гризот и шеќерот. Не цедете го овошјето со стискање, за колачот да биде сочен.

Кога ќе се зацврсти коричката на тестото, извадете го од рерна, одгоре наредете го овошјето за да го прекрие тестото и израмнете го. Потоа прелијте го со втората половина од смесата рамномерно за да се покрие овошјето. Вратете го во рерна и печете додека не добие убава, златно жолта боја.

Готовиот колач оставете го малку да се излади, па посипете го со шеќер во прав и уживајте во кисело слатката комбинација на овој превкусен летен овошен колач.