Почетна » Рецепти » Бели печива » Лесна погача со јогурт

Лесна погача со јогурт

Бели печива

Не грижете се ако не сте експерт за месење, ова е проверено меѓу најлесните работи од тесто што можете да ги приготвите.

Без оглед дали ќе посакате да ги изненадите  домашните за појадок или пак ќе ја употребите погачата како декоративен додаток на вашата гостинска софра, комплиментите нема да изостанат!

Состојки:

2 јајца

1 чаша јогурт

1 квасец

0,2 литри вода

1 лажиче шеќер

1 лажиче сол

околу 800 грама брашно

сусам за посипување

150 грама маргарин за мачкање

сирење по желба

Подготовка

Квасецот ставете го да стасува со малку вода и шеќер , додека да се запени. Во брашното додајте ги јајцата, солта, јогуртот и надојдениот квасец, а потоа замесете го тестото. Оставете го 5 минути да се „одмори“, па растегнете го во голем правоаголник, со дебелина од 5 мм. Премачкајте ја кората со маргарин. Ако ставате сирење, сега можете да го нарендате врз маргаринот.

Кората завиткајте ја во ролат и исечете ја парчиња од по 4-5 цм (треба да ви дојдат околу 12). Наредете ги овие ролатчиња легнати во тркалезна тава, но со поголемо растојание меѓу себе, зашто ќе надојдат.

Ако не ви се чека да се удвојат во големина, може да ги попрскате со малку вода и да ги ставите да стасаат во рерна на 70 степени. Кога ќе стасаат за да се спојат меѓу себе, попрскајте ги со сусамот и по малку маргарин одгоре и ставете ја погачата да се пече на 200 степени додека не поцрвени одгоре (околу 35-40 минути). Кога ќе ја извадите, покријте ја со сува крпа.