Почетна » Рецепти » Бели печива » Крекери со хељда

Крекери со хељда

Бели печива

Ако сакате да грицкате меѓу оброците, направете ги овие ужинки од мешавина на три интегрални брашна, и ќе имате воедно здрави и вкусни грицки за целото семејство.

Состојки:

100 грама интегрално брашно од хељда

100 грама интегрално овесно брашно

100 грама интегрално ржано брашно

1 лажичка сол

1 прашок за пециво

2 дл кисела вода

1 дл масло

50 грама сусам

50 грама зрна од сончоглед

Сусамот малку пропржете го во сува тава. Измешајте ги сите брашна, солта и прашокот за пециво, додајте вода и масло и зрната од сончоглед, па сусамот, и замесете меко тесто.

Нема потреба тестото да стои во фрижидер, можете веднаш да го развлечете што потенко, за да бидат покрцкави, ги сечете во посакуваната форма и ги печете во тава обложена со хартија за печење на 180 степени околу 12-15 минути (крекерите се готови кога ќе забележите дека рабовите почнале да им потемнуваат).

Ако наместо обично користите маслиново масло, можете да ставите 75 милилитри, а водата да ја зголемите на 225 милилитри.

Ако наместо ржано користите пченкарно брашно, тогаш се најкрцкави, а се печат на 200 степени 10 минути. Овие крекери совршено одговараат со макалото од црн патлиџан Баба Гануш.