Почетна » Семејство » Бременост » Шест продукти кои трудниците треба да ги избегнуваат

Шест продукти кои трудниците треба да ги избегнуваат

Бременост

Има повеќе работи кои треба да ги избегнувате или намалите за време на бременоста зашто можат да му наштетат на вашето бебе, а исто така се потенцијална опасност за труење со храна за сите, не само за оваа чувствителна категорија на жени.

Сирење – Сите сирења и кашкавали кои се со мувла, како „бри“ и „камемберт“, треба да се избегнуваат во бременоста. Исто и меките сирења кои не се пастеризирани (на пример, овчи или козји) затоа што можат да содржат бактерија листерија, која предизвикува инфекција листериоза што може да му наштети на вашето бебе. Сепак, тврдите сирења како пармезанот, можат да се јадат, зашто иако не се пастеризирани, ризикот од листерија е многу мал.

Непастеризирано или свежо млеко – Треба да се избегнува зашто е поголема веројатноста да содржи бактерии кои предизвикуваат труење со храна. Ако не сте сигурни во неговиот квалитет, сварете го.

Јајца – Избегнувајте живи или меко варени јајца, и производи како слатки или мајонез, во кои е можно да се користеле живи јајца, зашто може да има присуство на бактеријата салмонела. Најсигурно ви е добро да го сварите јајцето.

Месо – Џигерот не е безбеден за јадење во бременост, зашто содржи високи нивоа на ретиол (витамин А), кој може да му штети на бебето.

Другото месо е безбедно за јадење, само треба да биде добро сварено/испечено, да не се дозволи да има розеви или крвави делови.

Исто така не се препорачуваат ни преработките од месо, како што се сувомеснатите производи и паштетите.

Риба – Не смеете да јадете жива риба или ракчиња или остриги кога сте бремени, заради ризикот од труење.

Масните риби се добри за вас и бебето, зашто имаат витамини, минерали и протеини. Секако, и тие треба да бидат добро термички обработени и да не се јадат повеќе од двапати неделно.

Не смеат да се јадат ни ајкули, риби сабјарки и марлини зашто содржат високо ниво на жива. И во туната има ниско ниво на жива, затоа, не јадете повеќе од една порција туна неделно, без оглед дали е свежо приготвена или конзервирана.

Пијалаци – Ограничете го внесувањето на кофеин на 200 милиграми дневно. Тоа се две шолји инстант кафе или една шолја варено кафе (или две шолји чај, пет лименки кока-кола). Внесувањето преголемо количество кофеин за време на бременоста се поврзува со спонтани абортуси и бебиња кои се раѓаат со мала телесна тежина.

Што се однесува до алкохолот, препораките од лекарите се сосема да престанете да го пиете за време на бременоста, или барем во првото тромесечие. Ако сепак не сакате сосема да се откажете, можете да испиете мала чаша вино еднаш или двапати неделно, секако, по претходна консултација со вашиот гинеколог.