Почетна » Рецепти » Празнична софра » Колачи „јајце на око“

Колачи „јајце на око“

Празнична софра

За побогата и пошарена велигденска софра, пробајте ги овие колачиња кои соодветно на празникот, се направени како јајце на око, и воопшто не се комплицирани за подготвување, ако ви изгледа така.

Состојки: (за 15-20 колачи)

250 грама брашно

100 грама ладен путер

малку сол

5 лажици шеќер во прав

1 ванила

4-6 лажици ладно млеко

за преливот:

150 грама шеќер во прав

6-8 лажици сок од лимон

15-20 половинки од компот од кајсии или праски

Вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени. Измешајте ги брашното, солта, шеќерот во прав и ванилата. Исечкајте го путерот на помали парчиња и измешајте го со раце во брашното додека не добиете тесто што се рони. Додадете го млекото и полеке месете додека не добиете меко тесто кое не се лепи за рацете, а по потреба додајте млеко.

Работната маса посипете ја со брашно, па истегнете го тестото до дебелина од 5 милиметри, а потоа сечете кругови со форма или чаша со дијаметар од 7-9 сантиметри. Наредете ги круговите во тава за печење обложена со хартија за печење и печете ги 8-10 минути, додека не зацрвенат рабовите на кексите. Извадете ги и оставете ги да се изладат.

Кајсиите (праските) извадете ги од сокот и оставете ги да се исцедат на салфетка, па исечете кругчиња кои ќе ви одговараат за средината на кексот.

Измешајте го шеќерот во прав со сокот од лимон во погуста смеса. Со лажиче нанесувајте од преливот на секој кекс и размачкајте до рабовите. На средина ставете ја половината од кајсијата или праската. Оставете ги колачите да се исушат, а потоа послужете и уживајте.