Почетна » Рецепти » Бели печива » Калцоне со пилешко и песто сос

Калцоне со пилешко и песто сос

Бели печива

Ако сакате пица, сигурно ја сакате и нејзината варијанта која е полесна за ракување  – преклопена пица, таканаречена „калцоне“, па уште и во комбинација со пилешко месо и претходно подготвен песто сос, кој го имате во нашата архива на рецепти, вкусот е апсолутно неодолив.

Состојки: (за 4 парчиња)

275 грама брашно

1 прашок за пециво

1/2 лажиче сол

175 мл вода

3 лажици маслиново масло

400 грама пилешко филе

200 грама моцарела (или кашкавал)

2-3 лажици сос „песто џеновезе

зачини по вкус.

Подготовка:

Пилешкото измијте го, истапкајте го со салфетка и исечкајте го на коцки. Во тава за пржење загрејте 2 лажици маслиново масло и пропржете го месото додека не добие златно жолта боја, па тргнете го настрана да се излади.

Во подлабок сад ставете ги брашното, солта и прашокот за пециво, па измешајте ги. Додајте им ја водата и една лажица маслиново масло и измешајте го миксер за тесто или рачно додека не добиете мазно тесто. Тестото поделете го на четири еднакви дела, и на набрашнета површина растегнете го секое топче во круг со размер од 20 сантиметри.

На пилешкото додајте му ги моцарелата исечкана на помали коцкички, песто сосот и зачините и убаво измешајте. Оваа смеса распоредете ја на половината круг од секој од четирите теста. Тестото потоа поклопете го со празниот дел и полека стиснете ги рабовите, за да се затвори убаво смесата во внатрешноста на тестото. Готовите калцоне префрлете ги во тава за печење на која сте ставиле хартија за печење и печете ги во претходно загреана рерна на 215 степени околку 20-25 минути.

Вака подготвената „преклопена пица„ можете да ја сервирате топла, но овој богат специјалитет ја задржува големата популарност на традиционалното „калцонe“ кое можете да го понесете со себе доколку брзате или сте пошле на пат.