Почетна » Џет сет » Музика » Латвиската дива Елина Гаранча го отвора Охридско лето

Латвиската дива Елина Гаранча го отвора Охридско лето

МузикаНастани

Реномираната оперска дива Елина Гаранча од Латвија вечерва во 21 часот на сцената на Античкиот театар во Охрид ќе го отвори 56-тото издание на фестивалот Охридско лето. Гаранча, во придружба на оркестарот на Македонската опера и балет, со кој ќе диригира Јон Марин од Романија, ќе изведе избор од популарни арии од Глинка, Чајковски, Масне, Сен-Санс, Гуно кои соодветствуваат со силината и квалитетот на нејзиниот глас. Вториот дел од концертот е резервиран за најпознатите композиции од операта „Кармен“, за кои самата вели дека и овозможиле влез во Метрополитен операта во Њујорк.

Покрај тоа, таа настапувала и во Виенската опера, во Франкфурт и Париз и зад себе има 18 оперски улоги, над 140 перформанси и е еден од најпродаваните артисти на прочуената дискографска куѓа „Дојче грамофон“.

Во рамките на програмата на годинешното фестивалско издание во Охрид се најавени над 50 музички настани, девет театарски претстави, пет изложби и осум филмови од богатата кинематографска понуда на „Вардар филм“. Меѓу останатите ексклузивни музички настани на програмата до крајот на летото се концертите на виолинистите Максим Венгеров, Вадим Репин, Роман Симовиќ, пијанистите Фазил Сеј, Ана Винитскаја и концертот на легендарниот џез музичар Артуро Сандовал кој има освоено 10 Grammy награди, 6 Billboard награди и една Emmy награда.