Почетна » Дива » Интервју » Интервју Викторија Лоба: Сама свој (најдобар) менаџер!

Интервју Викторија Лоба: Сама свој (најдобар) менаџер!

Интервју

Викторија Лоба веќе нецела деценија егзистира на македонската професионална естрада и трпеливо го гради својот имиџ откако во 2003 година нејзината кариера започна со учество на детската евровизија.

Во интервјуто за „Дива“, Викторија ни откри повеќе нови моменти од нејзиниот живот, кои како и се друго во што е инволвирана шармантанат Русинка, зрачат со позитивност.

ПРОФЕСИОНАЛНО: Отворени хоризонти за нови идеи!

ДИВА: Здраво Викторија, нашето интервју се случува откако дознавме дека од неодамна си вработена во приватна компанија. Прво што ни доаѓа на ум е што ќе се случи со твојата кариера која ја развиваш веќе 15 години, зарем се повлекуваш од естрадата?

– Никако! Мојата музичка кариера нема да страда, напротив јас сум полна со нова креативна енергија која сакам да ја искористам за да се доразвивам на музичкото поле, а исто така да стекнам големо искуство во областа на маркетингот. После завршувањето на студиите во „Бизнис Академијата Смилевски“ се вработив на должност Директор за маркетинг и продажба во македонската компанија за архивирање на податоци „Контего“. Секако сега имам многу помалку време за приватните обврски, но во овој период од животот чувствувам дека морам да го дадам својот максимум и да го покажам својот потенцијал. Креативноста и желбата за напредок е нешто што тлееше за време на студиите, сега мислам дека дојде моментот за реализација на моите планови.

ДИВА: Во јавните настапи низ медиумите ти отворено кажуваше дека студираш маркетинг и менаџмент, па интересно би било да се дознае како се одлучи на таков чекор, ако веќе претходно го заврши средното музичко училиште и беше посветена на естрадата?

– По завршувањето на државното музичко училиште „Илија Николовски- Луј“ на отсек соло пеење сфатив дека музиката секогаш ќе остане моја прва љубов и основна професија, но сепак решив дека сакам да учам нешто исто така креативно, меѓутоа по различно од пеењето. Бев жедна за нови знаења, нешто што ќе ме заинтригира и долго време размислував што е тоа што би ми било задоволство да го изучувам и потоа да го работам покрај музиката, а сепак да има поврзаност со неа. Мојата првична идеја беше да се едуцирам во областа на маркетингот и менаџментот за да бидам сама свој менаџер како што и сум последниве неколку години, но тука се појави и „Контего“ со интересна понуда и решив да ја прифатам.

ДИВА: Но, не е само дипломата во прашање, ти всушност продолжуваш со студиите за да магистрираш. Како успеваш да најдеш време за се? Имаш ли некоја секојдневна рутина? Од настапи, работа, учење, па се до одморот, одржување на убавината, фитнес, козметика, фризер, шминка…

– Така е, продолжувам со постдипломските студии по Стратегиски менаџмент исто така на „Бизнис Академијата Смилевски“. Тука неможам а да не го искажам своето задоволство од искуството за време на студирањето на БАС, професионализмот и достапноста на професорите многу ми помогнаа и ми го отворија хоризонтот за нови идеи и нивна реализација. Како наоѓам време? Па кога секој ден ти е исполнет со обврски кои вистина те хранат со позитивна енергија, тука секогаш може да се направи добра организација. Моментално успевам се, и да снимам во студио и да ги завршувам обврските во фирма, а кога сакам да се релаксирам и да одморам душа одам или во спа центарот во Хотел Русија или на релакс масажа во „Афродита С“. Може звучи како реклама, но тоа се навистина моите омилени места за релаксација.

ДИВА: Логично би било да се заклучи дека промената на факултетското образование можеби значи и дека не те привлекува кариерата во опера, ниту во хорските колективи, или пак можеби тој предизвик го оставаш за подоцна?

– Кариерата во опера не ме привлекува, иако многу ја сакам операта и можеби некогаш повторно ќе си ги вкрстиме патиштата.

ДИВА: Претходно имаше изјавено дека можеби некогаш би сакала да бидеш водителка, а ние имавме можност да те видиме во таква ролја минатата година на прославата за 10-годишниот јубилеј на Лукоил. Дали се чувствуваше поразлично во таква улога пред аудиториумот во МНТ?

– Јас не се доживувам како пејач туку како артист, а во таа професија спаѓа секако и јавното говорење и тука се чувствувам удобно. Сакам да презентирам, меѓутоа не би го работела тоа како основна професија.

viktorija loba bas

ПРИВАТНО: Заедничко потекло со Чехов и Чајковски

ДИВА: Веројатно ти е здодевно да те прашуваат за руското потекло и доаѓањето во Македонија кога си имала само осум години (1996), но нам навистина делува како недораскажана приказна. Какви спомени имаш од детството во приморскиот град Таганрог, од семејството во Русија?

