Почетна » Рецепти » Слатки » Едноставен колач со отмено име – Дамски каприц

Едноставен колач со отмено име – Дамски каприц

Слатки

Се смета дека овој колач потекнува уште од времето на Австро-Унгарија, кога наместо со мармалад го правеле со рибизли, а вие слободно пробајте со што повеќе ќе ви се допадне. Не се знае од каде го научиле нашите баби и мајки, но бидејќи е лесен и не е скап, веројатно сите состојки веќе ги имате дома.

Состојки:

5 јајца

100 грама шеќер (плус уште 4 лажици за филот)

200 милилитри млеко

200 милилитри масло

300 грама брашно

1 прашок за пециво

1 ванилин шеќер

4 лажици мармалад од кајсии или сливи (ако немате рибизли)

по желба рендана кора од лимон, лажичка рум

Прво ги одвојувате жолчките од белките, па жолчките ги матите со шеќерот и ванилата, ако сакате кора од лимон или рум, па потоа го додавате млекото, маслото и на крај брашното со пецивото. Печете во правоаголен плех 20 минути, на 180 степени, или проверете го кога чепкалката со која ќе го боцнете ќе излезе чиста. Кога ќе ја извадите пандиспањата, посипете ја со рибизли, или премачкајте ја со 4-5 лажици мармалад најдобро од кајсии или сливи. Потоа врз него премачкајте ги со претходно изматениот цврст снег од белки со 4 лажици шеќер. Вратете го колачот во рерна уште 15-20 минути на умерен оган за да се засушат белките. Колачот е убав и топол, ако не можете да чекате да се излади 🙂