Почетна » Дива » Култура » Карневалот во Ница оваа година се шегува со „Кралот на медиумите“

Карневалот во Ница оваа година се шегува со „Кралот на медиумите“

Култура

Додека во Македонија карневалот во Вевчани се одржува за Василица, а оној во Струмица е поврзан со почетокот на велигденските пости, карневалот во Ница се одржува во „мрсен период“ пред почетокот на 40-дневниот пост за Христовото Воскресение.

Се смета дека тоа е и причината за етимолошката кованица на зборот карневал – „carne“ и „levare“ – што би значело „извади го месото“. Пред почетокот на постите жителите на Ница уживале со богата трпеза . Власта во тој период толерирала секаков вид на екцеси, вклучувајќи и шеги на сечија сметка – се до „мрсниот вторник“ (Mardi Gras), последниот ден пред почетокот на постот. Најстариот пишан запис за карневалот во Ница датира од 1294 година, кога Грофот на Прованса, Шарл Анжу, запишал дека „уживал во забавните денови на карневалот во Ница“.

Исто така запишано е дека карневалските чествувања имале прекин во времето на Наполеон и француската револуција, а враќањето доаѓа откако во 1830 година триесетина поворки танцувале во чест на владетелите Шарл-Феликс и Марија-Кристина, со што биле поставени темелите на идниот краневалски концепт. До 1872 година забавата на улиците се правела со фрлање конфети, мавање со јајца и посипување со брашно. Се смета дека од 1873 година започнува организираното тематско славење, кога бил „претставен“ Кралот Карневал Први, а во 1882 година пречекан е Неговото Величество Дворскиот Шут.

Традиционално поворките поаѓаат од плоштадот Масена (каде што преку ден се изложени маските), а вечерното дефиле се движи кон крајбрежјето познато како Променадата на Англичаните, при што вкупниот број на учесници е околу илјада. Оваа карневалска традиција со играње и пеење е најблиска до онаа во Рио, бидејќи целата манифестација прераснува во одлична улична забава, со луѓе кои се вклучуваат во поворките најчесто за да се фотографираат или „избудалат“ како што доликува на една карневалска манифестација.

Денес оваа манифестација се смета за светски настан кој привлекува еден милион туристи во градот на Азурниот Брег, што го прави да биде во онаа врвна класа, заедно со оној во Венеција и Рио де Жанеиро. Карневалските традиции се почитуваат со векови, а една од најпознатите карневалски манифестации во Европа е онаа во Ница, каде што секоја година се менува главната тема која е лајт мотив за маските на учесниците. Во 2016 година, темата е „Крал на медиумите“, погледнете ја официјалната галерија на фан страната на „Facebook“.