– Имам најубави спомени и искрени радосни емоции кога ќе се присетам на мојот роден град, се трудам да го посетувам почесто затоа што секогаш после враќањето во Македонија позитивните емоции уште долго ме држат.

ДИВА: Таганрог е родно место на Антон Павлович Чехов, а своевремено дел од својата младост таму поминал и Пјотр Илич Чајковски. Имајќи предвид дека градот и не е толку мал, речиси половина од Скопје, со што успеаја нашиот град и Македонија да те пленат за да одлучиш да останеш овде?

– Со можностите кои сметам дека ги имам на ова поднебје, со љубезноста на народот и секако одлучувачки фактор е мојата мајка која работи тука во Македонија.

ДИВА: Сепак според она што го пишуваш на „Facebook“, се уште следиш што се случува таму: му се израдува на златниот медал во ракомет на Олимпијадата во Рио, го честиташ денот на победата 9 мај, изразуваш сочувство за авионот Дубаи – Ростов итн. Можеш ли да објасниш колку и како ја одржуваш врската со Русија?

– Секојдневно читам вести и комуницирам со моите пријатели од Русија, секако дека ме интересира што се случува во мојата родна држава и секогаш ги преживувам настаните поврзани со неа, посебно се радувам на успесите.

ДИВА: Ако добро сме прочитале од претходните интервјуа, одиш во Русија еднаш до два пати годишно. Освен што те викаат „Викулја“, која е најголемата разлика што ја чувствуваш кога одиш таму? Те прашуваат ли можеби „кога ќе се мажиш“ или да им раскажеш за вереникот?

– Кога сум во Русија секогаш се чувствувам како на одмор, иако сум дома, а времето го поминувам исклучиво со своите пријатели и роднини кои секако дека ги интересира мојот живот во Македонија и постојано ме распрашуваат. Често имаме гости од Русија кои сакаат да ја видат нашата држава, а посебен впечаток најчесто им остава Охрид со својата природна убавина, култура и почит кон верата.

ДИВА: Каде се те однесе естрадната професија на патувањата низ Македонија и светот? Каде би сакала да се вратиш повторно, а каде би сакала да отидеш за прв пат?

– Мислам дека нема место во нашата република каде немам настапувано, буквално го имам посетено секој град и секаде сакам да се вратам повторно. Го уживам друштвото на своите фанови каде и да одам и тоа е причината поради која творам музика.

viktorija loba fitness

НЕЗАДОЛЖИТЕЛНО: Хипотетичка трампа со Адел, телото за гласот?

ДИВА: Твојата кариера е пример за тоа дека кога се сака нешто, мора да се работи плански за да се стигне до посакуваната цел. Од настап на детската евровизија, преку средно музичко училиште, до естраден уметник. Колку беше напорен тој пат за тебе и што би им препорачала на оние кои би сакале да направат своја кариера?

– Не ми беше толку тешко бидејќи посветеноста е моја силна страна. Посветеност и многу вежбање е тоа што го бара музиката за возврат. Без едукација и без постојано надоградување сметам дека е тешко да постигнеш успех и секогаш ќе имаш чувство на сомнеж дали тоа правилно го работиш.

ДИВА: Кога би морала сега да подвлечеш линија и да ја сумираш својата кариера, што би издвоила како успех на кој се гордееш, а што сметаш дека ти недостига во твојата професионална биографија?

– Секој мој настап, секоја моја песна за мене е мал или голем успех. Сметам дека имам уште многу да работам на нови песни и видео записи, на тоа поле сум постојано активна.

ДИВА: Во јавните настапи секогаш си смирена, опуштена, весела, навистина зрачиш со позитивна енергија. Постои ли нешто на светот што би можело да те извади од такт, да те расплаче? Колку „те држи“ некое такво негативно влијание и како се справуваш?

– Ме плашат природните катастрофи, болестите и суровите луѓе. А да се справам со негативните влијанија ми помага поддршката на моите најблиски.

ДИВА: Кога зборуваме за опуштање од притисокот, што најмногу ти годи? Преферираш ли кафе со пријателките или повлекување „во сенка“ со добра книга или филм?

– Најчесто сакам доколку сум во можност да отпатувам некаде, на некоја дестинација каде не сум била и така најмногу се опуштам и ги полнам батериите.

ДИВА: Која е најголемата жртва што би ја направила за музиката? Некои актери за одредена ролја ја качуваат телесната тежина и по 10-20 килограми. Хипотетички: би прифатила ли „трампа“ со Адел, таа да го има твоето тело, а ти нејзиниот глас и песни?

– Интересно прашање 🙂 Можеби и би прифатила, со тоа што веднаш би започнала со режим (исхрана и вежбање – н.з.), и како „Адел“ пак би имала вита става, хехехе 😉

viktorija loba behavior